Рамбо Амадеус и Македонскиот национален џез оркестар на 25 јуни 2024 година настапија пред публиката во Шибеник, Хрватска. Ова беше еден од трите планирани настапи на Рамбо Амадеус и Националниот џез оркестар во Хрватска за летниот период годинава (2024). Следниот настап е во рамките на фестивалот „Island Vis Music Breeze“ најавен за 28 јуни, што треба да се одржи на полуостровот Прирово. Последниот концерт од овој серијал е планиран за 1 јули, во објектот на Хрватскиот народен театар во прекрасниот Сплит.
Брендот Рамбо Амадеус зад кој стои идентитетот Антоније Пушиќ е мојот омилен модерен филозоф што вешто ги артикулира и коментира особено општествените девијантни појави, спакувани во форма што лесно се продава како забава за мал процент од популацијата на просторот на поранешна Југославија.
Пушиќ и Емин
Во рефренот на песната „Samit u buregdžinici Laibach“ (Самит во бурегџилницата Лајбах) од крајот на осумдесетите години, Рамбо го користи стихот “Чаше ломим руке ми крваве” воочливо инспириран од песната од почетокот на седумдесетите, „Čaše Lomim“ (Чаше ломим) на изведувачот Незир Еминовски (Емин). По повеќе од 30 години, еве го Рамбо Амадеус заедно со синот на Незир, Џијан Емин на иста сцена во прекрасниот простор на Шибенската тврдина пред хрватската но и светската публика со заеднички настап. Џијан Емин е диригент на Националниот џез оркестар. Ако при крај на осумдесетите Антонијо бил инспириран од рефренот на песната на Незер, по триесет години неговиот син, Џијан, инспириран од музиката на Рамбо, заедно со Националниот џез оркестар создадоа комплетно нови оркестарски аранжмани за дел од песните на Рамбо Амадеус кои годинава доживуваат прва изведба и во Хрватска.
Седејќи на своето место во публиката и чекајќи музичката претстава да започне си помислувам за тоа колку луѓето од Шибеник се среќни поради овој прекрасен концертен простор на отворено.
Соло точки
Настапите на Рамбо Амадеус обично се комбинација од Стендап (Стоечка комедија, англиски Stand-up) и музички перформанс на кој се изведува џез музика. Настапот со Џез оркестарот е надградена верзија на овој концепт. Комплетно нова сензација што ги храни клетките на духот до која ретко која друга сензација може да допре.
На настапот забавно им беше и на изведувачите, особено во дел во кој соло вокална точка, имаше басистот на оркестарот Мучо, кој од нигде никаде на сред настап почнува да пее стихови кои повеќе наликуваат на кафеанска музика, а кои ги будат и подзаспаните на концертот, на кои за кратко може да се видат насмевки на нивните лица.
Рамбо Амадеус овој пат можеше да ја одмори својата гитара во неколку наврати кога требаше да се отсвири соло. Одличниот Зоран Костадиновски ја презема улогата на соло гитарист и тоа звучеше фантастично. Во тие моменти Рамбо со неговото уникатно однесување знаеше како да му оддаде признание на Костадиновски за неговата вештина со гитарата за време на соло точките, како и по нивното завршување.
Претставувањето на членовите на оркестарот
Вообичаено, фронтменот на перформансот, во текот на концертот ги прозива своите колеги на бината со цел да ги претстави на публиката и со цел да ја изрази својата благодарност и задоволство што заедно го реализираат перформансот. Овој пат Рамбо од Балканот извади листови од кои се потсетуваше на имињата на одличните членовите на Националниот џез оркестар, за да не изостави некој.
Е мој Рамбо, остара се…
Мојот омилен дел од оваа одлична претстава е изведбата на песната „Е мој Рамбо, остара се“. Ова ремек дело од музичка целина беше крешендото на овој концерт а кулминацијата беше бисот во кој беше изведен колаж од различни песни на Рамбо со музичката позадина што Рамбо ја нарекува „Те једно те исто“ со што го изразува и својот став кон модерната меинстрим електронска музика за танцување. За изведбата на оваа песна на сцената им се придружи оперската пејачка Ракела.
Оркестарски аранжмани
Ваквиот формат на перформанс е ново искуство и за Рамбо Амадеус кој неговиот спонтан карактер некогаш го става и во, условно речено, подредена позиција, во која чека сигнал од диригентот Џијан Емин и неговиот прецизен аранжман да го дозволи „влезот“ на Рамбо за да ги изрази своите одлични гласовни способности.
На крај на овој перформанс, публиката беше на нозе и пред бината
Задоволната публика која на крајот од концертот ја претвори тврдината во подиум за играње, колку ова чудно и да звучи за настап на Рамбо Амадеус со Џез оркестар, ги врати Рамбо и Џез оркестарот на бис скандирајќи „Чобане врати се, овце твоје не могу без тебе!“. Рефрен во кој препознавам повик до Тито – лидерот на поранешна Југославија кој повикуваше на чување на братството и единството што генерациите од поранешната држава по неговата смрт не успеаа да го зачуваат. Вечерта во Шибеник на 25 јуни, Рамбо Амадеус во придружба на Македонскиот национален џез оркестар беше во улогата на Тито кој ја обедини етнички хетерогената публика во уживањето на овој прекрасен настан.