Монетизација на Спотифај: Нови критериуми од 2024 година

На крајот на октомври 2023 беа објавени промени во моделот на монетизацијата на Спотифај (Sportify). Спотифај најави промени што се однесуваат на начинот на кој сопствениците на авторски права ќе можат да бидат исплатени за преслушувањето (streaming) на музиката или на поткастите. Промените ќе стапат на сила од почетокот на 2024 година и за прв пат ќе бидат примените во првото тримесечје.

Авторите на објавената содржина на Спотифај и натаму ќе бидат исплаќани како и досега според бројот на прегледи/преслушувања. Сепак, најавени се три значајни промени. Спотифај вели дека ги прави промените за да може да им исплати повеќе пари на авторите. Во нивниот сервис тие идентификувале три проблематични точки што сакаат да ги отстранат. Во следните пет години Спотифај планира да префрли една милијарда американски долари на сопствениците на авторски права.

Идентификувани три слабости во моделот за монетизација на Спотифај

Промените во моделот за монетизација на Спотифај што се последица на три основни слабости идентификувани од сервисот се следниве:

  • Можност за монетизирање без минимум постигнати преслушувања/стримови
    Спотифај ќе воспостави услов за изведувачот односно авторот на содржината да има можност да го користи моделот за монетизација на Спотифај. Спотифај ќе воведе минимален број годишни преслушувања под кој нема да се исплаќаат средства.
  • Можност за монетизирање без минимум постигнати минути преслушување
    Воведување минимална должина на време за репродукција/преслушување што ќе мора да се достигне за да се генерираат исплати по основ на авторските права.
  • Злоупотреба и неправилности при користење на објавените содржини
    Казни за дистрибутерите на музика и издавачите ако се забележи забранета активност на песните кои ги поставиле на Спотифај.

Промени во моделот за монетизација на Спотифај

Казните за дистрибутерите на музика кои се обидуваат да го изиграат системот ќе бидат ригорозни. Спотифај најави дека не само што ќе ги отстрани песните (содржината) за кои ова ќе се потврди, тука ќе има и значителни парични казни. Секако оваа промена е добредојдена и ќе помогне да се направи разлика помеѓу музичарите и издавачите кои навистина се популарни и оние кои нашле начин за да го изиграат системот.

Минимум потребно време на преслушување на содржините. Втората промена се однесува на траките кои не се музика или како што ги нарекува Спотифај „noise tracks“ (слободен превод: шум – неквалитетна содржина). Ова се различни звуци на пример музика за спиење, океан, дожд, пролетна вечер и слично. Досега за исплаќање беа потребни триесет секунди слушање. Дел од корисниците креираа плејлисти со куп песни од по 31 секунда. Ова им овозможуваше да заработат значително повеќе отколку што би заработиле со нормални должини на песни. Спотифај сега ќе направи промени со минималната должина потребна за слушање пред да биде преслушувањето да биде валидно за новите критериуми за моделот на монетизирање на Спотифај. Засега нема информација колкава ќе биде минималната должина.

Минимум потребни преслушувања. Веројатно платформата нема да биде цел на преголеми критики за првите две промени. Третата е сосем друга приказна и најмногу ќе ги погоди помалите издавачи (креаторите и издавачите на содржина) кои немаат доволно преслушувања. Тие и досега не заработуваа доволно од стримовите, но во иднина овие издавачи на содржина ќе останат и без овој прилив. Секако тие не можат да преживеат од овие средства, но барем имаа некакво чувство на сатисфакција и за прогрес дури и во ситуација да се работи само за десетина долари.

Минимум број стримови месечно или ништо

Без сомневање најконтроверзна промена е воведувањето на минималниот број на преслушувања/стримови пред песните да се квалификуваат за моделот на монетизација на Спотифај. Пред изведувачите да може да се надеваат на било каква заработка песната ќе треба да заработи барем 5 центи месечно што соодветствува на од прилика 17 преслушувања месечно или 200 преслушувања годишно. (Бројката од 17 стрима месечно или 200 стрима официјално не е сеуште потврдена од Спотифај)

Според податоците што ги сподели Sound Campaign на 31 август 2023 година, 78,4% од изведувачите на Спотифај имаат помалку од 50 слушатели месечно. Овој податок не се однесува на песните туку исклучиво на изведувачите на музика.

Moonlight од Антонија (Antonia) и Киди (KiDi) @ Спотифај (Spotify)
Moonlight од Антонија (Antonia) и Киди (KiDi) @ Спотифај (Spotify)

Заработката од овие песни кои нема да имаат доволно прегледи за да го надминат минималниот праг ќе биде префрлен во заеднички фонд (streamshare). Ова е интересно. На прв поглед ова делува дека е незначителна сума што е така затоа што се работи за ниски средства за секој издавач поединечно. Сепак најголем број од песните на Спотифај припаѓаат на оваа група. Очекувањата се дека во оваа група со собирање на незначително мали суми средстава што се исплаќаа до сега на издавачи под новите критериуми, во заедничкиот фонд би се собирале десетици милиони долари. На крај овие пари ќе им бидат распределени на популарните музичари, кои би добиле повеќе пари. Процената на Music Business Worldwide (британски информативен сервис со фокус на глобалната музичка индустрија) е дека станува збор за 40 милиони американски долари годишно.

