Седумдесеттите беа златната ера за рок музиката, деценија во која се родија легендарни рок бендови и изведувачи на класичнита рок музика. Тоа беше ера на гласни електрични гитари, моќен бас, громогласни тапани и легендарни вокали. Од суровата енергија на Black Sabbath, Deep Purple или Led Zeppelin до симфонискиот звук на Pink Floyd и бунтовничките химни на Ramones и Clash, врвните бендови од 70-тите дефинираа повеќе од една генерација, а нивната музика влијае и на музиката денес. Накратко, 70-тите донесоа сеизмичка промена во музиката, а нејзиното влијание сè уште го чувствуваме. Не е изненадување што фановите сè уште ги обожаваат музичките бендови од 70-тите и изведувачите на класичниот рок од оваа ера, нивната музика е одлична, а за своите наследници тие претставуваат икони. Разбирањето на важноста на рок музиката од 70-тите бара истражување на нејзиниот придонес во различни области и на нејзиното трајно влијание врз различни теми.
Во оваа статија, ги откриваме факторите кои влијаеле на рок музиката од 70-тите, новите музички жанрови покренати во оваа децинија, и се разбира, ја направивме нашата топ листа со 50 најдобри рок бендови од 70-тите. Прочитајте до крајот за да го збогатите вашето знаење за рокенролот во 70-тите и да откриете извонредни изведувачи на класичната рок музика!
Благодарност за „консултантите“ кои помогнаа во создавањето на нашите топ 50 рок бендови и изведувачи на класичниот рок од 1970-тите: Тошо Филиповски, Урош Вељковиќ и Мирослав Миро Вељковиќ.
Линковите означени со симболот 🛒 (количка) се affiliate линкови. Овие посебни линкови ги следат купувањата или посетите од нашата страница, помагајќи ни да заработиме провизија. Ова ја поддржува Музика нонстоп денес.
Најпопуларните бендови од 70-тите
Во 1970-тите се родија влијателни музички жанрови, како што се панк рок, диско и хип-хоп, при што диско музиката и панк рокот се здобија со огромна популарност во текот на деценијата.
Ќе се обидеме да ви дадеме возбудлив преглед на најдобрите рок бендови од 70-тите. Прочитајте за нашиот избор на најдобрите 50 рок ѕвезди од 70-тите, нивната кратка историја, нивните најдобри зделки, по што беа тие познати, нивните хит албуми и нивните значајни песни.
Музичката разноликост на 70-тите е неспоредлива. Бендовите од 1970-тите како Led Zeppelin мешаа различни влијанија како блуз и кантри во хард рок и создадоа химни од типот „Stairway to Heaven“ и „Kashmir“. Deep Purple мешаа хард рок и класична музика и ни ја дадоа „Smoke on the Water“. Гитаристот на групата Ritchie Blackmore ја искористи 5-тата симфонија на Бетовен како инспирација за песната. Овие два генијални бендови од 70-тите заедно заедно со Black Sabbath се сметаат за креатори на хеви металот.
Не е лесно да се категоризираат Rolling Stones по децении. Бендот е основан во 1960-тите и продолжува да расте во 1970-тите. Тие издадоа одлични рок-албуми како „Exile on Main St“.
Не ги ни споменавме некои од врвните бендови од 70-тите, како The Who и нивниот огромен хит „Baba O’Riley“ од албумот „Who’s Next“ и The Eagles со безвременската „Hotel California“ или рок ѕвездите од 70-тите како Freddie Mercury и David Bowie.
Кои бендови беа познати во 70-тите? Кои беа највлијателните рок ѕвезди од 70-тите? Да ги погледнеме најпопуларните бендови од 70-тите години и да ги откриеме одговорите.
Најдобри рок бендови од 70-тите
50 The Police
The Police, кои се формираа во 1977 година, донесоа уникатен стил на музичката сцена на крајот на 70-тите и раните 80-ти. Нивниот стил беше возбудлив микс на рок, џез, реге и њу вејв. Се разбира, најголемиот дел од звукот на бендот се базираше на гласот на Sting и неговите бас линии. Додека овој бенд беше формиран во 70-тите, повеќето од нивните најголеми хитови беа направени во 80-тите. Но, тоа не значи дека немале добри песни во 70-тите. Нивниот деби албум „Outlandos d’Amour“, ги содржи некои од најголемите хитови на The Police.
ХИТ АЛБУМИ
“Outlandos d’Amour” (1978)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Message in a Bottle” (1979)
“Roxanne” (1978)
“Can’t Stand Losing You” (1978)
49 The Runaways
The Runaways имаа уникатен, суров звук полн со енергија, токму вистинската мешавина на панк и хард рок. Како и повеќето панк рок бендови во 1970-тите, нивната музика се карактеризираше со бунтовни текстови и тешки гитарски рифови. Најзначајното влијание на Runaways врз музиката беше тоа што тие беа женски рок бенд – пионер на женскиот панк рок кој ги следеше стапките на Patty Smith.
Ритам гитарата на Joan Jett и изразито лутиот главен вокал на Cherie Currie ги направија The Runaways речиси веднаш препознатливи.
ХИТ АЛБУМИ
“Waitin’ For The Night” (1977)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Cherry Bomb” (1976)
48 Cheap Trick
Cheap Trick беше микс од панк, хард рок и поп. Тие создадоа нов звук кој беше малку вулгарен, но и ѓаволски привлечен. Моќниот вокал и гитарата со многу рифови ја одбележаа нивната музика.
Првичниот звук на бендот беше мешавина од рок со привлечен поп, а настапите во живо беа многу енергични. Подоцна, тие додадоа уште повеќе компоненти на нивниот звук, вградувајќи елементи на глам и њу вејв.
ХИТ АЛБУМИ
“Cheap Trick at Budokan” (1978)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“I Want You to Want Me” (1982)
47 Alice Cooper
Alice Cooper е едeн од пионерите кој имплементираше театарски стил во музиката. Тој исклучително успешно комбинираше хорор теми со хард рок. Музиката на Alice Cooper е позната по тешките гитарски рифови и рефрените кои станаа речиси химни. Во 1970-тите, тој премина во хард рок и глам рок. Хитовите од раните 70-ти „I’m Eighteen“ и „School’s Out“ се одлични примери за тоа што всушност го направи Alice Cooper рок-ѕвезда од 70-тите. Кога ќе ги додадете спектакуларните визуелни аспекти во изведбите, јасно е дека тој го зацементирал своето место во историјата на рокот.
