Интервју со Кесиди Парис: Низ Обединетото Кралство со новиот албум директно во нашите срца

Кесиди Парис - Нова сензација

Во светот на рокенролот постојат само неколку ѕвезди во подем, кои се толку возбудливи и талентирани како Кесиди Парис (Cassidy Paris). Со само 20 години, ова младо чудо од гитара ја воодушевува публиката ширум светот со своите извонредни гитарски сола и длабоки мелодии. Додека таа се подготвува за нејзината толку очекувана турнеја низ Обединетото Кралство и објавувањето на нејзиниот нов (деби) албум „New Sensation,“ (превод: Нова сензација) се сретнавме со Кесиди за да ѕирнеме во нејзиното музичко патување, нејзините влијанија и да дознаеме што има да им понуди на нејзините посветени обожаватели.

Кесиди Париз, гитарска сензација родена во Австралија, е име за кое сите зборуваат последниве години. Со нејзиното виртуозно свирење гитара во комбинација со нејзиното хипнотизирачко присуство на сцената, таа освои голем број на обожаватели низ целиот свет. Но, не дозволувајте нејзината младост да ве измами. Талентот на Кесиди и нејзината посветеност на занаетот ги надминуваат нејзините години.

Прво да ве прашам за вашето потекло. Кога сфативте дека сакате да се занимавате со Рок музика? Дали беше тоа од рана возраст?

Cassidy Paris

Јас пораснав со музиката. Отсекогаш сум ја сакала музиката. Моите родители слушаа и свиреа рок музика уште од денот кога се родив.
Често седев и го гледав татко ми (Стив Јаневски) како настапува на неговите концерти. Се сеќавам дека од околу 3-годишна возраст одев да го гледам татко ми како настапува на места како што е Hard Rock Cafe во Мелбурн, Австралија.
Почнав да учам да свирам гитара на 8-годишна возраст, а почнав да пеам на 11-годишна возраст.

вие сте Австралијка, но всушност имате македонски корени, бидејќи се презивате Јаневски, така? Дали можеби зборувате македонски и дали вашиот татко, гитаристот Стив Јаневски, многу влијаеше на вас додека растевте?

Да, моето презиме е Јаневски. Кесиди е моето име, а Парис е моето средно име. Да, од страната на татко ми имам македонски корени. Од страната на мајка ми имам унгарски корени. Знам неколку македонски зборови, но дома зборуваме англиски. Моите баба и дедо често ми зборуваа за моето македонско потекло.
Татко ми многу влијаеше на мене. Ме научи дека добрата песна е добра песна, без разлика на жанрот. Тој, исто така, ме научи многу за пишувањето песни и дека често е добра идеја да имам „јадици“ во моите песни за да бидат привлечни за слушателот.
Како дете, постојано заедно слушавме музика. Од Michael Jackson и Prince преку Thin Lizzy, Dio, Pat Benatar, Heart, KISS, Van Halen, Lita Ford, Ratt, Dokken, Skid Row, H.E.A.T, Pink до Halestorm. Списокот е поприлично долг.

Главната причина за ова интервју е објавувањето на вашата деби плоча во декември 2023 година. потпишавте договор со многу голема издавачка куќа, познатата Frontiers Records од Италија. Како се чувствувате и какви се вашите очекувања од сето ова? Дали сте возбудени?

Исклучително сум возбудена и имам многу среќа што сум во иста издавачка куќа со многу уметници кои ми биле идоли. Бендовите како Night Ranger, Stryper, Winger, Lynch Mob, Orianthi и Eclipse се неверојатни и кога ќе помислам дека сум под иста капа заедно со нив, некако изгледа надреално.
Се чувствувам многу среќна, но решена сум да успеам. На многу луѓе сакам да им се заблагодарам, затоа што секогаш веруваа во мене и ме поддржуваа. Исто така, одлично е што имам многу пријатели на социјалните мрежи, кои се дел од сето ова. Навистина ги ценам сите добри луѓе кои ми се придружија во патувањето.
Едвај чекам луѓето да го слушнат деби албумот на Кесиди Парис „New Sensation“. Треба многу да се работи за да се дојде до оваа точка. Се надевам дека сите ќе уживаат во албумот, исто онолку колку што јас уживав кога го правев!

вие веќе Објавивте одлично видео за песната DANGER земена како сингл за новиот албум. Дали ќе објавите уште еден сингл пред ЦД-то да се појави на полиците?

Уште еден сингл ќе објавам следниот месец (ноември 2023 година). Снимив и уште едно видео за друг сингл. Сигурна сум дека наскоро ќе добиете информации за нивното објавување. Следете ги моите социјални мрежи за повеќе информации.

Минатата година бевте на една турнеја низ Обединетото Кралство, и сега повторно во ’23-’24 година. Дали планирате да го промовирате новиот албум низ Европа, САД или можеби низ целиот свет во блиска иднина? Би сакале да ве видиме на турнеја овде на Балканот.

Би сакала да настапам во Македонија. Би била многу горда, бидејќи таа е дел од моето потекло. Дефинитивно планирам што е можно повеќе турнеи. Досега сум настапувала во Јапонија, САД, Велика Британија и секако Австралија. Едвај чекам да се вратам во ОК овој ноември и декември!

Cassloy Paris - Touring UK 2023

што имАТЕ ИЗДАДЕНО ПРЕД оваа нова плоча? Некои постари видеа, или можеби ЕП?

Да, претходно објавив две EП-а кои се распродадоа. Моето прво EП се вика „Broken Hearted“, а моето второ EП се вика „Flirt“. Издавам музика од 13-годишна возраст, како и многу видеа.
Мислам дека е важно да те има и да настапуваш. Сакам да пишувам и снимам песни во студио, но сакам и да ги свирам моите песни во живо. Прекрасно е да се сретнам со моите обожаватели.

Бидејќи сте женски рокер (а ја мразам таа етикета затоа што во многу случаи жените се посилни рокери од мажите), кои бендови и можеби женски рок ѕвезди беа и се уште се ваша инспирација?

Одлично прашање. Уметниците како Pat Benatar, Heart, Joan Jett, Lita Ford, Vixen, Saraya, Lzzy Hale и Pink се некои од моите омилени. Сите тие се уникатни и им помогнаа на жените да ја добијат почитта што ја заслужуваат. Јас сум пресреќна сум што можам да ставам печат на работите на мој единствен начин.

Cassidy Paris

Која е вашата омилена песна од новата плоча „New Sensation“?

Една од моите омилени е „Danger,“ бидејќи таа беше една од песните што Frontiers ја сакаа од самиот почеток и ми помогна да потпишам договор со нив. Две други мои омилени се „Here I Am“ и „Midnight Desire“.

Кои се вашите идни планови со вашиот бенд и вашата музика? Можеби повеќе албуми и турнеи?

Сѐ од горенаведеното. Како уметник, мојата цел е да продолжам да се подобрувам. Сакам и понатаму да го усовршувам пишувањето песни и да продолжам да го развивам мојот глас. Сакам да научам колку што е можно повеќе! Дефинитивно повеќе албуми и турнеи.

И како последно прашање, имате ли порака до вашите фанови, особено за вашите нови фанови од Балканот?

Ве молам, слушнете ја мојата музика. Дефинитивно планирам наскоро да дојдам на места како што е Македонија и во поширокиот дел од Европа.
Можете да ја погледнете мојата веб страницa: www.cassidyparis.com и да ме контактирате преку:

Total
0
Shares
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Слични написи