SoAlive Music Conference and Showcase Festival е музичка конференција и фестивал што се одржува од 19 до 21 октомври во Софија, Бугарија. Организацијата So Alive Music Conference постои од април 2022 година, а веќе имаат организирано повеќе работилници и музички настани. Сепак, конференција што треба да се случи во втората половина на октомври и музичката компонента на овој настан (showcase festival) ќе бидат главен настан годинава.
Посетителите ќе можат да слушнат говорници со значителна тежина како: Mathew Knowles легендарен директор на издавачка куќа; David Fricke, уредник во Rolling Stone; Азис, регионална музичка супер-ѕвезда од Бугарија; Jennifer Masset од Spotify; Alex Cotofana маркетинг менаџер и промотор во Global Records; James Marshall, Senior Music Supervisor во Sony Interactive Entertainment Europe… Листата на говорници е предолга, и постојано се дополнува, па ако сакате да сте детално информирани мора да ја посетите страницата.
За SoAlive конференцијата
SoAlive Music Conference е музичка конференција посветена на развој, едукација и вмрежување (networking) на музички професионалци и уметници од Југоисточна Европа (ЈИЕ) и нивна поголема застапеност во екосистем на Европската унија.
Препознавајќи го огромниот талент во регионот, конференцијата е креирана за да го премости јазот и да обезбеди можности за музичарите од ЈИЕ и професионалците од индустријата да пристапат до поширокиот европски музички пазар. Со промовирање на дијалог и вмрежување, конференцијата треба да биде катализатор за развој и промоција на уметниците од ЈИЕ; поттикнувајќи ја нивната интеграција и застапеност во европската музичка индустрија.
Главна цел на SoAlive Music Conference е да биде моќен катализатор за позитивни промени и раст во музичката индустрија на ЈИЕ. Со ставање на подеднаков акцент на историскиот контекст, технолошкиот напредок, меѓусебната корист и поширокото вклучување, конференцијата не само што го слави богатото музичко наследство на регионот туку и го придвижува кон подинамична и глобално поврзана иднина. Преку размена на знаења, деловни практики и иновативни идеи, конференцијата е платформа за професионалците да се здружат, да соработуваат и да ја обликуваат насоката на музичката индустрија примарно во регионот, а понатаму и пошироко.
Говорници на SAMC 2023
Веќе е објавена листата на говорници. Говорници доаѓаат од различни сегменти на музичката индустрија, од познати музички менаџери, преку изведувачи, продуценти и инструменталисти, до новинари и организатори на музички настани.
Од ѕвездите во списокот говорници, првите три се следниве:
Метју Ноулс
(Mathew Knowles)
Сила во продажба и маркетинг, развој на бренд, претприемништво и лидерство. Тој има свој удел во подемот на иконите од светот на музиката како што се Beyoncé, Destiny’s Child, Earth, Wind & Fire и Solange.
Дејвид Фрик
(David Fricke)
Музички новинар и радиодифузер. Тој три децении пишуваше за светски познатото музичко списание Ролингстоун (Rolling Stone) и сега придонесува во списанието МОЈО и други публикации.
Азис
(Azis)
Мултиталентирана бугарска музичка ѕвезда познат на Балканот. Роден на 7 март 1978 година, во женскиот затвор во Сливен, Бугарија. ТВ водител, актер и портпарол на ЛГБТК+ со ромско потекло.
Листата на говорници е долга и брои преку 50 говорници. Секој од нив со посебен квалитет и багаж позади себе во светот на музиката и музичката индустрија, што ја прави оваа конференција привлечна за музичките професионалци, како и оние што сакаат тоа да бидат.
Официјалниот јазик на конференцијата на кој ќе се одржат сите панел дискусии на конференцијата е англискиот јазик, што прави одлична средина за заинтересираните од целиот регион.
Во големиот список со говорници е и Македонката Нела Пешовска од Пасворд продукција (Password Production)
Мeтју Ноулс како ѕвезда говорник
Со должна почит кон сите учесници на конференцијата меѓу кои има значајни имиња од светот на музичката индустрија, од објавените имиња го одвојуваме Мeтју Ноулс (Mathew Knowles) како најголемо име меѓу говорниците на настанот.
Ноулс е пионер во продажба и маркетинг, развој на брендови и лидерство, може да се пофали со впечатливо наследство зад себе. Од скромните почетоци во Алабама, успеа да го надмине расизмот и предизвиците. Неговиот професионален раст започна во Xerox. Под негово лидерсто компанијата беше прогласена за најдобро место за работа на професионалци од малцинствата.
Претприемничкиот дух на Ноулс се покажа и во начинот на управување со бизнисите како Headliners. Бизнис за убавина кој го ко-основаше со тогашната сопруга.
Сепак, ништо што работеше претходно не го прослави како она што го чекаше во музичката индустрија. Метју Ноулс е татко на Бијонсе (Beyoncé), па некако нормално беше да го искористат како менаџер на Destiny’s Child. Начинот на кој ја претставуваше групата без сомневање има влијание и врз нивниот успех. Групите кои ги преставуваше помеѓу кои Destiny’s Child, Earth, Wind & Fire, Solange успеаја да продадат 450 милиони изданија.
Неговата ќерка Бијонсе, од неодамна е најнаградуван музичар во историјата на Греми наградите.
