По успешната реализација на една мала кампања во која бев вклучен, а преку која беа собрани преку $3.000, добив повици со барање за помош при краирање и реализација на Краудфандинг кампањи за приказните на луѓето кои побараа помош. Тоа ме мотивираше на напишам серија написи за тоа како да се обезбедат средства за конкретни проекти поврзани со музиката, кои често им недостасуваат на индивидуалците и независните уметници и не само од светот на музиката.
Овој напис е прв од серијалот Краудфандинг преку Buy me a coffee. Во него може да прочитате кратко за Групното финансирање или Краудфандингот (Crowdfunding), неговите карактеристики, различните типови, бенефитите но и предизвиците. Дополнително, овој напис ги објанува основните елементи што треба да се земат во предвид при планирање на една Краудфандинг кампања но и како да се направи иницијална конфигурација на онлајн платформата Buy me a Coffee која поддржува пренесување на собраните средства на банкарска девизна сметка во Македонија.
Групно финансирање (Crowdfunding)
Групно финансирање (Crowdfunding) е метод за собирање средства за проект, бизнис или потфат преку собирање мали суми пари од голем број луѓе, обично преку онлајн платформи. Тоа им овозможува на претприемачите, уметниците и организациите да ги презентираат своите идеи пред јавноста и да ги поканат поединците да придонесат финансиски за реализација на идејата, проектот или бизнисот. Краудфандингот често се користи за финансирање креативни проекти, стартапи, конкретни цели како дел од социјални движења и други иницијативи.
Главни карактеристики
- Онлајн платформи
Популарните платформи за групно финансирање како Kickstarter, Indiegogo, GoFundMe, Buy Me a Coffee и Patreon го олеснуваат процесот, поврзувајќи ги креаторите на проекти со потенцијалните поддржувачи. - Презентација на кампањата
Креаторите ги споделуваат своите цели, планови и потреби за финансирање преку страница за кампања, често вклучувајќи видеа, слики и детални описи за да привлечат поддржувачи. - Мали придонеси
Наместо да се бараат големи суми од неколку инвеститори, краудфандингот се темели на мали придонеси од многу луѓе. - Награди или капитал
- Некои кампањи нудат награди како што се производи, услуги или признанија за придонеси.
- Други, особено во краудфандинг на капитал, нудат акции/удели во компанијата или проектот.
- Ориентирани кон цели
Кампањите често поставуваат одредена цел за финансирање и краен рок. Ако целта не е исполнета (во некои модели), средствата може да се вратат на поддржувачите.
Типови Краудфандинг
- Краудфандинг засновано на награди
Поддржувачите добиваат производ или услуга во замена за нивниот придонес. Заедничко за проекти за креативни и потрошувачки производи. - Краудфандинг со капитал
Соработниците инвестираат во замена за капитал или акции во компанијата. Погоден за стартапи кои бараат долгорочни инвеститори. - Краудфандинг засновано на донации
Придонесите се прават без да се очекува финансиски поврат, често се користат за добротворни цели или лични потреби. - Краудфандинг на долгови
Поддржувачите позајмуваат пари со очекување да бидат вратени со камата. - Хибридни модели
Комбинирање на карактеристиките од повеќе типови, како награди со делумен капитал.
Бенефити
- Пристапност
Нуди начин за поединци и мали бизниси да пристапат до финансирање без да се потпираат единствено на традиционалното финансирање. - Валидација на пазарот
Кампањите може да го измерат јавниот интерес за производ, услуга или идеја пред целосно производство. - Градење на заедницата
Ангажира поддржувачи кои стануваат првите клиенти/корисници или се залагаат за проектот.
Предизвици
- Конкуренција
Големиот обем на кампањи значи дека е тешко да се истакнете. - Ризик од неуспех
Не сите кампањи ги исполнуваат своите цели. - Одговорност
Обезбедувањето на ветените награди или исходи може да биде предизвик.