ХИТ АЛБУМИ
“Billion Dollar Babies” (1973)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“School’s Out” (1972)
“No More Mr. Nice Guy” (1973)
46 Joy Division
Joy Division е еден од првите пост-панк бендови. Тие се појавија во доцните 1970-ти и брзо станаа миленици на фановите. Нивниот звук се карактеризира со неверојатен квалитет, минималистичка гитара, тапани како ритам-машина и речиси задолжително ехо. Длабокиот, емотивен вокал на Ian Curtis стана симбол на пост-панкот.
Во 1980 година, непосредно пред првата турнеја во САД, Ian Curtis се самоуби; тој имаше само 23 години. Бендот имаше договор дека ако некој од членовите умре, тие ќе престанат да работат заедно. Останатите членови ја регрутираа Gillian Gilbert, вклучија втор гитарист и почнаа да работат како New Order.
ХИТ АЛБУМИ
“Closer” (1980)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Closer” (1980)
“Love Will Tear Us Apart” (1980)
45 Fleetwood Mac
Fleetwood Mac е еден од најголемите британски рок бендови кои се преселија во САД. Бендот разви карактеристичен звук кој ги спои рокот, попот и блузот. Со Lindsey Buckingham и Stevie Nicks, Fleetwood Mac го трансформираа стилот и се одлучија за помејнстрим рок и поп стил.
ХИТ АЛБУМИ
“Rumours” (1977)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“The Chain” (1977)
“Rhiannon” (1976)
44 Frank Zappa
Звукот на Frank Zappa е уникатна фузија на рок, џез, класична и авангардна музика. Го карактеризираат неговата техничка умешност, иновативните композиции и одличните текстови. Додека песните му беа сатирични, тој исклучително сериозно го сфаќаше своето свирење. Тој користеше сложени тактови, но неговото свирење гитара беше на место. Zappa стана познат во 1960-тите, а неговата кариера траеше повеќе од 30 години. Тој објави 23 албуми и одржа нешто помалку од 800 концерти во 1970-тите.
Со својот уникатен спој на сатиричен хумор и музичко експериментирање, Frank Zappa потсетува на Рамбо Амадеус
ХИТ АЛБУМИ
“Frank Zappa and the Mothers of Invention” (1975)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Muffin Man” (1975)
43 Yes
Yes се меѓу пионерите на прогресивната рок музика. Тие се познати по нивните сложени аранжмани, владеењето со инструментите и звукот што ги спојува рокот, класиката и џезот. Бендот е меѓу најдобрите, ако не и најдобриот прогресивен рок бенд.
Албумите како „Fragile“ и „Close to the Edge“ се типични примери за прогресивниот рок стил на Yes, со епски нумери како „Roundabout“ и „And You and I“.
ХИТ АЛБУМИ
“Fragile” (1971)
“Close to the Edge” (1972)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Roundabout” (1971)
“And You and I” (1972)
42 Judas Priest
Judas Priest, пионерите во хеви металот, е еден од бендовите кои силно влијаеле на обликувањето на жанрот. Тие се првиот метал бенд кој користел двојни гитари, а познати се по моќниот и оперски вокал. Сепак, Priest во 70-тите беа повеќе хард рок отколку метал бенд, но дури и во тоа време, нивната гитарска секција беше беспрекорна, а солажите беа меѓу најдобрите.
ХИТ АЛБУМИ
“British Steel” (1980)
“Sad Wings of Destiny” (1976)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Breaking the Law” (1980)
“Dreamer Deceiver” (1976)
41 Thin Lizzy
Харизматичниот Phil Lynott го предводеше овој хард рок бенд, кој стана познат по своите хармонии на главната гитара, енергичниот ритам и моќниот вокал. Благодарение на придонесот на гитаристите како Scott Gorham и Brian Robertson, нивната музика често содржеше замрсени гитарски елемнти, кои станаа белег на нивниот стил.
Нивниот музички стил започна како спој на хард рок, блуз и традиционална ирска музика, но подоцна, тие вградија елементи на панк, ганк и њу вејв во нивната музика. Текстовите на Lynott често ги допираа темите на ирскиот идентитет, уличниот живот и личните борби, додавајќи подлабок наративен слој на нивната музика.
По трагичната смрт на Phil Lynott во 1986 година, бендот се распадна.
ХИТ АЛБУМИ
Jailbreak (1976)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“The Boys Are Back in Town” (1976)
“Dancing In The Moonlight” (1977)
40 Grateful Dead
Музиката на The Grateful Dead во голема мера се засноваше на микс од фолк рок и блуз, со елементи на рок, блуграс, кантри, џез, спејс рок и реге. Но, тие беа познати по нивните живи џем-сесии, продолжените импровизации и континуирано променливиот звук. Секој концерт во живо нудеше уникатна сетлиста, а поради џем-сесиите, концертите биле исклучително искуство.
The Grateful Dead често ја сметаа музиката за жив, еволуирачки ентитет. Оваа перспектива беше основен дел од нивниот пристап кон изведбите и креативноста. Тие веруваа дека музиката не е статична и непроменлива, туку нешто што може да расте и да се трансформира во реално време, особено за време на настапите во живо. Оваа филозофија им овозможи на The Grateful Dead да ја задржат својата музика свежа и динамична, постојано да еволуираат со секоја изведба и да негуваат длабока врска со нивната публика, која беше составен дел од ова живо музичко искуство. Групата од нивните најпосветени обожаватели под името „Deadheads“ ги следеше на сите нивни концерти.
ХИТ АЛБУМИ
“American Beauty” (1970)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Ripple” (1970)
39 Patti Smith
„Кумата на панкот“ е позната по мешањето на поезијата и панк рокот. Нејзината музика се карактеризира со сирова енергија, препознатливиот вокал на Patti и поетските текстови. Но, музиката на Patti има и помека емоционална длабочина, дури и романтичен копнеж. Без никакво сомневање, Patti е рок икона од 70-тите и најголемата женска рок ѕвезда на деценијата.
