30 години Нокаут - колекционерска маица во производство - ЕАМ Штип

Производство во Штип: од конец до финален производ

Кога ја затворивме приказната со дизајнот, си реков – добро, сега почнува вистинската работа затоа што дизајн на екран е едно, а маичка во рака е сосема друго.

Околу 11 сабајле тргнавме за Штип – јас, Максим и Емилија. Немаше некоја голема драма во колата, класично наше: малку муабет, малку тишина, добра музика и она чувство дека одиме да видиме нешто што до вчера постоеше само како идеја и на екран.

Во фабриката нè пречека Александар Патриклиски, човек што веднаш ти дава до знаење дека знае што прави. Нема многу зборови, ама секој му е на место. Управува со систем од 300+ луѓе, и тоа се чувствува уште од првиот чекор кога ќе стапнеш во просториите на ЕАМ, фирмата во која тој е генерален менаџер и сопственик.

„Ајде, да ви покажам од каде почнува сè,“ ни рече. И буквално – почна од ништо. Влеговме во кола и возевме неколку минути од објектот во кој се наоѓа и административниот дел на ЕАМ, до првата хала. А таму, само конци.

    Гледаш материјал што уште не е материјал. Само влакна, процес, машина што не застанува. Од таму, преминуваме на плетење, па перење, сушење… платното поминува низ фази што не ги гледаш кога купуваш маица, ама ги чувствуваш ако не се направени како што треба.

    Емилија повремено муабетеше со Александар.
    „Од кога почнавте?“ го праша.
    Тој се насмевна малку, првпат откако дојдовме.
    „Со еден компјутер,“ рече. „Пред 35 години. За графика и подготовка за печатење.“
    Во тој момент, целата фабрика доби друга тежина. Не беше само производство, беше приказна што растела со години.

    Во еден момент, излеговме од едниот објект и влеговме во друг. Додека се возевме меѓу халите, гледав околу мене и си помислив – ова не е „фабрика“. Ова е мал индустриски град. Како да ми ги прочита мислите, Александар рече:
    „Можеме да направиме околу 3.600 маици дневно.“
    Се насмеав. „Добро,“ му реков, „ние ќе правиме 100.“ Во истиот момент му се заблагодарив на одвоеното време и можноста да го видиме целиот процес. Ова беше наше барање, да го видиме и документираме целиот процес низ фотографии, затоа што јас лично уживам во целиот процес на креирање на колекционерската маица по повод три деценискиот јубилеј на бендот Нокаут. Се радувам на крајниот производ за кој сакам да биде со висок квлитет, но попатно уживам во процесот, учење за делови од индустријата за која не сум знаел премногу, а најмногу од се уживам во запознавањето нови луѓе и можноста да поразговарам и соработувам со нив. Ова за мене не е само правење колекционерска маица за Пере брендирана како официјален производ на Нокаут, туку и истражување на неопходните елементи за потенцијален бизнис во иднина што би значел соработка со стотици македонски бендови. Но, најпрвин првиот чекор. Иако планирањето и грижа околу деталите некогаш испливуваат на површината кај мојот карактер, сепак мене Lean (Lean Production) пристапот ми е омилен.

    Продолживме понатаму – бојадисување, кроење, делови што полека почнуваат да личат на маица. Потоа дојде моментот што најмногу го чекав – печатењето.

    „Имате и технолози?“ праша возбудено Емилија.
    „Да, да, во лабораторијата се случуваат експерименти и креирање на бои со кои се бои материјалот,“ објасни Александар. Додека тие разговараат, јас како јапонец со апаратот ги фотографирам просториите и предметите за кои Александар раскажува.

    По не цела минута пешачење, стигнавме до една од халите во која се случуваше „главното“. Тоа беше главен момент за мене како фотограф (уживам во превземањето различни улоги во комплексен процес) затоа што овде ќе го видиме графичкиот дизајн нанесен на предното парче од маицата.