Краудфандинг преку сервисот Buy me a coffee
Сервисот Buy me a coffe (превод: Купи ми кафе) е една од достапните онлајн платформи што може да ви помогне при реализацијата на Краудфандинг кампања.
Ова заглавие ги објаснува сите потребни чекори за планирање, креирање, реализирање и завршување на Краудфандинг кампања. Сите препорачани активности се организирани во три фази: планирање и поставување, реализација и пост-реализација на проектот.
Фаза планирање и поставување
Чекор 1: Планирање на кампањата
Уште пред да почнете со креирање на кориснички налог на Buy me a coffee и негово конфигурирање, неопходно е да расмислите и да ги дефинирате клучните аспекти на кампањата за собирање финансии. Основните аспекти според мене се:
- Кратко објаснување на идејата и проектот
Проектните цели, временската рамка, кој има бенефит од реализација на проектот - Проектна таргет група
- Проектни цели
Главна цел и останати цели - Временска рамка за реализација на кампањата
Од кога до кога се трае кампањата на собирање средства) - Потребни средства и нивната намена
На што ќе бидат потрошени средствата. - Кратко за тимот на проектот
Или во најмала рака за носителот на проектот
Овој чекор е многу важен во успешната реализација на кампањата за собирање средства. Едностаното образложение е во одговорот на следново прашање: Дали вие би биле финансиски поддржувач (донатор, акционер, купувач на производ или сервис) доколку не знаете за што ги давате своите средства? Претпоставувам дека вашиот одговор е, не. Тогаш е повеќе од јасно дека ќе треба да ги артикулирате барем претходно споменатите проектни перспективи и перспективите на кампањата.
Подготовката на овој документ ќе ви овозможи многу полесно да го опишете проектот и кампањата на онлајн платформата Buy me a coffee. (практично ќе имате подготвено се што ви е потребно за претставување на проектот)
Подготвив шаблон (template) во Google Docs што може да го користите како почетна верзија за вашиот бриф за проектот и кампањата.
ВАЖНО: Направете локална копија од понудениот темплејт и зачувајте ја локално или на вашиот Гугл (Google) налог.
Чекор 2: Креирање кориснички налог на Buy me a coffee
Штом завршите со проектниот бриф и планот за кампањата, подготвени сте за следниот чекот. Следува креирање на кориснички налог (user account) на платформата Buy me a coffee.
- Стартувајте го вашиот веб прелистувач (Chrome, Edge, Firefox или некој од другите популарни веб прелистувачи).
- Пристапете на веб сајтот на Buy me a coffee.
- Одберете ја опцијата „Sign Up“ што ќе ви овозможи креирање на кориснички налог.
- Внесете го називот на вашиот кориснички налог. Потоа притиснете на копчеток “Sign up”
НАПОМЕНА: Со внесувањето на називот на корисничкиот налог го внесувате и URL-то (адресата) преку која поддржувачите ќе го пристапуваат веб сајтот за вашата кампања. Мојот предлог е називот да биде што е можно поедноставен и лесен за помнење, сепак да асоцира на проектот, кампањата или носителот на проектот.
- Внесете корисничко име и лозинка или одберете некој од понудените кориснички имиња и лозинки што веќе ги имате на некој од понудените сервиси.
НАПОМЕНА: Мој предлог е да користите електронска адреса и лозинка за оваа платформа а не да користите најавување со некој од постојните сервиси. Не користете кирилични букви, користете латиница.
- Окатформата ќе би испрати код за потврда на внесената електронска адреса. Проверете ги пораките на истата адреса и внесете го кодот што го добивте на адресата.
- Честитки, креиравте кориснички налог на онлајн платформата Buy me a coffee.
Чекор 3: Креирање веб страница
Сега е време да се внесат основните податоци за веб страницата што ќе биде креирана на платформата а што ќе се однесува на кампањата. Податоците што ќе бидат внесени овде, ќе бидат видливи за јавноста и поддржувачите.