ХИТ АЛБУМИ
“Horses” (1975)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Free Money” (1975)
“Gloria: In Excelsis Deo” (1975)
38 Jethro Tull
На почетокот на нивната кариера, Jethro Tull станаа познати по нивните уникатни стилови и инструменти. Бендот спои прогресивен рок, фолк, блуз, џез и класична музика. Но, нивниот заштитен знак е флејтата што ја свири фронтменот Ian Anderson. Музиката на бендот е позната по сложените ритми и тактови.
Блузот и хард рокот влијаеа на раната работа на Jethro Tull. Како што бендот еволуираше, тие додадоа карактеристики од други стилови. На нивниот револуционерен албум Aqualung, тие инкорпорираа рок и фолк елементи. Подоцна, бендот разви уште поразработен звук, експериментирајќи со долги, континуирани композиции.
ХИТ АЛБУМИ
“Aqualung” (1971)
“Thick as a Brick” (1972)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Aqualung” (1971)
“Living in the Past” (1969)
“Thick as a Brick” (1972)
37 Journey
Journey започна како прогресивен рок бенд кој инкорпорираше поп елементи во својата музика. Ова му помогна на бендот да развие стил едноставен за слушање и брзо стекна посветена база на обожаватели. Со зголемување на популарноста на мејнстрим арена-рокот, бендот го промени својот стил.
Во доцните 1980-ти, Journey го вклучи Steve Perry како главен вокал. Гитарските хармонии, незаборавните гитарски рифови на Neal Schon и вокалот на Perry му помогнаа на бендот да создаде неверојатни балади и оптимистични рок химни.
Овој премин во арена-рок беше уште поочигледен во 1980-тите. Во 1981 година, Journey го објави нивниот најголем хит, „Don’t Stop Believin“.
ХИТ АЛБУМИ
“Infinity” (1978)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Don’t Stop Believin” (1981)
36 Supertramp
Supertramp е прогресивен рок бенд познат по маестралниот начин на кој ја користеле клавијатурата во своите песни. Звукот на класичен рок на бендот е мешавина од рок и поп, со одличен вокал и духовити текстови кои ја носат нивната музика. Двата вокали на бендот фантастично функционираа заедно; едниот со груб и понизок тон и другиот со јасен и висок тон го правеа вокалниот дел уникатен.
Нивниот албум „Breakfast in America“ од 1979 година го олицетворува нивниот звук со хитовите како „The Logical Song“ и „Take the Long Way Home“.
ХИТ АЛБУМИ
“Breakfast in America” (1979)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Logical Song” (1979)
“Gone Hollywood” (1979)
35 Tom Petty and the Heartbreakers
Музиката на Tom Petty and the Heartbreakers беше лесно препознатлива поради фантастичниот глас и јужњачкиот акцент на Petty, како и поради нејзиниот микс од рокенрол, хертленд рок и елементи на фолк и блуз. Petty беше познат и по неговите текстови. И покрај тоа што тој почина во 2017 година, неговата музика сè уште ја инспирира следната генерација љубители на музиката.
ХИТ АЛБУМИ
“Damn the Torpedoes” (1979)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“American Girl” (1976)
“Free Fallin’” (1989)
34 Rush
Rush, уште еден класичен рок бенд од 1970-тите, беше добро познат по своите сложени музички аранжмани, фантастичното свирење и неверојатните текстови. Тие започнаа како хард рок бенд, а подоцна преминаа во прогресивен рок. Alex Lifeson свиреше гитара, Geddy Lee свиреше бас и пееше, а Neal Peart свиреше на тапани. Сите тие беа мајстори на инструменти. Бендот беше познат по иновации во перкусиите, спојувањето на џез елементи и симфониска музика.
ХИТ АЛБУМИ
“Hemispheres” (1978)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Tom Sawyer” (1981)
“Working Man” (1974)
33 The Doors
Стилот и музиката на харизматичниот фронтмен Jim Morrison, која ги спојува рокот, блузот и психоделијата, ги направи Doors лесно препознатливи. Нивниот звук се карактеризира со мрачен, мистериозен и донекаде хаотичен амбиент. Длабокиот глас и поезијата на Morrison го направија Doors еден од најдобрите рокенрол бендови од доцните 60-ти и раните 70-ти. За жал, прераната смрт на Morrison ги одбележа 70-тите години за овој одличен рок бенд. Тие издадоа два албума без него, но ако ништо друго, тие го докажаа значајниот придонес на Jim во музиката на бендот.
Импровизациите ги продолжуваа настапите во живо на Doors. Можеби ова никого не треба да изненади бидејќи Doors имаа тапанар и клавијатурист под влијание на џез, гитарист под влијание на фламенко и слободен дух во вокалот.
ХИТ АЛБУМИ
L.A. Woman (1971)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
Riders on the Storm (1971)
Light My Fire (1967)
32 Steve Miller Band
The Steve Miller Band, главен дел од рок сцената во 70-тите и 80-тите години, се познати по својот беспрекорен спој на блуз, поп и психоделија, создавајќи химни кои дефинираат генерација формирана во 1966 година од Steve Miller. Нивната извонредна способност да создаваат синглови за врвот на топ листите ги направи познати имиња, а култните нумери станаа химни на ерата. Дури и по 40 години, некои од тие легендарни песни ги инспирираат вистинските уметници, како на пример песната “Houdini” на Еминем (Eminem) објавена во мај 2024 година, која ја користи мелодијата од „Abracadabra“.
Еден фасцинантен факт за љубителите на рокот од 80-тите е дека Steve Miller, музичко чудо, учел гитара од легендарниот Les Paul, близок пријател на неговото семејство. Оваа врска со корените на рок историјата додава дополнителен слој на длабочина на наследството на бендот, покажувајќи како нивната музика го премостува јазот помеѓу минатото на рокот и неговата еволуција низ децениите.
