Blink-182 ќе го издаде албумот „One More Time…“ по седум години пауза

По седум години пауза конечно сме тука. Blink-182, еден од култните поп-панк/рок бендови на раните двеилјадити се враќа со нов албум. Деветиот студиски албум „One More Time…“ официјално излегува оваа недела, на 20 октомври 2023. Новиот албум Blink-182 ќе го издадат за Columbia Records.

Албумот не само што ќе стави крај на седум годишната неактивност на групата, туку го најавува и враќањето на легендарната постава  – со гитаристот и вокалист Том Делонџ (Tom DeLonge); басистот и вокалист, Марк Хопус (Mark Hoppus); и Тревис Баркер (Travis Barker) на тапани.

Приказната зад новиот албум е речиси подеднакво интересна како и музиката. Никој не очекуваше обединување на поставата откако во 2021 година басистот Марк Хопус објави дека боледува од лимфома. Сепак токму болеста беше една од причините поради која триото успеа да ги надмине своите разлики. Кулминација на овој развој на настаните е враќањето на Том Делонџ во групата. Во песната која го носи и името на албумот „One More Time…“ членовите на групата ги споделуваат своите чувства за расправиите, разидувањата и повторните враќања, но и за пријателството и заедничките искуства и страдања.

Промоцијата на албумот е веќе започната. Групата најави издавање на пет промотивни синглови, четири се веќе објавени, а петтиот „Fell in Love“, ќе биде објавен на осумнаесетти октомври. Досега објавени се четири песни: „Edging“, „One More Time“, „More Than You Know“ и „Dance with Me“. Фановите на групата не само што ќе забележат нова енергија, туку ќе можат да ја слушнат и еволуцијата на звукот на Blink-182.

Албумот ќе има седумнаесет песни и вкупна должина едвај под четириесетипет минути.

На еден начин „One More Time…“ за Blink-182 е повеќе од колекција на музика. Албумот е доказ и за издржливоста и истрајноста, но и за нивната креативност.

За насловната песна од албумот „One More Time…“  веќе е објавен и видео запис. Видеото е носталгично потсетување на музичкото патешествие на групата, и дел од веќе објавените спотови. Во другата песна „More Than You Know“ ќе се потсетиме на потврдиот звук на групата, погласни гитари и рефрен „I don’t feel pain, but I feel more than you’d ever know“ кој не потсетува зошто групата е во жанр поп-панк, но и дека дел од слушателите ги класифицираат и како емо-панк.

Работата, па и промоцијата на албумот всушност започна со соработката на „reunion“ турнејата. Оригиналната, а се чини и омилена постава на групата креираше поличен и веројатно досега најискрен албум. Во албумот отворено пеат за меѓусебните односи, чувства, а сепак успеаваат да ја задржат и будалетоста по која беа препознатливи.

Дата на излегување на албумот е сѐ поблиску. Милионите обожаватели едвај ја чекаат можноста да ги преслушаат новите песни oд Blink-182. Со враќањето во студио Blink-182 уште еднаш покажуваат дека музиката е одраз на минатото, но и живост која може да ја обликува иднината. Едвај чекаме да го преслушаме албумот и да видиме што ни подготвиле за своето враќање на сцената.

Total
0
Shares
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Слични написи