Концерт на Нокаут - 11.11.2023

Концерт на Нокаут: Да раскажам приказна за Нокаут

Концерт на Нокаут беше одржан на 11 ноември 2023 во Филхармонија. Втор по ред од серијата три распродадени концерти (10, 11 ноември и 2 декември), а има гласини за тоа дека ќе има и четврто издание.

Ретко кој македонски бенд што создава и интерпретира авторска музика може да се пофали со вакво достигнување, земајќи ги во предвид следниве факти. Концертот на Нокаут немаше армија гости – изведувачи, туку само еден но навистина внимателно одбран гостин. Нокаут е еден од најактивните бендови со неколку десетици живи настапи во текот на годината.

Во следните пасуси ја давам мојата перцепција за овој концерт на Нокаут.

За Нокаут

Нокаут е еден од најпопуларните поп-рок македонски бендови со стандарна постава (Пере, Борче, Баге, Горјан, Кавраков-професорот и Виктор) што трае близу две децении. Нокаут има четири студиски албуми од кои последниот со назив „Што бараш ти во моја песна?“ беше промовиран минатиот месец (окт 2023). Нокаут традиционално одржува концерти при крајот на годината (ное/дек), па така и оваа година не е исклучок во тој контекст.

Концертен простор и атмосфера

Скопје е хендикепиран град во поглед на концерна сала за поп музика. Па така, изведувачи и бендови како Нокаут кои имаат фанови во секое време да наполнат концертен простор со капацитет од неколку илјади, треба да организираат неколку концерти во, за жал, единствениот простор за настапи на популарна музика во Скопје (Големата сала на Филхармонија), кој има капацитет за 890 посетители.

Големата сала на Филхармонија воопшто не е дизајнирана и наменета за ваков тип музика (поп музика). Нејзината примарна намена и ситуации во кои таа има најдобри перформанси е кога во нејзе има изведби на оркестар. Затоа, обидувајќи се да го адаптираат за оркестарски настапи, во салата се препокриваат одредени површини (како на пример страничните ѕидови со платна) што е импровизација и делува евтино.

Но и покрај тоа, кога Нокаут ќе засвират присутните подзабораваат и ги игнорираат овие детали и финеси и се препуштаат на убавината на изведбата. Не се сеќавам дека на настап на Нокаут некогаш имало лоша атмосфера. Обично загревањето трае на првите две-три песни во кои и публиката и Нокаут се загреваат, за пред крајот на концертот атмосферата се претвори во весела забава со гласни аплаузи и видливо задоволство на присутните што во еден глас ги пеат песните. За жал на концертот во просторот на Филхармонија, моментите на кулминација во кои публиката сака да заигра не ја нуди потребната комоција за комплетно уживање.

Репертоарот на песни

Концертот на Нокаут беше отворен со песната „Ти си таа“. Покрај оваа песна беа изведени уште неколку други од четвртиот албум вклучително и „Не ми текнува“, песна што е резултат на соработката помеѓу Нокаут и одличниот гитарист Дамјан Пејчиноски кој го придружуваше бендот на овој концерт.

Беше отпеана и, по моја лична проценка една од најпопуларните песни на Нокаут. Тоа е песната „1.000 причини за крај“.

Кратката приказна за песната „1.000 причини за крај“ што фронтменот на Нокаут, Никола Перевски – Пере ја раскажува за ТВ магазинот „Еден на еден“.

Благодарение на еден довикнат глас од публиката кој го извика името на песната „Дождот“ (малку и невкусно довикување што ми заличи на сценарио во кое му се порачува на диџејот да му се пушти неговата песна), а Пере не го игнорираше тоа па го замоли Борче да го прати со пијаното во изведбата на рефренот на оваа песна од првиот албум „Нокаут“ иако, верувам дека „Дождот“ не беше во планираниот репертоар. Но ова е уште една потврда за спремноста на бендот за живи настапи.

На концертот беа отпеани и неколку песни првично отпеани за Брејк (Дарко Гелев – Брејк), а кои Нокаут ги има во нивниот репретоар за настапите во живо. Овој пат, публиката имаше ексклузивна можност да ги слушне „За нас“, „Лебедот бел“, „Навика“ и „Болиш“ изведени од Брејк и Нокаут. За мене, ова е делот од концертот што донесе дополнителна вредност по која ќе биде запамтен овој концерт и цела серија концерти на кој припаѓа и овој реализиран на 11.11.2023.