- Внесете го називот на веб страницата. Обично ова треба да е називот на проектот поради која се креира Краудфандинг кампањата.
- Внесете краток опис за вас и она за што имате страст а поврзано со проектот и кампањата и објаснете накратко каква разлика ќе направи поддршката на таргетираните потенцијални поддржувачи доколку тие го поддршкат проектот преку кампањата. Искористете го проектниот бриф за да се потсетите на дефинициите за важните перспективи на проектот и кампањата за да го пополните ова поле.
ПРЕПОРАКА: Не се трудете да објасните сѐ. Бидете кратки и прецизни во објаснувањето. Ставете се во улога на поддржувач и напишете го она што би го интересирало поддржувачот за вашиот проект и кампања, за да може да одлучи дали ќе го поддржи проектот или не.
НАПОМЕНА: Ова поле ќе можете да го ажурирате во секое време по краирањето на налогот и на веб страната на платформата. - Доколку проектот има и сопствен веб сајт, внесете ја неговата адреса. Доколку не постои веб сајт за проектот, тогаш внесете дестинација на веб што е своевидна база или дом со податоци за проектот (пр. страница или профил на некој од социјалните мрежи).
ПРЕПОРАКА: Доколку немате профил на некоја од популарните мрежи, тогаш наша препорака е да креирате еден за проектот. Некои од популарните социјални мрежи се: Фејсбук, Инстаграм и Твитер. - Одберете слика што ќе го илустрира проектот (обично ова е лого на проектот или фирмата). Притиснете го копчето „Next“ за да продолжите понатаму со конфигурирање на податоците за плаќање.
Чекор 4: Нагодување податоци за плаќање
- Одберете ја земјата во која имате девизна банкарска смета. Во листата ја има и Северна Македонија (North Macedonia).
- По изборот на Северна Македонија. ќе се појави информација во форма на добра вест што информира дека банкарските сметки од Северна Македонија се поддржани.
Практично ова е одговорот на прашањата од неколкумина што ме контактираа со прашање дали има поддршка платформата за Македонија.
НАПОМЕНА: Платформата Buy me a coffee за исплата на собраните средства ја користи платформата Страјп (Stripe) но нејзината верзија Експрес (Express). Токму парнерството помеѓу Buy me a coffee и Stripe Express ја прави оваа онлајн платформа погодна и за Краудфандинг кампањи организирани од граѓани на Македонија. - Кликнете на копчето „Enter my bank info“ за да ги внесете деталите за вашата банкарска девизна сметка.
- Внесете ја вашата електронска адреса и вашиот телефонски број за започнување на интеграција со сервисот за плаќање Stripe Express.
- По притискање на копчето „Submit“ сервисот ќе испрати SMS порака на внесениот телефонски број со код за верификација. Внесете го кодот на веб страницата во полето предвидено за внес на 6 цифри.
- Изберете ја земјата во која се наоѓате и каде е регистрирана вашата банкарска сметка.
- Одберете Македонија и по претпоставка дека се работи проект на индивидуалец – физичко лице, а не фирма (правен субјект) одберете ја опцијата „Individual or sole proprietorship“.
- Внесете ги вашите лични детали.
- Внесете ги деталите за башата девизна сметка. Податоците за SWIFT и IBAN може да ги видите на е-банкинг системите на комерцијалните банки. По внесувањето на точните податоци притиснете го копчето „Continue“
- Важно е да ја потврдите вашата електронска (email) адреса да ја потврдите кај Stripe. Проверете ја вашата електронска адреса преку која се регистриравте на Stripe Express. Би требало да видите порака со барање за потврда на вашата електронска адреса. Притиснете го линкот „Confirm your email“ што ќе ве редиректира на вашиот профил на Stripe Express.
