Хумор, иронија и рок од друга димензија: Патување низ „Паранормални Мегахитови“

Паранормални мегахитови - Педро хоризонте (омот)

Ако некогаш сте се прашувале како би звучел македонскиот рок ако го посетат духови од иднината, „Паранормални Мегахитови“ на Педро Хоризонте (Pedro Horisonte) е одговорот што не сте знаеле дека го барате. Овој деби албум, зад кој стои супергрупа предводена од Петар Младеновски (познат како Пеце од Суперхикс), Гога Поп Георгиевски и Владимир Митревски, нуди 11 песни полни со музички изненадувања и текстови кои се движат од апсурдно забавни до длабоко филозофски.

Текстови: Хумор, иронија и паранормална мудрост

Педро Хоризонте не се плаши да експериментира со зборови. Текстовите се полни со неочекувани пресврти, игра на зборови и алузии на секојдневието, но низ призма на паранормалното. Во „Мега Хит“, на пример, се исмеваат самите музички трендови и желбата за популарност, со рефрени кои лесно се лепат за уво, но и носат доза иронична дистанца.

Песните како „Крајот на светот“ и „Мизерија“ се занимаваат со теми на апокалипса и егзистенцијална криза, но сето тоа е спакувано со хумор и сарказам, така што слушателот истовремено се смее и замислува. Во „Жешко“ и „Чекајќи“, пак, се чувствува топлината на македонското секојдневие, но и носталгијата по нешто што никогаш не сме го имале.

Сепак, мое омилено парче лирика во кое не препознавам ниту хумор, ниту иронија, ниту па паранормална мудрост е она за песната „За сите кои ги нема“.

Приказна за „За сите кои ги нема“

Се будам во 6 часот наутро. Влегувам во тоалетот и го земам мобилниот со себе затоа што нема време за губење. Секој момент додека сум буден мора да биде оптимално искористен. Во овој утрински ритуал обично земам или мобилен или книга. Овој пат тоа е мобилниот.

Седнувам на веце шолјата и зјапам во телефонот. Не ми се погледува во пораките поврзани со работата и одам на каналите преку кои се информирам за нови домашни музички изданија. Тргнувам да гледам што има ново, а и да преслушувам систематски и прво па машко!

Ја пуштам за преслушување „За сите кои ги нема“ од Петар Младеновски (Пеце) (Petar Mladenovski) и ВИВА Стрингс квартет (VIVA Strings). Го читам насловот на песната додека свири гитарата на Гога (Goga Pop Georgievski) некоја нежна и едноставна мелодија, пропратена со пријатните жичани инстументи, а Пеце почнува да пее:

„Понекогаш намини,
како бела светлина помини.
Да те прашам како е,
да ме прашаш како е,
дали сеуште висат твоите слики на поткровје.“

После последниов стих се гледам во менталното огледало како дете кое почнува да прави тажна фаца во момент кога паднало и се удрило или како кога се исплашило или како кога било скарано.

„Не можам да сватам како не си со нас тука.
Чекам да те сретнам како сенка која лута.
Гласот ти го слушам како ехо во далечина.
Во сон ми доаѓаш. Во сон ми доаѓаш.“

Во следниот момент чувствувам грутка во градите и горчина во грлото, а во следниот миг почнуваат да ми течат солзи, за кои мислев дека сум ги загубил некаде во раното детство.

„Понекогаш намини,
како ветер топол погали ме.
Да ми кажеш како си,
да ти кажам како сме,
дека никој не ги тргнал твоите слики од поткровје.“

Ја наведнав главата, па тивко во себе го опцув Пеце, онака, мрсно како што само балканец знае да го направи тоа кога сака да изрази блискост со некој.

Станав од шолјата, се измив, се облеков, отидов до колата и тргнав накај гробишта.

Решив денес да земам слободен ден!


Пеце, одложи го перото и оди во заслужна пензија. Никогаш нема да може да напишеш подобра песна од оваа.

Музика: Рок со паранормални зачини

Музички, албумот е вистински ролеркостер. Се слушаат влијанија од класичен рок, ска, па дури и психоделија, но сето тоа е спакувано во модерен, свеж аранжман. Продукцијата на Дени Крстев (студио 1060) е чиста и моќна, со јасна динамика и простор за секој инструмент да блесне.

Гитарите се остри и енергични, ритам секцијата е цврста, а вокалите на Пеце носат препознатлива боја и емоција. На моменти, музиката звучи како да е саундтрак за некој македонски филм, а на други – како журка во подземен клуб каде што реалноста и фантазијата се мешаат.

Впечаток: Албум за сите што сакаат нешто поинакво

„Паранормални Мегахитови“ е албум што не се плаши да биде различен. Тој е истовремено забавен и сериозен, лесен за слушање, но и длабок за размислување. Да размисли човек за сопственото поведение во друштвото, да го согледа паранормалното поведение на оние околу него и да се одважи да реагира на таквото поведени и да помисли на сите оние добри луѓе што ти значат, а веќе ги нема. Се чувствува дека зад албумот стојат музичари со долгогодишно искуство, кои знаат како да ја разиграат публиката, но и да ја натераат да се запраша: „Што ако навистина постојат паранормални мегахитови?“

Ако барате нешто што ќе ви го раздвижи денот и ќе ви ја разбуди фантазијата, овој албум е вистинскиот избор. Ставете ги слушалките, пуштете го на Спотифај или Емп мјузик и подгответе се за паранормално музичко патување!


За последни информации, пристап до музиката на бендот и контакт со членовите на Педро Хоризонте заследете ги на социјалните мрежи: Фејсбук, Инстаграм, Јутуб, Спотифај, Епл мјузик.

Оценка на авторот

Оценка на авторот
9 10 0 1
Хумор, иронија и рок од друга димензија: Патување низ „Паранормални Мегахитови“. Албум што прави целина, како што доликува на еден добар албум, без наврлање на песни што се само бројки за да исполнат минутажа. Песни што низ насмевка ќе ве растажат во кои одлично е искомбинирана весела музика и тажни, иронични и сатирични зборови што ја отсликуваат трагична, тажна и значително загадена сегашност што секојдневно ја дишеме.
Хумор, иронија и рок од друга димензија: Патување низ „Паранормални Мегахитови“. Албум што прави целина, како што доликува на еден добар албум, без наврлање на песни што се само бројки за да исполнат минутажа. Песни што низ насмевка ќе ве растажат во кои одлично е искомбинирана весела музика и тажни, иронични и сатирични зборови што ја отсликуваат трагична, тажна и значително загадена сегашност што секојдневно ја дишеме.
9/10
Total Score
Total
0
Shares
Слични написи