Второто издание на Скопје Фјури Фестивал (Skopje Fury Festival) ќе се одржи утре, во сабота, 19 септември 2026 година, но со важна промена на локацијата.
Oрганизаторите од Terrorvoid Promotions и Event Logistics одлучија фестивалот да се премести од отворениот простор на паркот на Младинскиот културен центар (МКЦ) во дансинг салата на МКЦ. Одлуката е директна последица на недоволниот број продадени билети, поради што организаторите беа принудени да ја променат првично планираната локација.
„Почитувани металци, ве информираме дека поради слабата продажба на билети, Скопје Фјури Фестивал се преместува од отворениот простор на МКЦ Парк (Open Air) во дансинг салата на МКЦ. Оваа одлука е директна последица на недоволниот број продадени билети… Свесни сме дека оваа промена можеби не е она што го очекувавте, но се надеваме на вашето разбирање и поддршка“
соопштија организаторите (извор: Фејсбук страницата на фестивалот)
Фестивалот ќе започне во 12:00 часот и ќе трае целиот ден – околу седум часа чиста метал магија. Билетите се уште достапни преку Tix.mk: претпродажба по 1.800 денари, а на влезот на денот на настанот 2.000 денари.
На програмата се очекуваат силни имиња од екстремната сцена: шведските легенди The Crown (⭐главен бенд⭐), Yoth Iria, Game Over, Disavowed, Spoiled, Gargoyles и Trendkill. Одлична музика, силна атмосфера, пијалоци и храна – сè што треба за вистински метал ден.

Организаторите апелираат до сите љубители на металот да ги поддржат и да дојдат во што е можно поголем број.
„Ве очекуваме на фестивалот заедно да уживаме во седум часа метал магија! Ви благодариме за поддршката“
додаваат од Terrorvoid Promotions
Скопје Фјури е еден од ретките чисто метал фестивали во земјата и заслужува полна сала. Утре е денот – дојдете, поддржете ја сцената и направете ја дансинг салата на МКЦ да експлодира!