ХИТ АЛБУМИ
“The Joker” (1973)
“Fly Like an Eagle” (1976)
“Book of Dreams” (1977)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“The Joker”
Take the Money and Run”
“Rock’n Me”
“Abracadabra”
31 ZZ Top
ZZ Top е широко препознатлив како еден од најголемите класични рок бендови од 70-тите. Лесно препознатливиот звук на ZZ Top е спој на блуз рок, буги и малку јужњачки рок. Бендот е препознатлив по блузерските цврсти гитарски рифови, силната бас линија и прецизните тапани. Ќе ја препознаете музиката на ZZ Top по ритамот, лирските теми кои ги истражуваат автомобилите, жените и животот на југот. Muddy Waters и Howlin’ Wolf влијаеле на музиката на бендот. Веројатно, единственото нешто што е полесно препознатливо од песна на ZZ Top е член на бендот, со препознатливите бради и темни очила кои отсекогаш беа заштитен знак на бендот .
ХИТ АЛБУМИ
“Tres Hombres” (1973)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“La Grange” (1973)
30 Heart
Американскиот рок бенд Heart се прослави во 1970-тите со препознатлив звук што спојува елементи на хард рок, фолк и поп. Основан од сестрите Ann и Nancy Wilson, Heart имаше извонреден вокал и моќни гитари и беше еден од првите рок бендови со женски фронтмен. Нивната музика влијаеше на рок звукот, но можеби најголемиот придонес на бендот беше создавањето повеќе можности за жените во рокот, отворајќи ги вратите за идните женски музичари.
ХИТ АЛБУМИ
“Dreamboat Annie” (1976)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Crazy On You” (1977)
“Barracuda” (1977)
29 Blue Öyster Cult
Blue Öyster Cult беше веројатно еден од најчудните бендови од 70-тите. Нивната музика тешко може да се подели во категории, но ако треба, може да се каже дека се микс на психоделичен и хард рок, дури и по некое влијание од хеви метал. Нивниот звук се карактеризира со одлични атмосферски клавијатури, прецизни гитари и извонредни текстови на некои од песните.
Влијанието на бендот врз хеви метал и хард рок бендовите главно вклучува пишување тематски текстови и додавање сложени структури на песните. Во 70-тите, бендот за своите текстови го регрутира британскиот автор на научна фантастика Michael Moorcock.
ХИТ АЛБУМИ
“Secret Treaties” (1974)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“(Don’t Fear) The Reaper” (1976)
““Eruption” (1976)
28 Dire Straits
Славните денови на Dire Straits се очигледно во 1980-тите, но изведувачот на класичен рок Mark Knopfler го основа бендот во 1970-тите. Препознатливото свирење на гитара и пишување песни на Knopfler го направи овој британски бенд еден од најголемите рок бендови. Чистиот звук на гитарата на Dire Straits беше под влијание на рокот, џезот и блузот.
Тие издадоа два албума во 70-тите, „Dire Straits“ (1978) и „Communiqué“ (1979). И додека најдоброто дело на бендот ќе излезе во 80-тите, една од најдобрите рок песни од 70-тите „Sultans of Swing“ се наоѓа на деби албумот на бендот.
Подоцнежните албуми имаат уште поизгладена продукција, синтисајзери и нови студиски техники. Сепак, во основата, тоа се истите мелодични гитари и вокалот на Knopfler.
ХИТ АЛБУМИ
“Brothers in Arms” (1985)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Sultans of Swing” (1978)
“Walk of Life” (1985)
“Money for Nothing” (1985)
27 The Clash
The Clash е несомнено еден од највлијателните панк рок бендови. Бендот стана познат по комбинирањето на панкот со помелодични звуци и политичките текстови. Тие спојуваа елементи на реге, даб, рокабили и ска со панк, создавајќи енергичен, суров гитарски звук кој звучеше уникатно. Оваа уникатност најдобро се демонстрира во хит нумерите како „London Calling“ и „Train in Vain“.
Музиката на The Clash одекна кај незадоволните млади луѓе во тоа време. Се работеше за бунт, но и за единство и промени.
ХИТ АЛБУМИ
“London Calling” (1979)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“London Calling” (1979)
26 Bruce Springsteen
Музиката на Springsteen комбинира традиционален рокенрол со блуз, фолк и кантри. Иако е тешко да се тврди дека Bruce е гитарски виртуоз, неговото раскажување приказни и моќниот вокал го прават најпрепознатлив. Неговите песни ги раскажуваат приказните за борбите на работничката класа, љубовта и издржливоста, што речиси веднаш одекнува кај обожавателите.
Првиот хит албум на Springsteen беше „Born to Run“. Го создал во време кога речиси бил сигурен дека дискографската куќа ќе го отфрли, но албумот стигна до 3 место на топ листата на Billboard и стана шест пати платинест.
Bruce Springsteen е американска рок икона од 70-тите и еден од најголемите изведувачи на класичен рок од 70-тите кој го носи прекарот „The Boss“.
ХИТ АЛБУМ
“Born to Run” (1975)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Born to Run” (1975)
25 Aerosmith
Звукот на Aerosmith е мешавина од хард рок, глам рок и блуз. Се одликува со брзи, цврсти гитарски рифови и препознатливиот вокал на Steven Tyler. Како и повеќето рок бендови од 1970-тите, Aerosmith се појавија во 70-тите години, но успешно продолжија во 1980-тите, па дури и во 1990-тите.
Деби албумот на бендот „Aerosmith“ ја покажува нивната „вештина“ за балади. Во текот на 1980-тите, Aerosmith го исполира својот звук, инкорпорирајќи повеќе елементи на поп, што доведе до историските песни како „Love in an Elevator“ и „Dude (Looks Like a Lady).
ХИТ АЛБУМИ
“Toys in the Attic” (1975)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Dream On” (1973)
“Sweer Emotion” (1975)
24 The Kinks
Јас не сум фан на Kinks од 1960-тите. Го ценам сето она што го направија со миксот од рок, поп и британски фолк, и го разбирам нивното влијание врз рокот, но тоа не е за мене. Гитарските рифови на некои од песните, како „You Really Got Me“ и „All Day and All of the Night“, се со највисок квалитет, а звукот на бендот влијаеше на развојот на хард рокот, панкот, па дури и бритпопот.