Појавувањето на Брејк на сцената преку кое тој ја демонстрираше неговата вештина на свирење пијано и вокалните способности изведувајќи ја „За нас“ и покрај тоа што нема редовни јавни настапи во живо. / 11.11.2023 – Филхармонија, Скопје / Снимил Васил Буралиев.

Во втората половина на концертот, некаде пред самиот крај на концертот на Нокаут, беше изведена и песната „Временска машина“ која беше најпогодната песна за танцување (жаргонски: најденсерската песна) на која ретко кој во салата седеше на своето столче.

Со еден бис, концертот финишираше со песната „Во бестрага“ што ја изведоа Брејк и Нокаут.

Аранжмански или програмски, концертот имаше одличен тек, или да се изразам жаргонски, концертот имаше одличен флоу (flow).

За изведбата

Изведбата на Нокаут на подготвениот репертоар беше одлична. Ништо помалку не очекувам од бенд на одлични инструменталисти кои имале стотици живи настапи последниве две децении. За уште подобро звучно искуство преку збогатувањето на звукот со повеќе гласови, беа одговорни девојките што ги пееја придружните вокали, стандардната Миа Перевска, Минела Богдановиќ и Марија Илиевска.

Продукција и визуелизација

Ограничувањето на бината во Филхармонија што е дизајнирана за оркестар, прави ограничување во слободата на нејзината трансформација. Сепак иницијалната нејзина поставка е добра и креативен сценограф може да постигне добар визуелен впечаток и амбиент. Овој пат на бината имаше стаклени вазни полни со цвеќе кое по концертот беше поделено на пулбиката. За време на концертот и Брејк и Пере поделија по една ружа на претставнички на публиката од првиот ред. Ова беше интересен начин на ангажирање на публиката.

Осветлувањето во најголем дел од концертот ја следеше неговата динамика. Со исклучок на неколку ситни пропусти (на една од песните кога Пере се придвижи на предниот дел од бината, рефлакторското осветлување доцнеше во неговото следење што го остави ликот на Пере во сенка десетина секунди), осветлувањето на концертот го интензивираше доброто визуелно искуство на овој концерт.

Стаклената бариера околу тапаните делуваше малку чудно и несекојдневно, но веројатно тоа е цената за функцијата што таа ја имаше во акустичната димензија на овој концерт на Нокаут одржан во филхармониска сала.

Брејк како специјален гостин

Брејк испеа неколку песни како гостин на концертот на Нокаут / 11.11.2023 - Филхармонија, Скопје / автор на фотографијата: Васил Буралиев
Брејк испеа неколку песни како гостин на концертот на Нокаут / 11.11.2023 – Филхармонија, Скопје / автор на фотографијата: Васил Буралиев

Како специјално доживување на концертот што за мене го одбележа овој концерт е гостувањето на Брејк (единствен гостин на концертот). Сметам дека изборот на гостинот на концерт на Нокаут е совршен, а реакциите на публиката на концертот тоа го потврдија. Публиката не беше изненадена од неговото гостување бидејќи тоа беше најавено во предконцертната кампања во која Пере и Брејк преку гостувања во медиумите го обзнанија тоа. Но сепак, реакциите на публиката во моментот на појавувањето на Брејк на сцената ја отслика возбудата на присутните во салата.

Брејк не е музички активен како професионален артист. Јавноста неможе да го види Брејк на јавни настапи. Тоа го направи концертот на Нокаут уште по ексклузивен. Брејк и Нокаут ги изведоа најпопуларните песни на Брејк кои го врзуваат него со Нокаут. Тоа се песните што Нокаут ги претвори во евергрини изведувајќи ги сите овие години наназад од моментот кога тие се создадени и изворно отпеани од Брејк.

„Лебедот бел“ во изведба на Брејк и Нокаут / 11.11.2023 – Филхармонија, Скопје / Снимил Васил Буралиев.

