Кога градот полека ќе почне да тоне во сон, а обврските конечно ќе престанат да ѕвонат, тогаш почнува вистинската работа.
Откако Пере го прифати предлогот за колекционерската маица што му го образложив пред неколку дена, седев во канцеларијата, која повеќе личи на стан за живеење и го планирав проектот. Дневната изгледа нормално, скоро мирно, ама другата соба – темна, осветлена од четири екрани закачени на Lenovo Legion (се чита Леново Лиџ’н) веќе личи на место каде што идеите или преживуваат, или исчезнуваат. До него, XPS-от стоеше како резерва, чисто за да имам чувство дека ја имам контролата, дури и кога ја немам.

Не чувствував притисок, туку нешто поопасно – јасна слика дека ова мора да се направи како што треба, а не само да се направи. Така се раѓаат идеите за убави работи – кога ќе биде човек малку сам и далеку од градскиот шум, па и кога ќе има луксуз по малку да се досадува.
„Тетратката“ (одамна е заменета со лаптоп) пред мене не беше полна со детали, туку со насоки. Не сакав да се удавам во планирање, туку да поставам доволно стабилна рамка за проектот да може да се движи. Дизајн, материјал, фотографија, луѓе – четири зборови што звучат едноставно, ама зад нив се криеше цел процес што требаше синхронизирано да функционира.






Кафето до мене одамна беше ладно, ама тоа никогаш не било знак дека ноќта е завршена. Станав, направив круг низ собата, и сфатив дека имам доволно – не сè, ама доволно за да се почне. А тоа е секогаш најважното. „Играта“ може да започне!
Знам дека на маицата сакам да има фотографија од Пере или од сите членови на Нокаут. Јас и Пере бевме прагматични во изборот на фотографијата. Изборот падна на една фотографија од фото-сесијата на Пере направена во октомври 2023, еден месец пред анплагд (unplugged) концертот што се одржа во ноември 2023 на кој гостуваше Брејк. Автор на фотографијата е Ѓорѓи Оровчанец.
Прво, истражував за производството на производот. Кој би можел да ја реализира визијата, кој би бил најсоодветен. Не барав само изведба, туку карактер но и луѓе (партнерски пристап) со кои би сакал да соработувам, место каде што брендирана етикета што ќе треба да се произведе нема да биде само формалност и каде што маицата нема да биде само производ. Во белешките стоеа правци, градови, логика но и список на имиња со кои сакав да ги освежам контактите. Времето на реализација е важна димензија за проектот – покрај квалитетот еден од кличните фактори (driving factor).

Бев во Штип, да освежам еден стар контакт и да се осигурам за најважните аспекти за производството на маицата. Имав пријатна и продуктивна средба со еден стар познаник со кој случајно се запознав на Заум, Охридско. Клучните критериуми ги потврдив со сопственикот на еден сериозен погон во Штип што може да го произведе она што сум го замислил.
Објаснувам јас на средбата:
„Потребна ми е автентична маица што нема да изгледа уморно по неколку носења, туку ќе старее достоинствено, како добра песна.“
Добивам одговор дека Никола Патриклиски веќе има женски струкиран модел што одговара на барањата. Заминувам задоволен од состанокот во најпопуларното штипско кафуле за да се напијам кафе додека ја ажурирам финансиската конструкција за проектот.

Го побарав Урош Вељковиќ, човекот кој идеално ги комбинира уметноста (особено музиката), графичкиот дизајн и подготовката за печатење – вештини неопходни за креирањето и подготовката на дизајнот за печатењето на маицата. Дизајнот ми беше важен, според претходно провереното, сè друго ќе оди полесно.
„КАААЈ СИ БЕ УРОШЕ!?“, се дерам јас на мојот мобилен.
„ЕЕЕЕЈ БРАТЧЕ! ШО ПРАИШ БЕ?“, се јави Урош на мојот повик.
Му објаснив кратко, без многу украсување – дека не правиме обична маица за merch (м’рч), туку нешто што треба да има тежина, нешто што ќе изгледа како да припаѓа на некоја приказна, а не на полица. Урош беше повеќе од среќен да учестува со неговите вештини како графички дизајнер.
Во меѓувреме работите почнуваат да се шират. Јасно ми е дека ќе ми биде потребно повеќе време за да го направам ова како што треба. Ќе треба некој да ми помага при реализацијата на проектот, па планирање и реализација на промоцијата на производот, продажба, дистрибуција… Ова е повик за Робин (Бетмен и Робин).
„Синко! Ќе помагаш?“, го прашувам Максим Буралиев преку телефонот.
„Ќе помагам!“, одговара тој среќен.
„Од денес си оперативен асистент!“, му велам јас, а тој се смее.
Му направив корисничка сметка (user account) на Линеар (Linear), и му го дадов планот.

Татјана Б. Ефтимоска влезе во приказната за да се грижи за зборовите, затоа што кога нешто треба да трае, и најмалите детали имаат тежина. Ја побарав Татјана да ја прашам дали ќе може да го провери македонски јазик на лендинг мејџот (четај веб страница посветена на овој проект и производот во изработка) што сам го направив со помош на AI Studio на империјата Гуг’л (Google) (Скајнет доаѓа!). Додека јас и објаснам на Татјана што ми треба, тесктот на веб страната веќе беше прегледан и коригиран.
По неколку дена повторно го побарав Урош.
„Ја виде спецификацијата со барања што ти ја испрати Максим?“ го прашав.
„Еј! Да да! Ја видов, јасно ми е што треба,“ одоговори Урош самоуверено.
„Ајде да го затвориме дизајнот,“ му реков.
И во тој момент, идејата престана да биде само план. Почна да станува стварност.