Пионерите на светската хип-хоп сцена Бистибоис (Beastie Boys) добија интересно признание. Групата е овековечена на улиците на Њујорк. Раскрсницата во Менхетн, Њујорк што се појавува на корицата на албумот „Paul’s Boutique“ официјално ќе биде позната како „Beastie Boys Square“ (плоштад на Бистибојс).
Идејата за преименување на локацијата е започната одамна. Во почетокот не беше прифатена, но по 10 годишна „борба“ веќе официјално е реалност. Свеченото отворање се одржа на 8 септември 2023 година. На церемонијата зборуваа и членовите на групата „Ad-Rock“ и „Mike D“.
„Ти благодарам Њујорк што нѐ научи што да гледаме, што да слушаме, што да носиме, како да сакаме, како да живееме. Навистина сум радосен што ќе знам дека 50 години од денес кога некое дете додека оди на училиште ќе погледна нагоре и ќе рече. Што по ѓаволите е Beastie Boy? Зошто имаат сквер?
Немаше да бидеме она што сме ако не растевме во Њујорк.“
вели Mike D
Кратко за Beastie Boys
Beastie Boys се пионери на американска хип-хоп сцена. Групата составенa од членовите Мајкл “Mike D” Дајмонд (Michael Diamond), Адам “Ad-Rock” Хоровиц (Asam Horovitz) и Адам “МСА” Јауч (Adam Yauch) се појави во раните 80-ти години. Станаа познати по својот уникатен стил и значајниот придонес во популаризацијата на хип-хоп културата.
Започнаа како експериментална хардкор-панк рок група, но наскоро се преориентираа кон хип-хоп и го издадоа својот револуционерен прв албум, „Licensed to Ill“. На албумот се хитовите „Fight for Your Right“ (Бори се за своите права) и „No Sleep Till Brooklyn“, со кои станаа икони на рап сцената. Продолжија да ја развиваат својата музика со албумите „Paul’s Boutique“ и „Ill Communication“.
Покрај музиката, Beastie Boys беа познати и по својот активизам. Наследството кое го остави групата, како пионери и во хип-хоп и рок музиката, но и во пошироката културна сцена продолжува. Eminem, Rage Against the Machine, Limp Bizkit и Blur се само дел од музичарите кои јавно го потврдиле влијанието на Beastie Boys врз нивната музика.