Мотивиран од последниот проект „Историја на Македонската рок музика, 1963-2023“ на неуморниот рок ентузијаст Тошо Филиповски, решив да му поставам неколку прашања. Прашањата се за споменатиот проект преку кој Филиповски на 3 септември 2024 треба да патува во САД за да ја раскажува приказната за македонската рок историја на македонската дијаспора. Но не издржав да го прашам и за ситуацијата со Ап(о)тека на МКЦ и за една негова долгогодишна иницијатива што ја дискутираме во моментите кога ќе се видиме, а е поврзана со создавање македонски рок музеј.
Со задоволство ги споделувам одговорите на Филиповски на неколку мои прашања, а пред да продолжите со читањето на ова интервју и ако информацијата за проектот „Историјата на Македонската рок музика, 1963-2023“ ве заголица, ви препорачувам да прочитате малку повеќе идејата на Филиповски околу овој проект. Ако потоа проектот резонира со вашите размислувања и ставови за промоција на македонската рок музика и македонската култура ве повикувам да се вградите во поддршката на овој проект со донација.
Содржина
- Кој е мотивот за проектот „Историја на Македонската рок музика, 1963-2023“?
- Кои се твоите очекувања од овој проект и кои се целите на овој проект?
- Кога би можеле да ја очекуваме твојата нова книга, монографијата за Горан Трајкоски – Готра?
- Зошто Ап(о)тека не работи подолг период?
- Има ли на повидок некое ново музичко издание од Corpus Delicti Records?
- Ќе биде ли Кочани центарот на артефакти што ќе ја раскажуваат приказната за македонскиот рокенрол?
Кој е мотивот за проектот „Историја на Македонската рок музика, 1963-2023“?
„Мотиви има многу. Но еден од нив е веројатно оној кој ме придвижува на ова патешествие. А тоа е да се раскажува македонската рок приказна пред луѓе кои не се родени овде но сепак преку нивните родители имаат некакви сознанија за тоа што и каква музика се создавала овде, во деценииите наназад.
Тоа се децата на таа урбана генерација која се исели од Македонија и чии години на растење не беа посета на фолк или турбо фолк настани туку на Леб и Сол, Архангел, Мизар, Суперхикс, Фолтин, Анастасија итн. Убаво е нивните деца да ги запознаеме со таа музика, со нејзината историја, преку еден аудио-визуелен наратив што можеби ќе ги заинтригира и ќе ги мотивира во иднина да се обидат да дознаат нешто повеќе за македонската нова музика. Можеби овие луѓе при некое следно доаѓање во Македонија ќе посетат и некој концерт, ќе купат некој музички албум или пак, во својата средина во САД, во македонските клубови, ќе иницираат некое гостување на македонски рок бенд.
Со два збора, овој проект може да послужи и како регрутирање на нова публика за македонската рок музика, помеѓу нашата дијаспора во САД.“
Кои се твоите очекувања од овој проект и кои се целите на овој проект?
„Очекувањата се во секое посетено место да видам пред се млади луѓе со желба да слушнат нешто за рок музиката и нејзината историја создавана во земјата од која тие потекнуваат, од Македонија.
Планирам базично претставување на една богата музичка историја пред публика во САД која очекувам да нема многу познавања за историјата на македонската музичка култура.
Можеби и знаат по нешто што им било раскажано од нивните родители, но уверен сум дека не се информирани за оние нови движења во рок музиката во Македонија. Тоа делумно е и вина на самите нас, притоа не мислам на музичарите туку луќето околу музиката, културните работници и медиумите. Ние дозволивме да немаме никаков медиум преку кој НИЕ и нашата дијаспора може да се информира за се она што се нови случувања или пак за важните историски моменти од македонската музика.
Ние не се обидуваме да одржиме контакт со таа дијаспора и суптилно да им ја наметнеме нашата урбана културна матрица. Тие се препуштени на влијанието на балканскиот турбо фолк и поп, затоа што нема друга понуда.
Затоа велам, ова е само еден мал чекор, обид, да претставам и една друга слика за нашето општество, да ја претставам нашата рок култура и нејзината историја. А ако еден убав ден, таму од дијаспората стигне покана некој наш рок бенд да оди и засвири во македонски клуб тоа ќе биде моја сатисфакција и дел од резултатите на оваа моја мисија.“
Кога би можеле да ја очекуваме твојата нова книга, монографијата за Горан Трајкоски – Готра?
„Датум на објава е 21.11.2024, а промоцијата една недела потоа, на ПИН конференцијата во Скопје.“
Зошто Ап(о)тека не работи подолг период?
„Прашањето веројатно треба да се постави на директорот Арбен Шаќири. Тој како директор е одговорен за (не)работењето на сите простори во МКЦ, вклучително и АП(о)ТЕКА. Можеби не се вклопува во неговите визии за просперитет на МКЦ? Но факт е дека како на мене така и на други коминтенти на АП(0)ТЕКА, МКЦ како сопственик на продавницата, односно директорот како одговорно лице за работењето на установата, не сака да ни ги исплати средствата од продадени производи уште од 2023-та година.“
Има ли на повидок некое ново музичко издание од Corpus Delicti Records?
„Веројатно прашуваш за винили? Бидејќи и Биографијата за ГОТРА е во издание на Corpus Delicti Records? Да, во подготовка се 4-5 изданија кои ќе бидат готови на почетокот на 2025-та, Суперхикс, The Hip, компилација 1060, и уште 2 други компилации кои сеуште ги осмислувам.“
Ќе биде ли Кочани центарот на артефакти што ќе ја раскажуваат приказната за македонскиот рокенрол?
„Ќе биде. Интензивно работам и на тој проект – Центар за истражување, архивирање, дигитализирање и промовирање на македонската рок музика. Еден дел од тој проект е и Македонски рок музеј.“