„Врие Македонец“ е нов сингл на скопскиот хип-хоп состав „Чиста околина“. Она што е покарактеристично во случајот е бројот на гости, кои значително влијаат на музиката, па „Врие Македонец“ на моменти не е песна која ве потсетува на препознатливиот стил на групата.
Во последните песни на Чиста Околина е позабележливо отстапувањето од „олд скул“ хип-хоп музичкиот стил и поголемо приближување кон музичкиот стил кросовер. Овој пат веројатно поради учеството на гостите во синглот, на моменти кога ги нема карактеристичните вокали на Ицко (Ристо Солунчев) тешко е да се претпостави дека се работи за Чиста околина.
„Врие Македонец“ покрај музиката што е дело на Лука Ѓоргиевски од Funk Shui и Ристо Солунчев, има и семплови од музиката на: Драган Ѓаконовски – Шпато од „Поздрав до оркестарот“; Телонаука совршена од „Небо“; Анастасија од „Гори“; и Алек Пејовски од „Над истата темнина“.
Покрај Ицко кој е единствен претставник од оригиналниот состав на Чиста околина, вокалите се на Александар Кацарски – Кацар и Иван Солунчев. Како што обично е случај кај хип-хоп изведувачите, така и во овој случај сите тројца вокалисти се и авторите на текстот.
Драги Иванов кој неодамна работеше на деби-албумот на Дина Јашари „Дома“ е автор на аудиомиксот и аудиопродукцијата за ова издание.