Во текот на 70-тите овој класичен рок бенд објави 11 албуми: „Lola Versus Powerman and the Moneygoround, Part One” (1970), „Percy” (1971), „Muswell Hillbillies” (1971), „Everybody’s in Show-Biz” (1972), „Preservation Act 1” (1973), „Preservation Act 2” (1974), „Soap Opera” (1975), „Schoolboys in Disgrace” (1975), „Sleepwalker” (1977), „Misfits” (1978) и „Low Budget” (1979).
хит албуми
“Lola Versus Powerman and the Moneygoround, Part One” (1970)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Lola” (1970)
“All Day and All of the Night” (1964)
“You Really Got Me” (1964)
23 Boston
The Boston е можеби уникатен бенд на начинот на кој е основан од инженер кој не се интересирал за музика. Tom Shultz, како дете, правел играчки авиони и автомобили. Дури кога отишол на колеџ и го открил британскиот рок, почнал да се интересира за музиката. Shultz дури создал свое студио и почнал да пишува музика. Неговата техничка брилијантност одиграла голема улога во развојот на специфичниот звук на бендот. Деби албумот на The Boston бил главен дел од арена рокот од 70-тите, а бендот имаше огромно влијание врз жанрот.
ХИТ АЛБУМИ
“Boston” (1976)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“More Than a Feeling” (1976)
22 Chicago
Chicago беа познати по неверојатниот начин на кој вградуваа дувачки инструменти во рокенрол бенд. Тие додадоа труби, тромбони и саксофони и совршено го споија тој звук со класичните рок инструменти. Нивниот звук беше спој на рок, џез и поп со сложени аранжмани. Способноста на Chicago да ги спојува жанровите и да иновира со својата брас секција го направи еден од најтрајните и највлијателните бендови во историјата на рокот.
ХИТ АЛБУМИ
“Chicago II” (1970)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“25 or 6 to 4” (1969)
“Does Anybody Really Know What Time It Is?” (1969)
21 KISS
Музиката не е првата асоцијација со Kiss. Бендот е познат по богато обоените лица, но уште повеќе по неговите настапи во живо. Неговиот звук се карактеризира со моќни гитарски рифови и донекаде привлечни мелодии. Gene Simmons и Paul Stanley брзо станаа препознатливи меѓу класичните рок изведувачи. Како и кај повеќето арена рок бендови, на концертите на бендот имаше многу театар и ефекти, од плукање крв до вдишување оган и пиротехника. Фокусот на Kiss на визуелниот аспект на концертите е една од работите на кои најмногу влијаеле, а нивното влијание врз популарноста на арена рокот било огромно.
ХИТ АЛБУМИ
“Alive!” (1975)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“I Was Made For Lovin’ You” (1979)
“Rock And Roll All Nite” (1975)
20 Blondie
Основан од рок иконата од 70-тите Debbie Harry и гитаристот Chris Stein, Blondie експериментираше со неколку музички жанрови. Бендот го најде својот уникатен њувејв звук како спој на поп, диско, рок, па дури и панк. Во раните 1970-ти, Blondie се сметаше за андерграунд бенд. Неколку години подоцна, со објавувањето на „Parallel Lines“, бендот стана пионер на њувејвот во САД.
Blondie – еден од класичните рок изведувачи од 70-тите, исто така, беше еден од првите бендови што ги прифатија музичките спотови. „Heart of Glass“ беше меѓу првите музички спотови на MTV.
ХИТ АЛБУМИ
“Parallel Lines” (1978)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“One Way or Another” (1979)
“Heart of Glass” (1979)
“Dreaming” (1979)
19 Sex Pistols
Sex Pistols се централниот бенд на панк движењето, кои се познати по енергичните гитарски рифови и потсмевниот вокал. Нивната музика се карактеризира со сурова и бунтовничка енергија, доловувајќи го духот на панкот од 70-тите. Текстовите на Sex Pistols се провокативни и политички, често со етос против естаблишментот и презир кон општествените норми. Звукот на Sex Pistols беше едноставен по структура, но моќен и влијателен, оставајќи белег на панк жанрот.
ХИТ АЛБУМИ
“Never Mind the Bollocks, Here’s the Sex Pistols” (1977)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Anarchy in the UK” (1977)
18 Derek and the Dominos
Две гитарски легенди Eric Clapton и Duane Allman ја формираа супергрупата Derek and the Dominos. Бендот беше активен кратко време пред да се распадне, но дури и во овој краток период тие го демонстрираа најдобриот блуз рок што некогаш постоел. Бендот издаде само еден албум насловен „Layla and Other Assorted Love Songs“ во 1970 година.
Како што се очекува кај албум со две гитарски легенди на песните, гитарските солажи се импресивни. Насловната песна „Layla“ нашироко се смета за најисклучителното музичко достигнување на Eric Clapton, вистинско ремек дело. За жал, неговата зависност од кокаин нè лиши од други сензационални песни. Рок-блуз стилот на свирење гитара на Allman и Clapton сè уште влијае на гитаристите.
ХИТ АЛБУМИ
Layla and Other Assorted Love Songs” (1970)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Layla” (1970)
17 Genesis
Genesis започна како прогресивен рок бенд во 1960-тите. Предводени од Peter Gabriel и Phil Collins, квалитетот на музиката на бендот воопшто не изненадува. Освен што постигнаа голем успех со Genesis, тие имаа и извонредни соло кариери. Во средината на 70-тите Gabriel одлучи да направи пауза од музиката и подоцна да се фокусира на својата соло кариера. Без Gabriel, Collins го презеде вокалот, а бендот од средината на 70-тите се префрли од прогресивен рок кон мејнстрим музика.
Нивното влијание во рок и поп музиката потекнува од работата на бендот во 80-тите, но во 70-тите Genesis беа, исто така, одлични.
ХИТ АЛБУМИ
“Firth of Fifth” (1973)
“A Trick of the Tail” (1976)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
Wind And Wuthering (1976)
Selling England by the Pound (1973)
16 AC/DC
Нема попрепознатлив рок звук од оној на AC/DC. Гитарата е цврста и енергична, а вокалот е моќен и суров. Бендот е основан од браќата гитаристи Angus и Malcolm Young во 1973 година. Тие ја објавија својата прва плоча во 1975 година. До 1980 година, тие веќе имаа седум албуми.
