Во македонската поп музика повеќе од кога било се чувствува свежина, иновативност и подготвеност за соработка која ги руши границите меѓу жанровите и генерациите. Најновиот доказ за тоа е песната „Навика“, заеднички проект на Пајак (Христијан Настески) и Антониа Гиговска, кој брзо стана еден од најслушаните летни хитови во 2025 година. (преку 1.6 милиони прегледи на видеоспотот на Јутуб каналот на Урбан рекордс)
Оваа песна не е само уште една поп нумера – таа е симбол на динамичната соработка меѓу двајца актуелни уметници кои носат различни, но комплементарни музички естетики. Пајак, познат како композитор, продуцент и автор со истенчен слух за современите трендови чии песни се слушаат и пејат на територијата на поранешна Југославија, ја создаде музиката и го подготви битот во соработка со аранжерот Иван Јованов – Ивајо. Текстот, пак, е обединувачка точка меѓу Пајак и етаблираниот хитмејкер Елвир Мекиќ, кој уште еднаш покажува зошто е еден од најбараните автори на Балканот.
Антониа Гиговска, која веќе важи за еден од најавтентичните гласови кај младата македонска публика, ѝ дава на песната емотивна длабочина, современ вокален израз и шарм што лесно освојува. Нивната уметничка хемија се чувствува и во видеото, снимено во мај 2025 под режија на Гордан Божиновски и продуцирано од Урбан рекордс (Urban Records). Меѓу кадрите се препознаваат урбаниот дух и модерениот стил, со впечатливи визуелни решенија, и покрај предизвиците што ги донело лошото време при снимањето.
„Навика“ е песна која внесува свежина и трендовски звук на македонската современа поп сцена. Достапна е на сите стриминг платформи и брзо најде место на топ листите, потврдувајќи дека соработката меѓу Пајак и Антониа Гиговска изнедрила вистински летен хит. Оваа креативна синергија го зема најдоброто од индивидуалните карактеристики на уметниците и го претвора во песна која има потенцијал да остане актуелна и по завршувањето на ова лето.