Програмата на SAMC 2023
Програмата на фестивалот е поделена во неколку дела: конференциски дел, работилници и музички дел, кој веројатно ќе биде најинтересен за најголем дел од посетителите. Отворањето е на 19 октомври со панел дискусија „United in Harmony“ со фокус на креирање на регионален музички екосистем. Според програмата „ѕвездите“ говорници го затвораат конференцискиот дел од денот. Дејвид Фрик ќе зборува на 19 октомври, Азис на 20, а Метју Ноулс ќе ја затвори конференцијата со говор „Fundamentals of Music Industry in a Digital Age“.
Во конференцискиот дел содржината е поделена и ќе биде презентирана преку презентации, филмови и панел дискусии. Темите кои ќе бидат покирени се супер интересни и актуелни. Така посетителите ќе можат да се запознаат со предизвиците за организирање меѓународна турнеја, но и за патеката од откривање на нови пазари за дигитална дистрибуција. Еден од најинтересните панели веројатно ќе биде „The AI game changer“ на кој ќе „расклопи“ користењето на вештачка интелигенција за креирање на музика.
Работилници
Заинтересираните посетители на музичката конференција SoAlive ќе можат да земат учество на две работилници. Фокусот на конференциите е користењето на Spotify за музичари и користење на платформите за дигитална дистрибуција и како најдобро да се дојде до публика.
Spotify Masterclass
Spotify Masterclass работилницата ќе ја одржува Џен Масет од Spotify. Масет има долгогодишно искуство на платформата. Учесниците ќе можат да слушнат како најдобро да го искористат потенцијалот на Spotify и да го максимизираат бројот на слушатели.
DIY for Artists
Посетителите на DIY for Artists ќе слушнат кои се најдобри стратегии за да допрат до светската публика преку новите дигитални платформи. Работилницата ќе ја води Мајк Варнер од Belive.
Местата во работилницте се ограничени и потребна е регистрација за учество.
Камп за создавање музика (Song Writing Camp)
Како еден засебен дел од работилниците заинтресираните ќе можат да го посетат кампот за креирање на музика. Кампот е во соработка со „Sound Ninja Music Academy“ од Софија. За време на фестивалот 3 групи од 3 до 5 луѓе ќе соработуваат и ќе напишат и креиаат нови песни. Со секоја од групите ќе работи со искусен ментор кој ќе помага со сè што е потребно.
Ментори на настанот ќе бидат Вен Иванов (музичар, продуцент, инженер за звук); Јавор Зогравски (музички продуцент); Христо Рачев (ко-основач на Sound Ninja Music Academy, продуцент, инженер на звук).
Кои изведувачи ќе настапуваат на SAMC 2023?
Како и кај говорниците листата на музичари кои ќе настапат не е комплетна. Сепак и од она што е досега објавено може да заклучиме дека ќе биде супер квалитетно и шаренолико. Сепак се чини дека фокусот е повеќе на инди-сцената и светската музика. Навистина има куп состави кои ќе настпуваат и во тој дел секој ќе може да си пронајде, па дури и да открие нова група.
Од Македонија ќе настапуваат Yon Idi, Zanadu, Red18, Зарина Првасевда и Дина Јашари. Од Романија доаѓаат Moonlight Breakfast. Британците Hayes & Y ќе промовираат нов сингл. Од Бугарија Георги Линев ќе го претстави новиот проект WOOMB, посетителите ќе може да ја слушнат и Вања Јанева. Од Грција на конференцијата доаѓа Lia Hide. Од Србија доаѓа Zhiva. Единствената група која не е од регионот е AIKO и доаѓа од Чешка.
Еве како изгледа листата на досега објавените имиња:
- ZHIVA (Србија)
- 3:rma (Словенија)
- WOOMB (Бугарија)
- Lia Hide (Грција)
- AIKO (Чешка)
- Freekind. (Хрватска / Словенија)
- Wanja Janeva (Бугарија, Германија)
- Народен хор Драгостин (Бугарија)
- Дина Јашари (Македонија)
- Зарина Првасевда (Македонија)
- Hey! Douglas (Турција)
- Alexander Mihaylov & His Patardia (Бугарија)
- Headhop (Србија)
- Iva Lorens (Србија)
- Ilko Birov (Бугарија)
- JUNO
- Kake? (Бугарија)
- Land of Sessions (Турција)
- LTNC (Бугарија)
- Monohrom (Србија)
- Natalee (Србија)
- NDOE (Бугарија)
- NIKOBO (Neyko Bodurov) (Бугарија)
- Niya (Бугарија)
- ORATNITZA (Бугарија)
- Pista Mashina (Бугарија)
- Pocket Palma (Хрватска)
- Red18 (Македонија)
- Shkodra Elektronike (Албанија)
- VASSIŁINA (Англија/Грција)
- Vianne (Бугарија)
- Vladimir (Босна)
- Yon Idy (Македонија)
- Zanadu (Македонија)
Како да ја следите конференцијата?
SoAlive Music Conference се одржува од 19 до 21 октомври во „Националната палата на културата“ во Софија, Бугарија. Билетите за настанот се веќе пуштени во продажба и чинат 60 лева (околу 30 евра) за студенти и 120 лева (околу 60 евра) за сите други посетители.
2 comments