Во 1980 година, на бендот му се случи трагедија кога главниот пејач Bon Scott почина на 33 години. Бендот го вклучи пејачот Brian Johnson на местото на Scott, а наскоро тие го издадоа својот најпродаван албум „Back in Black.“
Кога ќе помислите на најдобрите 20 изведувачи на класичен рок, сигурно ќе помислите на AC/DC како еден од нив.
ХИТ АЛБУМИ
Highway to Hell (1979)
Powerage (1978)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Let There Be Rock” (1977)
“Whole Lotta Rosie” (1978)
“Back in Black” (1980)
15 Van Halen
Каде ќе беше светот на гитарите без Eddie Van Halen? Тој направи револуција во рокот со неговото иновативно свирење гитара, и додека неговите солажи беа речиси неспоредливи, она што беше најимпресивно беше начинот на кој создаваше песни со тапкање со прстите по гитарата, брзи арпеџа, импровизации и рифови. Заедно со присуството на David Lee Roth на сцената, тие го направија Van Halen еден од најпопуларните бендови од 70-тите. Бендот ги доживеа своите славни денови во 80-тите, но тие го издадоа нивниот најдобар албум „Van Halen“ кон крајот на 70-тите. Албумот се смета за еден од најдобрите албуми во рок музиката и веројатно најдобриот деби албум за бендовите од 1970-тите.
Солажата на Eddie Van Halen во „Eruption“ е толку добра што го стави Eddie во најдобрите 5 рок гитаристи.
ХИТ АЛБУМИ
“Van Halen” (1978)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Ain’t Talkin’ ’bout Love” (1978)
“Eruption” (1976)
14 Kansas
Kansas остави свој белег во класичниот и прогресивен рок од 1970-тите. Бендот е формиран во Канзас, а освен безимагинативното име, нема ништо досадно во него. Заедно со The Who, тие беа меѓу првите рок бендови кои користеа синтисајзери во 1970-тите. Користеа и инструменти како виолина. Овој вид на отвореност за експерименти ги издвојува од останатите бендови во 1970-тите. Kansas беа познати и по своите технички одлични концерти и тоа помогна да се полнат арените со фанови.
Бендот не се плашеше да истражува посложени теми во нивните текстови, како што се философијата и постоењето.
ХИТ АЛБУМИ
“Leftoverture” (1976)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Dust in the Wind” (1977)
“Carry On Wayward Son” (1976)
13 The Eagles
Никогаш не сум бил голем обожавател на The Eagles (така вели Дејан), но не можам да негирам дека бендот ја имаше една од најпознатите песни во 1970-тите. „Hotel California“ е веројатно една од најпопуларните песни од тој период. Звукот на The Eagles е фузија од рок, кантри и фолк, позната како калифорниски рок, а The Eagles се еден од бендовите кои го усовршија овој стил. Нивниот звук е една од дефинирачките карактеристики на американскиот рок во 70-тите. The Eagles се еден од американските класични рок бендови инкорпорирани во оваа музичка деценија.
ХИТ АЛБУМИ
“Hotel California” (1976)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Hotel California” (1976)
12 Ramones
Панк-рок пионерите The Ramones беа неверојатно енергични, брзи и гласни. Нивниот суров звук беше спротивен на глам рокот кој беше популарен во ерата. Joey Ramone (вокал), Johnny Ramone (гитара), Dee Dee Ramone (бас) и Tommy Ramone (тапани) го формираа бендот во 1974 година. Тие се совршен симбол на рок генерацијата од 1970-тите која се побуни против општеството и нормите.
The Ramones се сметаат за еден од најдобрите панк рок бендови од 1970-тите, но и на сите времиња. Како и сличните бендови, и тие влијаеа на идните музичари да прифатат поедноставни и поенергични звуци.
ХИТ АЛБУМИ
“The Ramones” (1976)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Sheena Is a Punk Rocker” (1977)
“I Wanna Be Sedated” (1978)
11 Queen
Queen е еден од симболите на рокенролот од 1970-тите. Пејачот Freddie Mercury и гитаристот Brian May се култни класични рок изведувачи. Можете ли да ја замислите рок музиката од 1970-тите без „Bohemian Rhapsody“?
Фантастичниот глас и присуството на сцената на Freddie брзо ја маѓепсаа публиката, на која не ѝ требаше многу време за да почне да ги полни арените. Queen е еден од бендовите кои го започнаа музичкиот арена рок стил.
Бендот објави седум одлични рок албуми во 1970-тите: „Queen” (1973), „Queen II” (1974), „Sheer Heart Attack” (1974), „A Night at the Opera” (1975), „A Day at the Races” (1976), „News of the World” (1977) и „Jazz” (1978).
„Night at the Opera“ е најдобриот албум на бендот, а „Bohemian Rhapsody“ е една од рок химните на 70-тите. Членовите на бендот се комплетно усогласени почнувајќи со небесниот глас на Mercury, виртуозното свирење гитара на May, John Deacon на бас, до Roger Taylor на тапани и повремени вокали“. Албумот беше ремек дело.
ХИТ АЛБУМИ
“A Night at the Opera” (1975)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Bohemian Rhapsody” (1975)
“Somebody to Love” (1976)
“Don’t Stop Me Now” (1978)
Било кој од бендовите од оваа листа заслужува да биде на првото место. Сите тие беа врвни бендови од 70-тите и оставија свој белег во децениите што следеа.
10 The Allman Brothers Band
The Allman Brothers Band се пионери на јужњачкиот рок, и чудно, еден од ретките бендови кои станале ѕвезди откако објавиле албум во живо. Неверојатната работа за сите бендови кои свиреле јужњачки рок во 1970-тите е што сите тие комбинирале рок, блуз и кантри музика, но воопшто не звучеле слично. Бендот The Allman Brothers е под големо влијание на џезот, блузот и импровизациите, а тоа навистина ги издвојува од другите современици.
За жал, како и многу други од најдобрите од 70-тите на оваа листа, и The Allman Brothers Band биле погодени од трагедија. Набргу по објавувањето на хит албумот „At Fillmore East“, Duane Allman, водачот на бендот, загинува во сообраќајна несреќа со мотор. Тринаесет месеци подоцна, басистот на бендот Berry Oakley, ќе загине на ист начин.
