Иако „Сплитскиот фестивал“ во 1966 година добил негативни оценки од тогашната музичка критика, сепак, општиот заклучок бил дека една личност била светла точна на фестивалот. Тоа бил Арсен Дедиќ, човекот создаден од музика, прекрасниот поет и вдахновениот композитор.
По исполнувањето на песната „Мој брат“, сите во салата во Сплит добиле впечаток дека Југославија од тој момент има подобри композитори, отколку вокални солисти. За разлика од изведените 20 песни (од 200 пријавени на конкурсот), кои според пропозициите на Фестивалот, требало да ги соединуваат елементите на приморскиот (јадрански) мелос со останатите забавно-музички компоненти, кои веќе биле испробани на претходните фестивали, само композицијата која ја исполнил Дедиќ, во целост ги задоволила фестивалските критериуми, додека сите други во целост потфрлиле.
Но, на разочарување на сите присутни во публиката, на најдоброто, најкомплетното и највпечатливото изведување на фестивалот – композицијата „Мој брат“, (музика и текст: Арсен Дедиќ, аранжман: Никица Калоѓера) ѝ било доделено третото место!
Одлуката на жирито заслужува уште поголема осуда, имајќи го предвид фактот што оваа песна Дедиќ ја компонирал според нему својствените поетски „калапи“ за врвни остварувања, а малкумина знаат дека песната е инспирирана од тешкиот животен пат на неговиот роден брат Милутин Дедиќ, кој за разлика од Арсен, бил ренесансна личност, живеел извесен период во Белград, најпрво работејќи тешки физички работи и живеејќи по бараки, за потоа да постане сликар, историчар на уметност, ерудит и познат белградски боем. Затоа, подоцна, новинарите кои одлично ја познавале уметничката душа на Арсен, но и на неговиот брат Милутин, јавно ќе изјават дека „не е потребно да се чита било која биографија за сликарот Милутин, туку доволно е да се чуе песната од 1966 година, па секој еден да сфати за каков човек станува збор“.
Арсен Дедиќ е првиот композитор кој имал храброст во еден од насловите на своите музички изданија да го вметне своето „Јас“, а тоа се случило на LP изданието „Човјек као ја“. Но, исто така, Дедиќ е прв изведувач во Југославија, кој слободно и непристрасно пеел за својот брат, и тоа на еден реномиран и врвен Фестивал. И само и единствено вистински поет, каков што беше Арсен, можеше толку прекрасно да го опише животот на родениот брат, на еден боем со бескрајно креативен набој и немирен дух.
Она, што Бог не му го подарил на Арсен (сликарскиот дар), тоа го имал неговиот брат, и обратно, она, што го немал Милутин (поетскиот дар), тоа го имал Арсен! Сѐ она што Арсен не стигна да го отпее, тоа неговиот брат Милутин го напиша и го наслика.
По завршувањето на Сплитскиот фестивал во 1966 година, Арсен видно разочаран заминал во Франција. Дали планирал да остане засекогаш, или тоа било моментален гнев и лутина од одлуката на жирито, останува тајна. Сепак, по извесен период се враќа во Загреб, каде што успешно ја продолжува својата кариера.
Во спомен на двајцата уметници – Арсен и Милутин Дедиќ, во спомен на едни далечни времиња, во спомен на безграничната братска љубов, солзите и емоциите, да се потсетиме на песната „Мој брат“ од 1966 година со прекрасните стихови, напишани од вредните раце и брилијантнот ум на маестралниот Арсен Дедиќ:
„Ko zna gdje si, na kojem od mora,
Ko zna gdje si, na kojem od kopna,
Da li sam ili negdje ko i mi imaš dom,
Uvijek voljan da daš sve nizašta,
Dal te sumnjiva društva još vode,
Da im pričaš i vino im plaćaš,
Ko da znam..
Moj brate…“