„True Seed“ e нова песна на кумановскиот рок-состав Red-Tailed Healer. Официјално промоцијата се одржа на 16 септември. За разлика од претходните две песни „The Noria“ и „Resilience“ звукот на ова издание е значително „потврд“.
Автор на музиката, аранжманот, инструментите и програмирањето е Дамјан Милановски – Данска. Милановски е автор и на текстот, а вокалите се на Ивана Стефановска.
Овој кумановски бенд ја посветува оваа песна на сите оние што пожртвувано го носат товарот на модерната цивилизација. Еве што вели Дамјан Милановски, фронтменот на Red-Tailed Healer:
Модерната цивилизација е кревка и кршлива. Забрзаната експанзија на технологијата и човечките способности создадоа еден глобален организам кој носи преголем товар, организам кој има слаб скелет и преку корените е втемелен во вознемирено тло. Товарот во овој случај е создаден од критичната маса на луѓе која робува на своите примални нагони, маса која е пример за де-еволуција, маса која е опиена од сопственото перје и е слепа за реалниот свет и убавината околу себе.
Скелетот од друга страна е создаден од луѓе кои градат и создаваат вредност, изградени индивидуалци кој се дисперзирани во групи насекаде низ светот, индивидуалци кои поседуваат своја сопствена доза на критичко размислување. Индивидуалци кои се отпорни на комформизам, луѓе кои свесно или несвесно, забележливо или незабележливо ја стимулираат околината во која што живеат и ја пренасочуваат преку тивко делување на микро-ниво, најчесто преку дела и преку гестови. Тоа е се оние луѓе кои ги чуваат корените и жртвено го носат товарот на цивилизацијата. Преку нив останува нешто што ќе е од вредност за новите генерации. Песната е наменета за овие луѓе
Дуото досега има издадено четири песни во последниве две години. „True Seed“, „Openness“ „The Noria“ и „Resilience“.
Текстот е преземен од новинската агенција Мета.МК. Првата објава на овој текст е достапна овде.