Американскиот рок бенд Нирвана (Nirvana) се враќа на суд поради омотот на албумот „Nevermind“ (Се чита: Нев’рмајнд; Слободен превод: Не е важно или Заборави). Бендот е обвинет за сексуална злоупотреба на деца поради користење фотографија од голо бебе како илустрација на албумот што ја започна гранџ-револуцијата.
Тужител во судскиот спор е Спенсер Елден, бебето кое плива од омотот на албумот. Елден, кој сега има 32 години, гi тужеше бендот и издавачот пред две години во 2021 година. Тој ги обвини за сексуална експлоатација што му предизвикала континуирана лична повреда. Тој бара отштета од 150.000 долари од преживеаните членови. Дел од тужбата се Дејв Грол, Крист Новоселиќ и вдовицата на Курт Кобејн, Кортни Лав. Дополнително, Елден бара компензација од Universal Music Group, тогашната издавачка куќа на Nirvana и фотографот Кирк Ведл.
Минатата година во Лос Анџелес, американскиот окружен судија Фернандо Олгуин ја отфрли тужбата на Елден. Судијата Олгуин изјави дека Елден требал да поднесе тужба во рок од 10 години, откако дознал за илустрацијата на омотот.
Судот ја обновува тужбата во која Нирвана се обвинува поради омотот на албумот „Nevermind“
Што се смени во последните 2 години за да дојде до обновување на тужбата? Како прво, „Nevermind“ беше повторно издаден во 2021 година. Илустрацијата на омотот беше иста. Таа го прикажува голото бебе Елден како плива во сините води на базенот кон банкнота од еден долар што се користи како мамка на јадица за риболов. Овој омот му го донесе на Спенсер Елден прекарот „Nirvana baby“.
Деветтиот американски окружен суд не донесе пресуда за тоа дали сликата на омотот претставува сексуална злоупотреба на деца. Наместо тоа, судијата пресуди дека поради повторното издавање на албумот „Nevermind“ во 2021 година, првобитната пресуда дека Елден чекал премногу долго за да ја поднесе својата тужба повеќе не важи.
„Nevermind“ е еден од најпродаваните албуми на сите времиња, со продадени над 30 милиони копии ширум светот. Тоа е втор студиски албум на Нирвана. Групата го издаде албумот на 24.09.1991 година. „Nevermind“ содржи неколку иконски нумери меѓу кои се: „Smells Like Teen Spirit“, „Come as You are“, „Lithium“ и „In Bloom“.