    Дизајнот на Урош, што до вчера беше на екран, сега стоеше под машина. „Спремни?“ праша Александар. Не одговоривме. Само гледавме. Принтот легна на платното со прецизност што не остава простор за импровизација. Фотографијата се рашири преку целата предна страна, баш како што замисливме. Текстот „Знаеш каде да ме најдеш…“ седеше точно како што треба – не наметливо, ама присутно. Тоа беше првиот „ВАУ“ момент. Луѓето се качија на месечината и се вратија, но мене ми е скоро исто чувството иако технички ова е само нанесување графички дизајн на маица со кратки ракави.

    Тој ден ЕАМ беше во знакот на портокаловата боја на Нокаут. За мене, изгледаше како цел Штип денеска да дише за овој момент. Се разбира, не беше така. Тоа бев само јас и мојот халуцинирачки ум кој уште се радува како дете кога учествувам во нешто добро што се создава. Ми се чини дека никогаш нема да ја научам најважната лекција на капитализмот и која е клучната цел поради која луѓето се здружуваат во правни субјекти наречени фирми.

    За кратко, неколку пробни примероци беа направени. Тоа е пракса пред да се пуштат сите примероци. (Трипати мери, еднаш сечи пристап) По неколку минути Максим веќе држеше еден примерок од предното парче на маицата со нанесен графички дизајн за колекционерската серија маици „Знаеш каде да ме најдеш…“ во чест на три децениското постоење и континуирана работа на бендот Нокаут.

    После тоа, процесот продолжи – шиење, составување, финална обработка. Во еден дел го видов и ракавот каде што ќе оди етикетата со логото на Нокаут. Мал детал, ама баш тој прави разлика. Ако некој мисли дека маица се прави „брзо“, особено голем прој на примероци – не бил тука.

    Во текот на прошетката, сфатив уште нешто. Ова место, EAM, не функционира како класична фабрика што само „испорачува“. Има систем, дисциплина и стандарди што објаснуваат зошто работат со брендови што не оставаат простор за грешка. И тоа не беше нешто што ни го кажаа – тоа се гледа. По повеќе од еден час, стигнавме до крајот.

    Максим стоеше со маицата во раце. Не ја облече. Само ја држеше, како доказ дека нешто што беше идеја, разговор, скица и дизајн, сега постои. Го вклучив фото-апаратот.
    – „Стој така,“ му реков. Клик. Фотографија за историја.

    Емилија се насмевна. Јас и Максим се погледнавме без многу зборови. Знаевме дека ова е тоа. На излез, му подадов рака на Александар и уште еднаш му се заблагодарив изразувајќи ја мојата почит но и во името на останатите за одвоеното време и можноста што ја имавме денес, која едноставно и не мораше да ни ја даде. Затоа заминав од ЕАМ двојно повеќе мотивиран за создавање на овој напис и следните чекори во процесот. Тие се уште по возбудливи затоа што сега ќе треба да се провери расположението на најверните женски фанови на Нокаут за ова наше мало колекционерско парче што ја одбележува три децениската работа на бендот.

    „Фала ти,“ му реков. „Не само за времето… за сè.“
    Тој само кимна, „За два дена ќе бидат готови сите 100.“
    Само 100 и ниту една повеќе. Овие примероци се колекционерски и без разлика на тоа како ќе оди нивната продажба и побарувачката, никогаш повеќе нема да има креирање дополнителни идентични примероци.

    Во меѓувреме, стомаците почнаа да кркорат, а и да не е така од Штип не може да заминеш, а да не изедеш една штипска пастрмајлија. Свративме до Локал да ја исполниме оваа „граѓанска должност“.

    Во колата назад кон Скопје, не зборувавме многу. Немаше потреба. Доволно беше што знаевме дека направивме нешто што има тежина. И дека кога ќе ја земеш таа маица во рака… ќе го почувствуваш целиот овој ден внатре во неа.

    А за да набавиш примерок од ова парче музички артефакт, доволно ќе биде да ги следиш инструкциите на https://nokaut.musicnonstop.today

    Total
    0
    Shares
    Related Posts
    Дистровид - дистрибуција на музички видеа
    Read More

    Дистровид: Платформата за дистрибуција на музички видеа што уметниците треба да ја знаат

    Откријте ја моќта на дистрибуцијата на музички видеа со Дистровид. Без напор допрете до повеќе гледачи, ангажирајте ја вашата публика и генерирајте приход.