Есид Арап на Таксират 25 ќе бидат главните ѕвезди. Оваа година Таксират слави 25 години музичко постоење. Јубилејот ќе биде одбележен со соодветна музичка програма, а веројатно главните ѕвезди на вечерта се парижаните Acid Arab (се чита Есид Арап). Ова е прва можност за македонската и скопската публика да ги слушне и види во живо и сигурно е можност која не треба да се пропушти.
Есид Арап е уникатен музички колектив кој е креиран во динамичниот мулти-културен „котел“ во Париз. Формирани се 2012 од Гвидо Миниски (Guido Minisky) и Ерве Карваљо (Hervé Carvalho). Малку по основањето им се приклучија и Пјеро Казанова (Pierrot Casanova), Николас Борн (Nicolas Borne), и Кензи Бурас (Kenzi Bourras). Групата се прослави со своите миксови на електронска музика и различна „ориентална“ (арапска) музика.
„Фасцинирани сме од источната музика и нејзиниот код, како што се сложените ритмички структури (бинарни и тројни кои се наметнуваат една на друга), кои ги тераат танчерите до транс, исто како што тоа го прави Acid House. Би сакале да го земеме овој код и со аналогни техно уреди (битбокс, баслајн машини) да создадеме нешто ново: ориентална Acid музика која ги комбинира студенило на техното и емоционалната и драматичната моќ на Истокот.“
Есид Арап a.k.a. Гвидо Миниски и Ерве Карваљо.
Дуото во својата музика успева да креира фантастичен микс на електронска музика во која провејуваат звуци од Северна Африка, Либан, Египет, Турција. Фасцинацијата со ориенталната музика им овозможува да креираат моќен и комплексен ритам кој е исклучително заразаен за слушателите и публиката.
Парижани со ориентален сензибилитет
Музиката на Есид Арап е многу повеќе од обично прилепување на ориенталните звуци на модерен бит. Таа е спој на модерни звуци кои се среќаваат со ориенталната музика и креираат модерен „одговор“ на традиционалната музика. Самите музичари велат дека не сакаат да бидат само дел, туку сакаат да продолжат да градат врз основите на одличните звуци на оваа музика. Нивната музика е спој на хаус и техно со различни стилови на традицонална танц музика од целиот простор од Северна Африка до Блискиот Исток вклучувајќи ги „dabke“, „raï“ и „chaabi“.
Досега имаат издадено неколку албуми „Acid Arab Collections“ (2013); „Musique de France“ (2016); Jdid (2019); „٣ (Trois)“ (2023). Самата дискографија на групата е своевиден доказ за определбата на групата да креира простор за арапската култура во светот на модерната електронска музика.
За Таксират
Таксират е фестивал организиран од Пасворд Продукција. Првото издание на ТАКСИРАТ се одржа во далечната 1999 година. Годинава, Таксират 25 се одржува со програма која брои повеќе од 60 концерти и настапи на различни локации во Скопје. Програмата ќе биде заокружена со финалната прослава на 7 декември во Арена Борис Трајковски. Билетите за фестивалот се веќе достапни во продажба на МкТикетс.