„Марице дивојко“ – Златни акорди (1967)

Marice Divojko - Zlatni Akordi

Вокално-инструменталниот состав Златни акорди бил хрватски рок состав, формиран во Загреб во 1963 година, а функционирал до 1981 година. За неполни две децении, колку што егзистирал составот, низ него продефилирале значајни имиња од југословенската сцена, меѓу кои Јосипа Лисац и Златко Пејаковиќ (вокали), Златко Миксиќ – Фума (бас гитара), Рајко Дујмиќ и Давор Штерн (оргули) и многу други.

Златни акорди бил наменски формиран состав, кој во почетокот исклучиво свирел на игранки, најмногу во Студентскиот центар во Загреб, и токму тука речиси цели 10 години биле неприкосновени во своите настапи. Најпрво, на нивниот репертоар биле застапени хитовите од 60-тите години, но како што се менувале поставите на бендот, така се менувал и нивниот репертоар, па Златни акорди свиреле музика од Mamas & Papas, па сѐ до Џими Хендрикс.

Во 1966 година, Златни акорди го издаваат своето прво ЕР издание за продукцијата на Југотон. На овој носач на звук се наоѓаат три преработки на светски познати хитови („My generation“, „Lady Jane“ и „You were on my mind“), во препев на српско-хрватски јазик на Ивица Ѓукиќ, додека четвртата нумера е инструменталната верзија на традиционалната далматинска песна „Марице дивојко“, за која музиката и аранжманот ги напишал Перо Готовац.

Марице дивојко
Сликата е преземена од „Џубокс“ бр. 5 од 3 септември 1966

Подготовките за снимањето на ова ЕР траеле подолго време, но во бендот сметале дека песните, а посебно инструменталната верзија на „Марице дивојко“ ќе добијат на квалитет, доколку имаат и квалитетна музичка опрема. За таа цел, Златни акорди набавиле засилувач и трикосон батерии од марката VOX, како и Фендер гитари. За една млада група, навистина било восхитувачки во тоа време да има ваква опрема, имајќи во предвид колку била скапа, а квалитетна. Меѓутоа, желбата за квалитетен звук и добро претставување пред публиката била посилна од сѐ.

Кога им кажале на своите родители кои се нивните планови, добиле џепарлак, но тоа било малку за да се набави таква квалитетна музичка опрема, па младите момчиња продавале зеленчук и овошје на пазар од Загреб, па не само што успеале да соберат доволно пари за опремата, туку и чесно се оддолжиле кај своите родители. По снимањето на првиот носач на звук, „Марице дивојко“ е една од најслушаните и најбараните песни не само по студентските забави, туку и по концертите, кои зачестиле заедно со растењето на популарноста на бендот.

Песната „Марице дивојко“ слободно може да се смета како прво самостојно авторско дело на бендот. Изведувањето, но и компонирањето на ова дело, не претставувало проблем за членовите на Златни акорди, затоа што тие подолг период се занимавале со бит-музика, а сите членови подеднакво добро свиреле повеќе инструменти, а со клавирот и усната хармоника биле неразделни.

Марице дивојко
Сликата е преземена од „Џубокс“ бр. 5 од 3 септември 1966

Интересно е да се знае дека идејата за преработката на „Марице дивојко“ се родила во една визба во Загреб, каде што бендот правел проби од понеделник до петок и каде што вложувале премногу труд во формирањето на својот репертоар, а секоја сабота, на радост на нивните фанови, лансирале по две нови композиции, најчесто светски хитови, но во нов аранжман, карактеристичен за „Златни акорди“.

Уште еден куриозитет за овој бенд е тоа што, во почетоците на своето делување, најчесто изведувале песни на Kinks и Who, па некој гастербајтер успеал да им пренесе на Kinks дека во Југославија постои бенд кој ја свири нивната музика, по што следувале размени на неколку писма со членовите на оваа група.

„Марице дивојко“ и останатите песни, кои ги исполнувал составот, биле повод и причина „Златни акорди“ да ја освојат наградата „Златна гитара“ од стручното жири и „Сребрен пехар“ од публиката на еден фестивал, а тие се единствена група кои свиреле во „Клубот на новинари“ во Загреб, каде што инструменталната верзија на „Марице дивојко“ со воодушевување била прифатена.

По снимањето на првото ЕР, по снимањето на „Марице дивојко“, Џералд Феровиќ – Каза, Златко Миксиќ, Ивица Миксиќ, Жељко Маринац и Златко Слобоџенски наидуваат на отворени врати на југословенската рок сцена, па така за брзо време прават свирки и во елитниот бар „Сплендид“ во Дубровник, а добиле понуда за настап дури во Бејрут, по покана на Либанската национална телевизија.

Total
0
Shares
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Слични написи