Македонските изведувачи на SoAlive Music Conference 2023

SoAlive Showcase
Сликата е преземена од официјалната страница на SoAlive

Организаторите на SoAlive музичката конференција која се одржува од 19 до 21 октомври 2023 во Софија, Бугарија ја објавија официјалната плејлиста на фестивалот.

Ако сте љубители на регионалната музика, подгответе се за безгранично аудио патешествие. Обожавателите на балканските музички ѕвезди сѐ уште имаат време да купат билети пред да почетокот на фестивалот, но ако им е потребна дополнителна мотивација:  со задоволство ви ја претставуваме официјалната плејлиста на одлични песни од учесниците на фестивалот.

Во песните на оваа листа ќе откриете одлична музика и динамичен ритам кој го дефинира музичкиот регион. Ќе пронајдете исклучително талентирани уметници, вклучувајќи ги волшебните звуци на Hayes & Y, Pocket Palma, Juno, Дина Јашари, Hey! Douglas и Yon Idy. Музичката листа ја зафаќа суштината на разновидноста и креативноста на музиката. Овие музичари се срцето на музичкиот сегмент на SoAlive конференцијата.

Покрај Дина Јашари и Yon Idy на конференцијата ќе се претстават уште неколку македонски музичари и групи. Посетителите ќе можат да ги слушнат и Зарина Првасевда, Red18 и Занаду.

Кои се македонските претставници на SoAlive?

Младата и супер талентирана пејачка, композиторка и продуцентка Дина Јашари годинава беше гостинка на фестивалот „Модро и зелено“ и ги презентираше добитниците на наградата Милан Младеновиќ за оваа година „Ljubičice“ со „Dok čekamo pad“. Дина е добитник на наградата во 2022 година. Пејачката досега има издадено 5 синглови и едно EP – „Дома“. Ако сте го погледнале последното интервју за Трн, тогаш веќе знаете дека наскоро може да очекуваме и нова песна.

Зарина Првасевда во моментов е актуелна со наградата „Најдобар нов талент“ на Upbeat фестивалот. Музиката на Зарина одлично ја претставува културната разновидност на Балканот. Нејзиниот единствен албум „Ехо“ ја сумира уметничката визија на Зарина низ слободата и талкањето меѓу сите впечатоци што ја инспирирале од фолклорното наследство, велат од Password. Ако не можете да одите во Софија на SoAlive, Зарина ќе биде дел и од PIN музичката конференција која се одржува во Скопје.

Dina Jashari SoAlive
Zarina Prvasevda SoAlive

Зад сценското име Yon Idy се крие Јон Ајдини, македонски пејач и музички автор. Досега има издадено десетина синглови, а покрај Македонија, неговата музика е популарна и во Албанија. Веќе со првиот сингл „Gentle“ успеа да се искачи на дванаесеттото место на топ листите во Албанија. За 2023 година е најавен неговиот деби албум.

Red18 се релативно нов фанк-рок бенд на македонската музичка сцена. Групата е составена од Елена Манева (вокал), Јован Чифлигароски (гитара),Марко Тошанов (гитара), Иван Димишков (тапани) и Александар Коцевски (бас гитара). Веќе имаат доволно авторски материјал за албум, а доволен показател за ова е „Red18’2 Grit“ првото студиско издание на бендот.

Yon Idy
Red18

Занаду е последниот од македонските претставници на фестивалот. Тие се скопски рок бенд во состав Карло Јовановски (вокал и гитара), Андреј Крстевски (бас), Иван Богдановски (тапани) и Марко Атанасов (гитара). Групата го издаде својот прв албум „Соништа“ на крајот на 2022 година во декември.

Zanadu

Покрај македонските бендови, сите кои ќе имаат можност да го посетат фестивалот ќе можат да слушнат куп талентирани музичари од регионот. Листата на музичари кои ќе настапат е достапна на официјалната веб-страница на SoAlive Music Conference.

Total
0
Shares
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Слични написи