Николче Мицевски, Ламбе и Некст Тајм ќе гостуваат во Австралија во 2024 година.
Одлични вести за македонската дијаспора во Австралија. Република ентертејмент (Republika Entertainment) најави дека во 2024 година австралиската публика повторно ќе има прилика да ги види во живо Next Time, Ламбе Алабаковски и Николче Мицевски. Со оглед на тоа дека за годинашните (2023) настапи беше преполно, веста за нова турнеја веројатно ќе ги израдува Македонците во Австралија.
Ова не е вообичаен состав кој може да го видиме често на турнеја во Австралија. Сепак за ниту еден од музичарите ова не е прва посета на Австралија, а се чини дека и публиката, но и музичарите се забавуваат и уживаат на овие настапи.
Засега нема официјални и прецизни информации за турнејата. Извесно е дека Македонците во Австралија ќе можат да ги видат Next Time, Ламбе и Николче иако точните дати и местата на одржување на настапите не се целосно дефинирани. Очекувањата се тоа да бидат традиционалните локации на кои настапуваат македонските изведувачи во Перт, Волонгонг, Сиднеј и Мелбурн.
Најавата што дојде од Николче Мицевски преку објавување информација на социјалните мрежи, е турнејата да се случи во април 2024 година. Интересно е што тоа е сличен период во кој Николче и Мартин и Стефан Филиповски (Некст Тајм) настапуваа и оваа година. По се изгледа поминаа толку добро што посакаа и следната година да го повторат искуството.
За искуството од годинешниот настап и за очекувањата од турнејата накратко зборувавме со Николче Мицевски.
„Со оглед на тоа што годинава имавме прекрасна турнеја во Австралија, распродадени концерти до последно место, одлична организација, публика како што може само да посакува секој артист, очекувам и следното наше гостување да е исто така дури и подобро.
Концертите беа поразлични од сите концерти на наши артисти кои се случуваат таму изминативе години и можеби дел од публиката не знаеја што да очекуваат и голем дел беа изненадени од тоа што се случуваше. Така што, во април, очекуваме да дојдат и многу кои не успеаја да најдат карти годинава, уште повеќе подготвени за тоа што ние го нудиме на сцена и ќе ни ја даде целата таа поддршка, внимание, позитивна енергија, љубов, почит, и сите заедно ќе ја славиме македонската музика.“
вели Николче Мицевски
Ова секако не е состав на кој сме навикнале кога турнеите во Австралија се во прашање. Вообичаено првата помисла ни е фолк или традиционална музика. Сепак, искуството од последните настапи сепак покажува дека во Австралија има интерес и за македонска забавна музика.
„Дефинитивно, во Австралија е една од најдобрите публики на светот кои ја сакаат и почитуваат македонската музика.“,
додава Мицевски
Некст Тајм и Мицевски направија одличен проект наречен „Мајка“ преку кој го освежија сеќавањето на убавите стари македонски песни кои имаат широка публика особено кај македонците и во земјата, но и надвор од неа.
Како поминаа Некст Тајм со Николче Мицевски оваа година (2023), може да погледнете од фотографиите што следат.