ХИТ АЛБУМИ
“At Fillmore East” (1971) 🛒
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Midnight Rider” (1970)
09 Creedence Clearwater Revival
Creedence Clearwater Revival беа од Калифорнија, но беа познати по својот јужњачки рок звук. Бендот беше формиран во 1960-тите, а стана познат како дефинирачки класичен рутс рок бенд во 1970-тите. Ангажирањето на бендот во социјални прашања со протестни песни како „Fortunate Son“ го направи еден од најпопуларните рок бендови во САД во 1960-тите и 1970-тите. За жал, тие постоеја кратко време, но нивниот спој на рок, блуз и кантри сè уште влијае на музичарите. Иако беа активни кратко време, издадоа шест студиски албуми од 1968 до 1972 година.
ХИТ АЛБУМИ
“Cosmo’s Factory” (1970) 🛒
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Have You Ever Seen The Rain” (1971)
“Fortunate Son” (1969)
08 Lynyrd Skynyrd
Тешко е да се замисли каков ќе беше рокот од 70-тите без „Sweet Home Alabama“ и „Free Bird“. Звукот на Lynyrd Skynyrd е суштински во она што е познато како јужњачки рок – мешавина од рок, блуз и кантри елементи, која стана нивниот препознатлив звук. Музиката на Lynyrd Skynyrd стана препознатлива по некои од најдобрите гитарски рифови и солажи од 70-тите.
Бендот издаде пет рок-албуми во 70-тите години: „Pronounced ‘Lĕh-‘nérd ‘Skin-‘nérd” (1973), „Second Helping” (1974), „Nuthin’ Fancy” (1975), „Gimme Back My Bullets” (1976) и „Street Survivors“ (1977). Три дена по објавувањето на „Street Survivors“, пејачот Ronnie Van Zant, гитаристот и пејач Steve Gaines и придружниот вокал Cassie Gaines трагично загинаа во авионска несреќа.
Ние ги вклучуваме Lynyrd Skynyrd во нашата ТОП 10 листа како еден од најдобрите музички рок изведувачи од 1970-тите.
ХИТ АЛБУМИ
“Pronounced ‘Lĕh-‘nérd ‘Skin-‘nérd” (1973) 🛒
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Free Bird” (1973)
“Tuesday’s Gone” (1973)
“Sweet Home Alabama” (1974)
07 The Who
The Who е уште еден од класичните рок бендови од 1970-тите. Импресивните живи настапи на бендот и возбудливиот пристап кон новите рок опери како „Tommy“ и „Quadrophenia“ ја направија групата позната. Моќните вокали на Roger Daltrey се лесно препознатливи како и гитарата и клавијатурите на Pete Townshend, па е лесно да се разбере зошто се тие меѓу најпопуларните рок бендови од 70-тите.
Наследството на бендот вклучува рок опери, настапи во живо и музички иновации. The Who беа меѓу првите рок бендови кои користеа синтисајзери во своите песни, како што се „Baba O’Riley“ и „Won’t Get Fooled Again“. Покрај музиката, The Who е првиот бенд кој го усоврши кршењето на музички инструменти на сцена, а за тоа влегоа во Гинисовата книга на рекорди.
ХИТ АЛБУМИ
“Who’s Next” (1971) 🛒
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Won’t Get Fooled Again” (1971)
“Baba O’Riley” (1971)
06 Rolling Stones
Дали некоја листа на рок легенди би можела да помине без Rolling Stones? Овие класични рок изведувачи ги надминуваат епохите. Бендот беше и сè уште е предводен од харизматичниот пејач Mick Jagger и мајсторот на гитарата Keith Richards, а до ден-денес тие сè уште се заштитни лица на рокенрол бунтовниците.
Се разбира, Mick е заштитното лице на Stones, но што се однесува до музичкиот потпис, тоа е Keith. Richards никогаш не се плашел да експериментира со гитарата, со поегзотични штимања и карактеристични рифови. Бендот отсекогаш бил доволно храбар да меша помрачни, па дури и провокативни теми во нивните песни.
Тие издадоа шест албуми во текот на 1970-тите: „Sticky Fingers” (1971), „Exile on Main St.” (1972), „Goats Head Soup” (1973), „It’s Only Rock ‘n Roll” (1974), „Black and Blue” (1976), и „Some Girls” (1978).
ХИТ АЛБУМИ
“Exile on Main Sreet” (1972) 🛒
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Brown Sugar” (1971)
“Can’t You Hear Me Knocking” (1971)
“Beast of Burden” (1978)
05 David Bowie
Тешко е да се замисли какви ќе беа 1970-тите без David Bowie – еден од најкласичните рок уметници од 70-тите. Глем рокот започна со Marc Bolan од T-Rex, но Bowie е најистакнатата икона. Со неговиот фантастичен глас, тој лесно можеше да се вклопи во кој било музички жанр или стил, а неговиот глас со пијано или гитара во позадина ја прави музиката за мене посебна.
David Bowie навистина влијаеше на рокот во 1970-тите, но оваа рок-ѕвезда од вселената направи многу повеќе. Bowie беше меѓу првите препознатливи музичари што ѝ донесе визуелна презентација на музиката. Неговата сценска личност Ziggy Stardust стана симбол кој ги спои музиката и модата.
Работата на David Bowie во 1970-тите беше обележана со постојани промени и експериментирање. Тој имаше големо влијание врз музиката, модата и популарната култура.
ХИТ АЛБУМИ
“Hunky Dory” (1971) 🛒
“The Rise and Fall of Ziggy Stardust and the Spiders from Mars” (1972)
“Low” (1977)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Life on Mars?” (1971)
“Starman” (1972)
“Changes” (1971)
04 Black Sabbath
Звукот на Black Sabbath се карактеризираше со тешки, дисторзирани гитарски рифови, помрачни текстови и моќна ритам секција. Ова е еден од бендовите кои го создадоа и популаризираа металот. Металот направи бебешки чекори во рок ерата на 1970-тите, но експлодираше во 1980-тите. Звукот на гитарата на Tony Iommi и вокалот на Ozzy Osbourne започнаа нова ера за бендовите од 1970-тите.
