Современата македонска музичка сцена продолжува да изненадува со нови и инспиративни проекти, а „Нема правила“ од Наташа Малинкова е одличен пример за тоа како звукот и визуелните елементи можат да создадат целосно искуство кое го привлекува вниманието на публиката. Видеоспотот за оваа песна носи силна и свежа визуелна стрип естетика која го надополнува динамичниот поп-сонг.
Музиката, текстот и аранжманот за песната се дело на Столе Аврамов. А ова мало ремек дело од музичко видео е на 351 Studio.
Стил и визуелен идентитет
Во самиот спот, Наташа го носи својот карактеристичен стил и харизма, преку енергична и слободна интерпретација што ја прави песната да живее и во визуелен контекст. Видеото користи богата палета на бои и експресивни костими кои асоцираат на модерна младешка естетика. Во комбинација со ефектите што често ги користат цртачите на стрипови за да визуелизираат движења на статичките слики и динамични кадри, се создава чувство на живост и бескраен оптимизам вграден во анимиран стрип формат кој е навистина автентичен на македонската поп сцена. Ретро филтерите преку целото видео прават одличен амбиент што потсетува на декадите во кои стрипот беше популарен и буди носталгија кај сите оние што го живееле тоа време.
Режија и динамика
Не може да се занемари уметничкиот пристап кон режијата, каде доминираат брзи промени на сцени, кои ја зголемуваат динамиката и го држат гледачот во постојан фокус. Целата визија на видеото игра на картата на „нема правила“ – неограничено изразување и нагласок на индивидуалноста, што одговара и на пораката на песната.
Костимографија и сценографија
Стилот на главната протагонистка во овој анимиран стрип видеоспот, која практично е самата Малинкова потсетува на оној што го имаше Сенди (Sandy) – Оливија Њутн-Џон од филмот „Брилијантин“ од 1978 година.
Колективната енергија во видеото
Во видеото се присутни и сцени со одлични синхронизирани движења на стиховите од песната што ги изговата (пее) главната протагонистка во спотот, кои ја збогатуваат драматургијата и ја потенцираат моќта на колективната енергија. Овој дополнителен слој во кој се препознава видео со текст од песната (lyric videos), дава дополнителна димензија, шарм, комплексност и енергија на овој видео запис.
Доволно е раскажување. Погледнете го видеоспотот за песната „Нема правила“ и уживајте во прекрасниот глас на прекрасната Наташа Малинкова.