Секогаш мислам дека најдобрите работи почнуваат со кафе, ама се завршуваат кога веќе си гладен и сакаш ручек. Така беше и денес.
Тоа утро почна во кафулето „Броз“ во Скопје, мојот втор дом последните 10 години. Периодот од денот кога имам 10-15 минути за себе додека градската бука сеуште се буди. Таму секое утро седиме со „Надзорниот одбор“ – блиски пријатели што ги викам така, затоа што муабетите ни се како седница на голем конгломерат: анализираме сè, „поправиме“, се шегуваме на сметка на светот.

Денес Урош Вељковиќ – дизајнерот на колекционерската маица „Знаеш каде да ме најдеш…“ од серијата официјалните производи на бендот Нокаут, се приклучи на еспресото. Не е секогаш со нас, ама кога доаѓа, ја збогатува дискусијата. По иницијалното планирање на проектот и важните истражувачки и организациски активности што се одвиваа паралелно, време е за подготовка на дизајнот што ќе биде аплициран на маицата.


Максим претходно му испрати спецификација со барања за дизајнот на маицата. Клучните точки беа кристално јасни: избраната фотографија да ја зафати целата предна страна на маицата, насловот „Знаеш каде да ме најдеш…“ да стои со македонското писмо, етикетата што треба да биде зашиена на левиот ракав треба да го има логото на бендот Нокаут, а зад вратот – скриен принт со „30 години Нокаут“, „Музика нонстоп денес“ и потписот на Пере.
Кафето заврши, шегите со „Надзорниот“ стивнаа и рековме: „Ајде во канцеларија.“ ВБУ Консалтинг е само 5 минути пешки, ама доволно за да се собере мислата. Седнавме во главната соба, лаптопите отворени, екраните спремни.




Пред неколку дена Максим и јас ја разгледавме последната верзија од дизајнот што Урош ја испрати. Беше добар. Многу добар. Дизајнот го споделивме со Емилија Буралиев и неколкумина пријателки што се во таргет групата за кој го подготвуваме овој музички сувенир. Сите реагираа со „Ова е топ!“. Тие не се само пријатели, тие се тест за реалноста. Сите тие дадоа зелено светло. Знаевме дека ова е вистинската верзија и дека е време за финализирање на оваа верзија од дизајнот. Откако ќе го објавиме производот, ќе видиме дали ќе ја потврдиме нашата хипотеза за овој дизајн.

Сепак, за да бидам сигурен дека мојата и на Максим визијата и имплементацијата и деталите на Урош се изводливи, го побарав Александар Патриклиски од ЕАМ за да потврдам дека дизајнот ќе може да се аплицира на маицата. ЕAM е компанија со 300+ вработени, специјализирана за маици која изработува производи за светски познати брендови. Не сакав да ризикувам:

„Може ли ова да се штампа без да изгуби квалитет?“ му испратив порака на Вибер (Viber)
„Апсолутно,“ ми рече. „Ќе биде одлично.“ ми врати на мојата порака после 10 минути. Тоа беше сигналот што го очекував за да го финализираме дизајнот за аплицирање на маицата.




Сега, останува само финализирањето на последните прецизни корекции – големина на елементите, позиционирање, баланс меѓу фотографијата и текстот. Никој не брзаше; работевме прецизно. По неколку часа, беше на екранот, готов.
„Дај да те сликнам еднаш со дизајнот,“ му велам јас на Урош.

„Ајде сега и едно селфи за мемоарите,“ се смееме двајцата.

Времето ми прави притисок затоа што сакам маицата да биде достапна за најверните обожавателки на Нокаут пред големиот концерт на 9 мај во спортската сала Јане Сандански. Не е крај, ама е важен чекор што не можеш да го прескокнеш. Урош ги заврши промените додека јас го направам второто кафе. Додека се поздравуваме со Урош при неговото заминување, си реков – следното е во Штип. Таму маицата ќе почне да дише.
ПРОДОЛЖУВА…