Ангажирање на публиката

Овој концерт на Нокаут донесе и ангажман на публиката која искрено аплаудираше особено на појавувањето и изведбите на песните изведени од Брејк и Нокаут заедно. Дел од најавите на песните што се изведуваа и кратките приказни раскажани од Пере, беа поздравени со аплауз. Неизбежното повикување на публиката да пее заедно со изведувачите беше присутно и на овој концерт, на кое публиката ја имаше најсоодветната реакција, а тоа е пеење во еден глас со Брејк и Пере.

Она што мене ми остави најголем впечаток во однос на стимулирањето на ангажманот на публиката е повикот на Пере за дружење со бендот и Брејк во фоајето на Филхармонија по завршувањето на концертот.

Фанови на Нокаут со Благоја Антовски - Баге (тапанарот на Нокаут и Виктор Николовски (басистот на Нокаут).
Фанови на Нокаут со Благоја Антовски – Баге (тапанарот на Нокаут и Виктор Николовски (басистот на Нокаут).

Ова беше одлична одлука, што се потврди со редица фанови чекајќи се да проговорат по некој збор со членовите на бендот, а особено со Пере и Брејк. Лично сведочев и на средбата помеѓу Пере и една млада девојка, очигледно фан на Нокаут и Пере која не можеше да ги сопре солзите од возбудата додека се фотографираше со него.

Овој дел од ангажманот на публиката беше солиден, но во некое наредно издание (можеби уште на следното издание од овој серијал концерти планирано на 2 декември) јас би го испланирал овој дел од претставата уште подобро. Она што веројатно е изводливо, а ќе го мултиплицира позитивниот ефект е правењето подобар ред (стаза – тунел во кој фановите ќе се движат организирано за да стигнат до местото на фотографирање и запознавање со члановите на бендот) во пристапот кон членовите на бендот и посебен простор за фотографирање. Тој простор би можел да има голем билборд со напис за конкрениот концерт и датумот на неговото одржување пред кој фановите би се фотографирале со бендот.

Дружење и фотографирање со Пере по завршениот концерт / Филхармонија, Скопје / 11.11.2023
Дружење и фотографирање со Пере по завршениот концерт / Филхармонија, Скопје / 11.11.2023

Заклучок

За мене концертот има висока позитивна сумарна оценка. Изведбите на песните беше очекувано добар. За ова со Нокаут може да бидете сигурни. На концертот на Нокаут бев пријатно изненаден од пеачката кондиција и квалитетот што го покажа Брејк, зашто не е активен пејач. Недостасува вистински концертен простор за популарните изведувачи домашни и странски од рангот на бендот Нокаут, но тоа е хендихеп на пола милионскиот град, а не на концертот на Нокаут. Воопчливо беше дека организаторот но и домаќинот прават обиди да го подобрат искуството на поп-рок бенд кој настапува во филхармониски простор. Дружењето со фановите по концертот беше одлична додадена вредност на концертот. Мислам дека тој дел од претставата може да се направи како своевиден мини проект што ќе биде со уште подобра организација и подобар квалитет во кој ќе учествуваат поинтензивно сите членови од бендот Нокаут. Несомнено Пере е движечкиот мотор на Нокаут од неговото формирање во деведесетите години до денес. Тоа го покажа и тој самиот, а тоа го потврди и тестот на времето. Но за мене Нокаут е и Баге, Борче, Виктор, Горјан и Кавраков. Мене ми недостасуваше фотографија со сите нив пред билборд на кој ќе пишува со големи букви „Концерт на Нокаут – Филхармонија, Скопје – 11.11.2023“. На тој начин јас како фан на Нокаут ќе имав уште подобар спомен од овој концерт на кој со задоволство ќе се сеќавам.

Уште еден концерт за паметење во низата добри концерти од Нокаут, со ексклузивниот зачин што го донесе гостувањето на Брејк и исполнувањето на, ќе си земам за право да напишам, евергрините „За нас“ и „Во бестрага“.

Почит кон публиката дојдена да ужива во изведбата на песните на Нокаут и специјлниот гостин Брејк
Почит кон публиката дојдена да ужива во изведбата на песните на Нокаут и специјлниот гостин Брејк
Total
0
Shares
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Слични написи