Скопје, Северна Македонија – 6 јуни 2026 година – Љубителите на музиката, колекционерите и сите оние кои ја ценат аналогната магија на звукот ќе имаат можност да присуствуваат на едно од најзначајните музички случувања во регионот. На 6 јуни 2026 година, во Diamond Mall во Скопје ќе се одржи IRAEF Diamond Mall 2026 Vol.2 – International Record and Audio Equipment Fair, настан чиј централен дел ќе биде најголемиот регионален Саем на винили, посветен на винил-културата, музичкото издаваштво и висококвалитетната аудио опрема.
Настанот ќе обедини повеќе од 30 изложувачи, издавачки куќи, колекционери, продавници за винили и аудио експерти од Северна Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Германија, Италија и Холандија. Посетителите ќе имаат можност да купуваат, разменуваат и откриваат ретки винилни изданија, колекционерски примероци и аудиофилска опрема во текот на целодневната програма.
Саем на винили: Регионален собир на колекционери и издавачи
Главниот дел од настанот ќе се одвива во Атриум 1, каде од 10:00 до 22:00 часот ќе биде поставен големиот Саем на винили со учесници од Македонија и странство. Меѓу најавените изложувачи се No Plan Records од Германија, Goodwill Records од Италија, Yugovinyl и Discom од Србија, Soul Searchin’ од Бугарија, како и бројни македонски издавачи и колекционери како Чув Де Чув Records, Corpus Delicti Records, Q Records, Duris.MK и други.
Паралелно со саемот ќе функционира и специјализирана берза за аудио опрема во Атриум 2, каде посетителите ќе можат да се запознаат со најновите трендови во аналогната репродукција на звукот, грамофоните и hi-fi системите. Свои презентации ќе имаат AudioKultura, Zec Electronics, Слушална.мк и други познати имиња од домашната аудио сцена.

Премиерно преслушување на првиот винил на Тоше Проески
Еден од најочекуваните моменти на годинешниот Саем на винили ќе биде премиерното преслушување на првото винилно издание на Тоше Проески – „Игри без граници“. Настанот претставува значаен момент за македонската музичка историја и ќе им овозможи на посетителите ексклузивно да го доживеат ова издание во аналоген формат.

Промоции на нови винилни изданија и средби со авторите
Во текот на денот посетителите ќе имаат можност да присуствуваат на серија промоции, разговори и потпишувања со музичари и автори.
Во Атриум 1, под кураторство на Александар Сандревски – Марсо, ќе бидат претставени изданија од Вел, Беседа, Јордан Костов, Тони Зен, Нема Лабаво, Алембик, Драган Даутовски, Т.Б. Трачери, Пука Козметика, Kung Foolish, Суперхикс и легендарните Леб и сол.
Во Атриум 2, програмата на Игор Ангелков ќе понуди промоции на изданијата „Welcome to Ѓорче“, „Далеку од вистинското нешто“ на Луфтханза, „Од изворот на изборот“ на Тони Зен, како и нови изданија од No Plan Records, Goodwill Records, Дина Јашари, 100ren и K-15 Дуо Трио.


Панел-дискусии и музички квиз
Во соработка со Литература.мк ќе се одржи панел-дискусијата „Музичко издаваштво во Македонија – лет во место?“, на која ќе учествуваат претставници на водечките независни издавачки куќи во земјата. Панелот ќе го модерира Љупчо Јолевски.
Подоцна во текот на денот ќе се одржи и музички квиз под водство на Дарио Адамиќ од Германија, наменет за музички ентузијасти и познавачи на домашната и светската музичка сцена.



Аудио технологии и меѓународни презентации
Специјално внимание ќе привлече презентацијата на SONY DADC Vinyl Pressing Factory (фабрика за финилни изданија) од Австрија, една од најпознатите фабрики за производство на грамофонски плочи во Европа. Посетителите ќе можат да дознаат повеќе за процесот на производство на винилите, како и за современите трендови во индустријата.
Дополнително, претставници на германската No Plan Records и италијанската Goodwill Records ќе ги презентираат своите каталози и активности, отворајќи простор за нови регионални соработки.

DJ програма и изложба посветена на македонската рок историја
Во текот на целиот ден, просторот Gourmet Street ќе биде домаќин на специјална DJ програма со настапи на Simeon Lotti, Коко, Geto Rudi, Bojan Gavrilovic, DJ Ceka, Pavlos Wax и DJ Skill.
Посетителите ќе можат да ја разгледаат и изложбата поставена во ходникот помеѓу двата атриума, која ќе содржи фотографии на платно и оригинални текстови од историјата на македонската рок сцена.

Прослава на винилната култура во срцето на Скопје
Со богата програма која ги обединува музиката, колекционерството, издаваштвото, аудио технологијата и културната историја, Саем на винили во рамките на IRAEF Diamond Mall 2026 претставува едно од најамбициозните музички случувања организирани во Македонија во последните години.
Организаторите очекуваат илјадници посетители од земјата и регионот, со што Скопје ќе стане центар на винилната култура и музичката индустрија на Балканот барем за еден ден исполнет со звук, историја и нови музички откритија.