Се појавија како молња во јавниот музички простор со песната „Не сум твој тип“ спакувана во многу допадлив пакет со девојка тапанар што несомнено беше многу симпатично. Не помнам дека толку брзо и таква популарност доживеала некоја песна и нов македонски бенд во последниве десетина години.
Од моментите на експлозивната популарноста во 2018/2019 година и по стишувањето на раните гласини за причината на заминувањето на Мартина Баракоска, поранешната тапанарка на бендот, Борис и Илчо продолжија да создаваат и објавуваат нова музика етикетирана под името на Дупер. Во досегашниот список на песни се вбројуваат и соработки како онаа со Теа Трајковска со која ја реализираа песната „Не ми даваш сон“. Во 2021 го објавија и албумот „Хипер“ (Hyper), а еве на почетокот на 2024 година по објавувањето на песната „Кажи ми во лице“ во јануари, на 24 март го објавија и вториот сингл, „Тие места“.
За музичкото видео на „Тие места“
Не е тешко да се забележи дека Дупер сака сингловите да ги објавува во пакет со музичко видео. Нивните музички видеа до моментот на издавање на „Тие места“ биле секогаш автентични и за мене многу интересни. Лесно можам да препознаам дека не недостасувало креативност и желба да се направи нешто уникатно – кратки филмчиња, сцени од приказни што имаат што да раскажат. Овој тренд го продолжува и музичкото видео за „Тие места“. Ова го покажува сериозниот пристап во финалното пакување на песната што се објавува во јавноста.
Режисерот на музичкото видео и монтажерот е Трифун Ситниковски. Директорот на фотографија е Борис Ралев. За корекција на боите што на некој начин ја прави атмосферата во видеото, заедно со осветлувањето е Сергеј Сарчевски и ProLight (осветлување).
За музиката на „Тие места“
Многу едноставна песна што смирува. Меланхоличен лајтмотив и лирика што го забележува сеќавањето на главниот протагонист на моменти од сопствената историја и места кои не нужно мора да бидат само физички локации. Песната ме потсети на моето заминување на локација што ја помнам од мојата рана детство секогаш кога ќе посакав да бидам малку сам и кога обично ми беше тешко.
Музичките автори и авторите на текстот се Борис Какуринов и Илчо Нечовски. Борис се потпишува како аранжер на оваа песна. На инженерскиот дел (аудио миксањето и мастерингот) од песната се потпишува Анѓел Ќосев.
Песната е објавена на повеќе популарни сервиси за преслушување музика (streaming services) вклучително и на Спотифај (Spotify).
Најава за нов албум?
„Тие места“ е втората песна во 2024 година, а воедно е и втора песна во Јутуб листата на нивниот канал именувана како „Ултра“. Дали можеби ова значи дека следното проширено издание или албум на Дупер ќе се вика токму вака?