Албумот на Sabbath „Paranoid“ ја започна револуцијата во металот и беше еден од најдобрите во жанрот. Овој бенд, еден од најдобрите 10 за нас меѓу класичните рок изведувачи од 1970-тите, крие многу интересни раскажани, но и нераскажани приказни. Слушнете ги приказните на гитаристот Jimi Bell, кој ги сподели во втората епизода од поткастот Denim and Leather (превод: Тексас и кожа). Концептуалниот пронаоѓач на Шреднек (Shredneck), Jimi Bell, ја напиша песната на Black Sabbath „Master of Insanity“, која јавноста не ја знаеше со децении. Доколку ве интересира оваа приказна, ви препорачуваме да го погледнете резимето на епизодата на поткастот со Jimi Bell (англиска верзија).
ХИТ АЛБУМИ
“Paranoid” (1970) 🛒
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Iron Man” (1970)
“War Pigs” (1970)
03 Led Zeppelin
Led Zeppelin е еден од најдобрите класични рок бендови од 70-тите. Можете лесно да потврдите дека Zeppelin заслужува прво место на која било листа на рок бендови од 70-тите. Robert Plant е познат како еден од најголемите рок вокали, а Jimmy Page често се смета за најдобриот гитарист од тоа време. Музиката на бендот совршено ги спои хард рокот, фолкот и блузот, а на фановите тоа веднаш им се допадна.
Некои од нивните култни рок химни, како што се „Rock and Roll“, „Black Dog“ и „Stairway to Heaven“, беа претставени во Led Zeppelin IV. „Physical Graffiti“ е уште еден рок албум кој мора да се преслуша со песните како „Kashmir“ и „Trampled Underfoot“.
Во 70-тите, бендот го собори рекордот на посетеност на концерт кој го држеа The Beatles на стадионот Тампа во Флорида. Повеќе од 56 800 фанови дојдоа да го видат концертот во 1973 година на Флорида.
Во 1980 година им се случи трагедија; тапанарот John Bonham почина на 32-годишна возраст по целодневно пиење. Останатиот дел од Led Zeppelin не можеше да продолжи без него и бендот се распадна.
Дури и децении подоцна, наследството на бендот инспирира и влијае на безброј музичари.
ХИТ АЛБУМИ
”Led Zeppelin IV” (1971) 🛒
“Physical Graffiti” (1975)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Stairway to Heaven” (1971)
“Rock and Roll” (1971)
“Kashmir” (1975)
02 Deep Purple
Deep Purple беа пионери на хеви металот и хард-рокот. Бендот менуваше пејачи, но вокалот на Ian Gillan беше класа над останатите. Виртуозните вештини на гитарата на Ritchie Blackmore одиграа главна улога заедно со итрата употреба на Hammond оргулите од страна на Jon Lord. Басистот Roger Glover и тапанарот Ian Paice го заокружија овој класичен рок бенд.
Ако мора со еден збор да се опише „Child in Time“, тој би бил епско или ремек дело. Влијанието на бендот врз идниот развој на рокот во 80-тите и развојот на хард рокот и хеви металот не може да се прецени. До денес, Deep Purple се еден од највлијателните бендови од 1970-тите.
ХИТ АЛБУМИ
“Deep Purple in Rock” (1970) 🛒
“Machine Head” (1971)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Child in Time” (1970)
“Burn” (1974)
“Smoke on the Water” (1972)
“Speed King” (1970)
01 Pink Floyd
Најпрепознатливиот симбол на рокенролот во 70-тите е веројатно логото со „јазик и усни“ на The Rolling Stones. Логото е дизајнирано од John Pasche во 1971 година и е засновано на култниот, испакнат јазик на главниот пејач на бендот, Mick Jagger. Но, иако најпрепознатливиот симбол на рокот од 1970-тите е логото на Rolling Stones, за нас, рок бенд број еден од 1970-тите е Pink Floyd.
Веќе рековме дека кој било од најдобрите 10 бендови може да биде број еден, но првото место на Pink Floyd е врежано во камен. Музиката на Pink Floyd го надминува времето; таа е музичко совршенство.
Во 70-тите, бендот премина од психоделичен во прогресивен рок откако основачот Syd Barrett почина во 1968 година. Сепак, Barrett остана влијателен, инспирирајќи бројни песни како „Shine On You Crazy Diamond“ или „High Hopes“.
Во текот на 70-тите, овие рок икони објавија седум албуми: „Atom Heart Mother“, „Meddle“, „Obscured by Clouds“, „The Dark Side of the Moon“, „Wish You Were Here“, „Animals“ и „The Wall“.
Нивниот албум „The Dark Side of the Moon“ е веројатно еден од најдобрите албуми на сите времиња. Тој остана неверојатни 736 последователни недели на листата за топ 200 албуми на Billboard.
Овој иконски британски рок бенд од 1970-тите влијаеше на генерации музичари и продолжува да го прави тоа и денес.
ХИТ АЛБУМИ
“The Dark Side of the Moon” (1973) 🛒
“Wish You Were Here” (1975)
ЗНАЧАЈНИ ПЕСНИ
“Comfortably Numb” (The Wall, 1979)
“Echoes” (Meddle, 1971)
Влијанието на рок музиката од 70-тите
До денес (јули 2024 година), 1970-тите се декадата која имаше најголемо влијание врз рок музиката и изведувачите на класичниот рок. Факторите во 1970-тите кои ја дефинираа музиката на таа деценија направија таа да звучи онака како што ја знаеме денес. Нејзините најголеми рок бендови не се плашеа да експериментираат со звуците или да се занимаваат со битни социјални и политички прашања. Во тоа време рок музиката стана најзначајната културна сила. Антивоените и про-мирните химни само докажаа дека на луѓето им е доста од Виетнамската војна и дека сонуваат за мир. Оваа храброст да се зборува за прашања како граѓанските права, родовата еднаквост и антивоените чувства е можеби најзначајното наследство што рок бендовите и генерално бендовите од 1970-тите го имаа во годините што следуваа.