Инди бунтовноста на Димиш се преточува во искрени стихови, суров звук и настапи кои оставаат впечаток долго по последната нота. Во пресрет на седмото издание на Андерфест, тој зборува за емоцијата што ја вметнува во секоја песна, за автентичниот панк-рок правец што го дефинира неговиот идентитет на сцената, и за поривот да им подари на слушателите нешто повеќе од обичен концерт.
Во интервју за Музика нонстоп денес, Димиш открива дека на Андерфест 7 ќе донесе енергија, изненадувања и сцена исполнета со светло, звук и адреналин – спој што ќе ги натера сите да пеат, танцуваат и да си одат дома збунети на најубав можен начин.
МНД: Андерфест е фестивал што собира изведувачи и бендови со различни стилови и карактери. Како Димиш се вклопува во тој различен музички мозаик и што ќе го направи твојот настап посебен на годинешново, седмо издание на Андерфест?
ДИМИШ: Димиш е дел од алтернативната македонска сцена како и сите други изведувачи кои ќе бидат на овогодинешното издание, па затоа и не чуствувам дека е многу различен тој музички мозаик.
Моите песни се исполнети со силни емоции, на различни теми. Мојот настап ќе биде посебен со тоа што ќе пренесам поразлична порака од другите бендови и на мојот настап ќе има многу енергија, јак и секако автентичен звук.

МНД: Твојот звук често флуктуира меѓу електронски и емотивни елементи. Како го прилагодувате тој баланс кога настапувате во живо пред фестивалска публика?
ДИМИШ: Мојот звук воопшто не е електронски, туку се движи во насока кон Панк-Рок.
Дефинитивно преовладуваат емоциите и секогаш се трудиме јас и бендот кој стои зад мене да ја доловиме емоцијата од песните и да им ја пренесеме на публиката.
МНД: Многу луѓе ве препознаваат по вашата автентичност и експериментален пристап. Колку од тој експеримент ќе го видиме на сцената на Андерфест 7?
ДИМИШ: За публиката на овогодинешниот Андерфест спремам изненадување, но секако и нема да ги изоставам нивните омилени песни. Затоа очекувам да играат, да се забавуваат и да пеат!

Секогаш чувството е неописливо добро кога гледаш како публиката си танцува, си пее и влегува во емоција на твојата песна.
МНД: Овој фестивал е одлична можност за премиери и спонтани креативни моменти. Дали подготвувате нешто специјално или сосема ново што ќе го слушнеме за првпат на Андерфест 7?
ДИМИШ: Да, за прв пат ќе имам гости на овогодинешниот Андерфест.
Нема да откривам детали, оставам на публиката да дојде, да види со свои очи (зелени) и да слушне со свои уши.
МНД: Ако вашиот настап на Андерфест 7 би бил филмска сцена – како би изгледала и каква емоција би сакале да им оставите на публиката по завршувањето?
ДИМИШ: Настап богат со разни светла, ефекти, гласна музика и многу енергија.
И секако, добри импресии да оставам на публиката, тотално да уживаат во секој дел од настапот и да си одат дома збунети, бидејќи биле на таква свирка, каква што никогаш досега не виделе во својот живот!
До настапот на Димиш, препорачуваме преслушување на неговата дискографија достапна меѓудругото и на најпопуларните платформи за преслушување музика во Македонија, Спотифај (Spotify) и Бендкемп (Bandcamp). Наша препорака е песната „Знаел ли“.
Наша препорака е да го искусите настапот на Димиш на 7 ноември 2025 во Младинскиот културен центар во Скопје, во рамките на музичкиот фестивал Андерфест 7, на кој ќе настапи вечерта делејќи ја сцената со Аудиоцигла, Занаду, Новиот почеток, Големата вода (интервју со Големата вода за Андерфест 7), Lost in Reverie (прочитајте го интервјуто со Lost in Reverie направено недела дена пред Андерфест 7) и Demency.