Поставување минимум критериуми за да може да се користи моделот за монетизација на Спотифај не е ништо ново во светот на модерната музичка индустрија. Ваков минимум е аплициран од Јутубе (YouTube) сервисот од 2018 година што постојано се ревидира и надградува. Правилата на популарната видео платформа тогаш беа 4.000 часа преглед на содржина во годината и барем 1.000 претплатници на каналот.

Објавата од 13 јуни 2023 на Јутуб „Од финансирање од обожаватели до купување: повеќе начини за создавачите да заработат на YouTube“ (изворно: From Fan Funding to Shopping: More ways for creators to earn on YouTube) е последното ажурирање и на минимумот што треба да го достигнат оние што објавуваат содржина за да може да аплицираат еден од моделите за монетизација на овој сервис.

Скриншот (Screenshot) од соопштението на Јутуб (YouTube) објавено на 13 јуни 2023 година поврзано со моделите за монетизација на Јутуб.
Скриншот (Screenshot) од соопштението на Јутуб (YouTube) објавено на 13 јуни 2023 година поврзано со моделите за монетизација на Јутуб.

Дури и досега најголем дел од средствата беа распределувани на најпопуларните музичари, без разлика дали ги слушате или не. Причина за ова е комплексниот алгоритам што го има Спотифај кога е во прашање распределбата на средствата. За просечен корисник кој слуша 500 песни месечно, од секои платени 10 долари, само 2 долари ќе бидат исплатени на песните кои ги слушате, останатите 8 долари се исплаќаат на песните кои не ги слушате.

Престанаа ли малите изведувачи да му бидат корисни на Спотифај?

Промените најмногу ќе ги погодат музичарите, но промените нема да влијаат само на нив. Дистрибутерите на музика (digital music distribution services), платформите како DistroKid, TuneCore, CD Baby, IDJDigital ќе бидат подеднакво погодени од промените. За непопуларните изведувачи можеби заработката е минимална и изнесува неколку долари, но сега ќе останат без овие средства од изведувачите.

Во минатото (а веројатно и сега) без разлика колку беа мали изведувачите имаа интересна и клучна улога во развојот на Спотифај како платформа и како сервис. Секој споделен линк на друштвените мрежи како Фејсбук (Facebook) или Твитер (Twitter) носи сообраќај на Спотифај. Секако првенствено ова е на „каналот“ или на песната на изведувачот, но и на самата платформа. Запрашајте се само колку пати сте дошле на Spotify за една песна и сте преслушале уште десетина. Денес платформата е доволно голема и има доволно корисници (консументи на содржините) кои го користат директно без да доаѓаат од линкови на друштвените мрежи. Но дали одлуката за промените во моделот за монетизација на Спотифај ќе доведе Спотифај да ги изгуби условно речено „малите“ издавачи на содржина а со тоа и потенцијално губење на претходно споменатиот бесплатен маркетинг и добиени посети и преслушувања на содржната на Спотифај е тешко да се процени.

Проблем е што добар дел од изведувачите кои ги „претставуваат“ некои од дистрибутерите, ако не заработуваат макар и да ги платат услугите на дистрибутерот, нивната содржина може да биде избришана од Спотифај.

Дали ова значително ќе влијае на бројот на претплатниците на Спотифај (слушателите на музика) останува да видиме во иднина. Ние сме во очекување на извештаите по првиот квартал на 2024 година откако почне да биде аплициран новиот модел за монетизација на Спотифај.

Ако сте музичар побарајте дополнителни извори на заработка

Curtis King TV (се чита: Куртис кинг тиви) има интересен осврт на темата, но и се чини најдобар совет. Користејќи калкулатор за преслушувања (Reverse Royalty Calculator) демонстрираше колку е тешко да се заработи од музика ако основниот канал за прихот се темели на преслушувањето од сервисите за слушање музика (music streaming services). За музичар да заработи само 10 американски долари потребни се 2,874 преслушувања на Спотифај. Ова секако е премногу (или премалку ако гледате од финансиска гледна точка).

Наместо фокус на самите преслушувања, фокусот треба да биде на градење на база на фанови, „органска“ публика и креирање на содржина или производи (во контекст на написов, песни) што ќе бидат интересни за публиката. Продавањето на еден албум, една маица или дуксер е значително пореално од речиси 3.000 преслушувања за 10 долари. Интересна е споредбата на ова обраќање на видеото објавено на Curtis King TV во која се вели дека полесно е да се продаде една брендирана маичка или еден албум (ЦД или плоча) отколку да се направат 3.000 преслушувања ако тие се компензираат со 10 американски долари.

И Дамјан Кис (Damian Keyes) не остана тивок на најавените промени од Спотифај. Секогаш е добро да се слушне неговата перцепција за случувањата во глобалната музичка индустрија што обично ја пренесува преку неговите видеа објавени на Јутуб (YouTube).
Ако ве интересира темата, наша препорака е неговото видео „Спотифај доаѓа за вашите хонорари за 30 дена“ (Spotify Is Coming For Your Royalties in 30 Days – англиска верзија).

Total
0
Shares
1 comments
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Слични написи