- Доколку е сѐ како што треба, регистрацијата на вашата банкарска девизна сметка е завршена. Со ова, платформата Buy me a coffee технички е иницијално конфигурирана и подготвена за почеток на кампањата. Но јас би препорачал уште неколку промени и дополнувања пред официјално да ја започнете кампањата и пред да ја објавите кампањата во јавност.
Совети за фазата на планирање
- 20% Провизии и даноци што треба да ги земете во предив
- Првата трансакција може да трае и повеќе од 20 дена
20% Провизии и даноци што треба да ги земете во предив
Кога ќе го буџетирате износот потребен за проектот што би сакале да го соберете преку кампањата на Buy me a coffee имајте во предвид дека ги имате следниве трошоци:
- Buy me a coffee – 5% од собраната сума (тие не наплатуваат за други работи)
- Stripe Express – 2.9% + $0.5 по трансакција + 1% за интернационална трансакција (од САД во Македонија)
- Провизијата на банката за трансакцијата – зависи од сумата но не помалку од 5 евра (приближно 300 денари)
- По претпоставка дека собраните средства ќе треба да се префрлат на сметка на физичко лице. Државата треба да го земе својот дел преку персоналниот данок кој изнесува 10% од сумата што ќе пристигне на девизната сметка во банката во Македонија.
Ова ќе имате обврска да си го платите еднаш во годината. Управата за јавни приходи (УЈП) има одличен е-сервис (е-данок на личен доход) преку може да пријавите колкава сума на пари ви пристигнала како прилив, а таа ќе ви изгенерира уплатница што ќе треба да си ја платите.
ЗАКЛУЧОК: Значи планирајте дека вкупно околу 20% од собраните пари ќе одат на провизии и данок. Кога ќе ја планирате сумата што планирате да ја соберете преку кампањата на Buy me a coffee, на оваа сума додадете уште 20%. (пр. ако ви се потребни 100 денари за проектот, проектирајте потребна сума за проектот што ќе ја собирате преку кампањата поставете ја на 120 денари.)
Првата трансакција може да трае и повеќе од 20 дена
- Buy me a coffee до Stripe Express (7-14 дена)
Првата трансакција што ќе ја правите на нова регистрација на налог на онлајн платформата со банкарска девизна сметка на која за прв пат ќе се префрлаат пари од Buy me a coffee може да трае и повеќе од 7 до 14 дена. Земете го ова во предвид доколку имате рокови во кои сакате собраните пари преку платформата да ви се на располагање. - Stripe до вашата банкарска сметка (3-5 дена)
На Stripe Express обично му требаат 3-5 дена за да ги префрли парите на вашата сметка во банката во Македонија. - Вашата банка до вас како корисник на средствата (1-7 дена)
Имајте во предвид дека и банката во која имате девизна сметка на која ќе пристигнат парите ќе и треба барем 1-2 дена за прераспределба на парите, а особено ако сакате да правите конверзија на парите од девизи во денари. Банките имаат посебни правила врзани со одложување на користење на пристигнатите средства. Некогаш ова може да ја пролонгира достапноста на средствата. Правилата се подложни на промена па мој совет е да контактирате со банката и да се распрашате за деталите.
НАПОМЕНА: Имајте во предвид дека доколку прв пат добивате средства на вашата банкарска сметка од Stripe Express, односно Buy me a coffee, дека ќе треба да пополните еден формулар во кој ќе треба да наведете по кој основ ги добивате средствата. Ова е процедура што НБРМ (Народна банка на Република Северна Македонија) ги наложува на комерцијалните банки во државата.
ЗАКЛУЧОК: Планирајте дека патот на собраните средства од Buy me a coffee до вашата банкарска сметка може да патуваат дури и повеќе од 20 дена, доколку ова е прва трансакција од вашиот налог на платформата до вашата банкарска девизна сметка.
Ова е уште една потврда на мојата препорака за вас дека фазата на планирање на Краудфандинг кампањата и воопшто за реализација на проект е важна фаза во процесот. Третирајте ја со сериозност.