Како звучи албум направен во време на корона и член на бендот не може редовно да се сретне со другите? Ако судиме по новиот албум на „пиратите“ од Lincoln Letter „Raise the Sails“ (Подигнете ги едрата) – неверојатно. Бендот на задоволство на сите љубители на рок музиката продолжува да ја раскажува својата гитарска приказна.
Составот на Lincoln Letter на ова издание е непроменет. Јаков Наумоски – вокал и гитара; Борјан Гаговски – бас гитара; Јулијан Мицевски -гитара и Стефан Сајковски – Сајче на тапани. Промоцијата на албумот се одржа на 3 септември во МКЦ, еден ден по издавањето на албумот.
Звукот на новиот албум е малку поразличен од „Bedtime Stories“. Сепак, повторно – одлично отсвирена и продуцирана рок-музика малку подизмешана со филмска музика. Ако во првиот албум инспирација беа вестерн филмовите, овој пат Lincoln Letter се качија на пиратски брод и отпловија на Карибите.
Lincoln Letter веќе издаде два видео-записи од албумот „Skull and Bone“ и „Empire On Fire“.
За креативниот процес и креирањето на „Raise the Sail“ разговаравме со Јулијан Мицевски, гитарист на Lincoln Letter.
Може ли да споделите некоја информација за креативниот процес зад овој албум? Дали го направивте брзо или еволуираше со текот на времето?
Нашиот втор албум, „Raise the Sails“, го создававме спонтано и постепено. Заедничката работа на бендот беше отежната најпрвин од условите кои ги постави Корона вирусот, понатаму од обврските со кои се соочувавме сите поединечно, а главно и поради студиите во странство на нашиот фронтмен Јаков. Претежно работевме неколку месеци во годината, додека Јаков беше во Скопје. Благодарение на технологијата ја искористивме можноста и онлајн да ги дополнуваме нашите музички идеи, низ текот на целата година. Конечно, на почеток на ова лето одлучивме дека имаме доволно материјал за нов албум. Се решивме до крајот на летото да го објавиме нашето ново издание – „Raise the Sails“, кое излезе на втори септември, ден пред концертната промоција во МКЦ, заедно со нашите пријатели Peach Vice.
Во „Raise the Sails“, продолжува нашето спојување на рок музиката со филмски примеси. За ова сведочат и нашите нови спотови за сингловите „Skull and Bone“ и „Empire on Fire“. За разлика од нашиот прв албум – „Bedtime Stories“, во кој владееше вестерн-каубојската естетика, во „Raise the Sails“ се втурнавме во светот на пиратите и бродските авантури!
На што се надевате, како слушателите ќе со поврзат со албумот? Има ли некое чувство или поента/идеја која сакате да ја искусат?
Како што спомнавме и погоре, поединечно се соочуваме со обврски кои понекогаш не спречуваат да работиме активно како бенд, во полна снага. Но, се надеваме дека нашиот нов албум „Raise the Sails“ ќе ги понесе нашите слушатели во веселиот ритам на пиратите, испреплетен со мистични приказни за далечни земји и длабочините на морето! Приказната на Lincoln Letter продолжува понатаму. Прекрасната енергија која ја добивме од публиката во МКЦ на нашата концертна промоција, ни дава инспирација и желба да се вратиме што поскоро на сцената!