Lost in Reverie на Андерфест 7: интимност на голема сцена

Во свет каде што најгласните бендови често ги засенуваат најискрените, Lost in Reverie тивко, но моќно го освојуваат вниманието со својат емоционален интензитет и прецизна музичка визија. Млад, но веќе препознатлив по чувствителниот баланс меѓу интимна меланхолија и силна енергичност, овој бенд на Андерфест 7 ветува настап што ќе биде не само концерт, ќе биде позитивна сензација за секој присутен. Со најава за нов материјал за кој ќе треба да почекаме, но на бината на Андерфест 7 со специјален гостин, Lost in Reverie ќе ја раскажат својата приказна со искреност, топлина и звук што остава трага.

Прочитајте што членовите на бендот велат на неколку наши прашања една недела пред настапот на Андерфест 7.

МНД: Lost in Reverie има препознатлив, емотивно интензивен звук. Како ќе ја пренесете таа интимна енергија на голема фестивалска сцена како Андерфест, каде што публиката е многу разновидна?

LR: Со секој настап се осеќаме како да растеме и да стануваме се погладни за достигнување на нови нивоа и воедно да допреме до нови слушатели. Нашата музика е прилично разновидна и сметаме дека има по нешто за секого.

Андерфест 7 ќе е настап на кој што ќе дадеме сѐ од себе на бина за да ги доловиме нашите приказни преку музиката.


МНД: Дали Андерфест 7 ќе биде момент кога публиката првпат ќе слушне нешто ново од Lost in Reverie – можеби нова песна, преработка или заеднички настап со друг артист?

LR: На Андерфест 7 за жал нема да имаме нови песни иако сме во процес на креирање на нов материјал. Но, ќе имаме еден многу важен и драг гостин со кој што сме премногу возбудени да свириме.


МНД: Со текот на времето, вашата музика сè повеќе добива и интернационален карактер. Дали мислите дека Андерфест може да биде чекор кон поширока регионална или европска публика?

LR: Според нас, успешен настап е секој настап кој е подобар од минатиот.
Секој настап го гледаме како чекор погоре кон остварување на успех и со регионална и со европска публика.

Се надеваме дека Андерфест ќе биде значителен настап кој ќе го памтиме засекогаш, а воедно и отскок во насока на остварување на поголеми европски цели.


МНД: Вашите песни често носат длабока емоционална порака. Ако би можеле со еден настап на Андерфест да им пратите порака на сите што ве слушаат – која би била таа порака?

LR: Секогаш се трудиме да испратиме порака кон слушателите да бидат свои и автентични, да го сакаат тоа што го прават и да го прават тоа што го сакаат.


Lost in Reverie е млад бенд но кој веќе има настапи надвор од границите на Македонија, како оние во Пловдив и во Софија во соседна Бугарија. Бидете сведок на нивната енергичност на бината на 7 ноември 2025 во Младинскиот културен центар во Скопје, каде што бендот ќе настапи на Андерфест 7 заедно со Новиот почеток, Аудиоцигла, Занаду, Големата вода (интервју со Големата вода за Андерфест 7), Димиш (прочитај го интервју на Димиш пред настапот на Андерфест 7) и Demency.

Total
0
Shares
Related Posts