Ајде симињај се!

Улица 22, кафуле во центарот на Скопје

Му ѕвонам на Пере (Нокаут), сабајле, тамам кога човек почнува да се лаже дека денес ќе биде продуктивен.

„Ајде симињај се!“ Без објаснување. Без контекст. Само тоа.

Од другата страна на линијата молк од неколку секунди.
„Мене ми збориш?“, се огласи Пере.
„Да, тебе ти зборам бе!“, му кажувам јас дирекнто и почнуваме двајцата да се смееме.
„Ајде доаѓај на кафе во Улица 22.“, му објаснувам јас каде е тоа, а него не му требаше многу време за да се спреми и да дојде со неговиот велосипед.

Обично станувам како вампир во ниедно време рано наутро (имам и јас свои демони), цупкам и чекам локалното кафуле да отвори. Јас веќе сум блиску до „Улица 22“. Малото кафуле што нема намера да биде ништо повеќе од тоа што е – добро кафе, нормални луѓе и нормални муабети. Баш како што треба.

Седнувам. Кафето доаѓа без многу филозофија.

Ете го Пере кај иде од доле со велосипедот. Го гледам Пере и си викам – 30 години Нокаут. Три децении музика, сцена, луѓе, приказни, но и главоболки… и ме фаќа мерак да се приклучам на прославата по повод три децениското постоење што Нокаут активно го слави оваа година, 2026, преку нивните редовни настапи и голем концерт што е најавен за 9 мај во Скопје.

„Ники, ми текна!“ му велам. Тука обично почнува и проблем и добра приказна. Добра приказна затоа што кога имам активности поврзани со уметноста и музиката не може да биде лошо, но проблемот е што отварање уште еден работен тек во мојот список знае да направи проблем на веќе сите постоечки активности со што си правам притисок сам на себе. Но, некогаш тешко човек да оди сам против себе, а и меракот е заебана работа!

„Сакам да правиме една маица – мрч. Уствари, не сакам да правиме маици,“ продолжувам. „Сакам да направиме… нешто што ќе остане. Артефакт!“

Ме гледа. Оној поглед што значи „ај да видиме до кај ќе одиш“.

„100 до 300 парчиња. Не повеќе. За луѓе што стварно го сакаат Нокаут, твоите песни и тебе како фронтмент на бендот. И на нив, фотографија што никој ја нема видено. Фотографија што никогаш не била објавена и што никогаш нема да се објави во јавноста.“ Тука веќе се насмевна.

„Која фотографија?“ ме прашува.
„Е сега, која фотографија. Од кај да знам, ќе треба да одбереме нешто.“ Секунда тишина. Онаа добра тишина.
„Имам јас некои фотографии направени не концертот во Кале пред 15 години…“ продолжувам јас да нафрлам идеи и да се проверувам каде се сум направил фотографии од настапите на Нокаут што може да бидат интересни во контекстот.
„Дај ти некоја фотографија, сигурно имаш многу.“ ја префрлам јас топката кај него.
„Абе имам, ама многу ми останаа кај @*#$^&28…“ па продолжи да мрмори нешто.

Мене ми требаше само потврда од него дека му се допаѓа генералната идеја и да ми даде амин (читај доверба за да си играм со брендот Нокаут и Пере), а деталите ќе остане да се разработат на следното кафе. И тамам мислам дека ќе застанеме тука па ќе смените тема на дискусија, он продолжува :
„А што ако… има приказна со секоја маица? Или некој знак… нешто што ќе ги поврзува?“
Е тука Пере влегува во режим „…да направиме неколку различни маици со стихови од некои од песните…“ па спомнува оваа песна, онаа песна. Јас го гледам превртуем со очите оти моево мозоче одма почнува да калкулира колку работа е сето тоа за да се направи да биде така како што иницијално сум го замислил (етикета надворешна што ќе треба да се прави во Тетово, дизајн на маица од моден креатор во Штип, графички дизајнер за дизајнот, па да се најдат сите фотографии и да се побара „Амин“ од фотографите, па и сите луѓе што се на фотографијата и веќе почнува да ми „чури мозочето“)

Јас го враќам малку назад.
„Полека. Ај прво да направиме едно. Да видиме како дише, па после ќе видиме на која страна ќе тргнеме.“ Се смееме. Класика. Знаеме дека ако тргнеме предалеку, ќе завршиме со 17 идеи и ниедна реализација – тоа е проклетството на сонувачите и уметниците. Среќа јас имам добра доза синапси на оперативец и напаѓач на идеите, па ја враќам работата на колосек.

„А вака… едно парче. Сто парчиња, всушност. Доволно за да има тежина. Доволно за да има приказна. И да биде посветена на група луѓе што ќе бидат навистина најверните фанови.“

„Ај да излеземе надвор да запалам едно цигарче“ ме прекинува Пере. Мене пак ко ќе ми спомнеш цигара, коса на глава ми се крева. Ама тоа е, животот е компромис и тоа во најголем случај „разумен компромис“ – Тој сакаше цигарче, а надвор уште ладно (утринска свежина), јас не сакав цигарче и искочивме надвор на цигарче. Тоа е, разумен компромис.

Не зборуваме за продажба. Не зборуваме ни за цена. Зборуваме за тоа како нешто обично како маица може да стане нешто што ќе стои во плакар… ама ќе значи повеќе од пола гардероба. Нешто што ќе може да се носи кога сопственикот ќе посака да го носи, но сепак да биде и своевиден сувенир и артефакт кој можеби по број на години ќе има некаква друга – многу поголема вредност. Попатно, ќе се забавуваме и ќе ја збогадиме програмата и понудата од Нокаут за фановите, особено оние најверните во оваа јубилејна година.

Кафето се олади. Муабетот не. Стануваме, секој на своја страна, ама со исто чувство – дека ова не е само идеја. Ова е нешто со што ќе може да се натпреварува на културното поле, ако не во светот барем во регионот. Ова е почеток на нешто што ќе има душа. А за душа… секогаш треба прво кафе.

ПРОДОЛЖУВА…

Total
0
Shares
Related Posts