Младата македонска пејачка Стојне Николова полека ја привршува својата турнеја во Австралија. Пејачката имаше неколку одлични настапи пред македонските иселеници, а ако нема непредвидени промени турнејата ќе ја заврши со концертот на 28 октомври 2023 во ресторанот „Вардар“ во Перт.
Дваесетидеветгодишната струмичанка веќе имаше повеќе одлични настапи пред македонската дијаспора во Австралија. Пејачката е на турнеја заедно со колегата Бобан Мојсовски и нивната фолк група Динамик. Нивна „придружба“ е младиот фолк пејач Мирослав Мирчевски. Турнејата ја започнаа со настап на 29 септември 2023 во Волонгонг, и досега одржаа 8 настапи.
Од она што може да го видиме на профилите на Николова на друштвените мрежи настапите што веќе се одржаа, станува збор за исклучително успешни настапи. На фотографиите и видеата што ги сподели Николова можеме да видиме дел од атмосферата и публиката која изгледа дека е во добро расположение. Може да се види видното расположение на публиката која во еден глас ги пее песните заедно со Стојне Николова.
Атрактивната пејачка има полн календар до крајот на 2023 година. На друштвените мрежи се појавија шпекулации за нејзино гостување во Северна Америка (САД) кои таа ги демантираше со следната изјава:
„Драги мои пријатели во Америка. За сите оние кои ми пишувате во врска со мои закажани настапи и турнеја во САД, да ве известам дека тоа се лажни информации“.
објави Стојне Николова
Пејачката е исклучително ажурна кога станува збор за споделување на информации на друштвените мрежи и обично сите податоци за настапите може да се пронајдат на нејзините профили на Фејсбук (Facebook) и Инстаграм (Instagram) што е за пофалба.
„За секое гостување ќе има известување овде и на мојот фан-пејџ“, објави пејачката на својата Фејсбук страница.
По последнот концерт во Перт, Стојне заедно со „придружбата“ се враќа назад во Македонија.
Се чини дека македонската дијаспора навистина уживаше во овие гостувања на Николова. Често за овие настапи влезниците се распродадени, а публиката ужива со македонските песни и ора.
Стојне Николова својата последна песна „Камионџија“ ја издаде во мај 2023.