Македонскиот џез гитарист и композитор Владимир Василевски – Четкар e зафатен деновиве. Неодамна ја најави својата турнеја во Јужна Кореја, а оваа недела ќе издаде и нова песна. Песната „A New Day“ (Нов ден) неофицијално беше промовирана на Супер радио. Сепак официјалната промоција е закажана за среда 13 септември.
„Оваа среда (Септември 13) бидете спремни за моето ново музичко видео за песната A NEW DAY и за прекрасната позитивна енергија која ќе извира од сите страни!!!“
објави Четкар на Фејсбук
Четкар е комплетен автор на „A New Day“ (Нов ден). Песната е снимена во Чикаго во студиото „Electrical Audio“. Продукцијата е на Стив Албини (Steve Albini). Албини во своето портфолио има бендови и музичари како Nirvana, Pixies, PJ Harvey, а соработувал и со членовите на Led Zeppelin Џими Пејџ (Jimmy Page) и Роберт Плант (Robert Plant).
Заедно со песната ќе излезе и видео запис. Видео спотот е во режија на Бојан Симјаноски.
Синглот е најава за новиот албум на Четкар. Засега нема датум на кој албумот ќе биде достапен, но според најавата ќе биде наскоро!
Турнеја на истокот
Новата песна е само дел од активностите на Четкар во овој период. Неодамна ја најави својата азиска турнеја. Македонскиот гитарист ќе одржи концерти во Јужна Кореја и во Јапонија. Ова ќе биде втор настап на Владимир на Jarasum International Jazz Festival. Концертот во Сеул ќе се одржи на 7 октомври 2023.
Веќе следниот ден на 8 октомври патува за Јапонија каде што ќе го одржи својот втор концерт на оваа мини турнеја.
Заедно со Четкар во Азија патуваат и Филип Стефановски, Филип Димишковски, Џоле Максимовски, Дино Милосављевиќ, и Боби Вокер (Bobby Walker).