Македонскиот џез музичар Крсте (Кристо) Роџевски во првата половина на септември најави два концерти. Концертите ќе се одржат во септември во Битола и во Солун.
Концертот во Битола е закажан за 7 септември 2023. Ќе се одржи во НУ Народен театар – Битола. Концертот во Солун ќе се одржи ден подоцна на 8 септември 2023 и ќе биде своевидна презентација на новиот албум на Роџевски, „Black Earth“. На ова издание Роџевски соработува со Доминик Џејмс, Џош Вернер и Адам Рудолф. Албумот е продуциран од Бил Ласвел кој е препознатливо име за љубителите на џезот.
Претходната средба на Крсте Роџевски со македонската публика беше во јуни на годинешниот OFFest. Од крајот на 90-тите Роџевски твори и работи во Њујорк. Македонскиот пејач, гитарист и композитор соработува со некои од најпознатите имиња на њујоршката експериментална и импро-џез сцена.
Роџевски има шест албуми. „Batania“ (2015), „Bitter Almonds“ (2017) и „The Rabbit And the Fallen Sycamore” (2018) ги издаде за Much Prefer Records. „Hubris“ за MOD Reloaded (2020) и „Fair Weather Friends” за Point of Entry (2022). Новото, шесто издание на Роџевски под наслов „Black Earth“ го издаде Defkaz Records.
Списанието Downbeat го вклучи „The Rabbit and the Fallen Sycamore“ во листата на најдобри албуми во 2018 година.