Кесиди Парис (Cassidy Paris), младата гитаристка од Австралија која има македонско потекло, најави дека на средината на ноември нејзините обожаватели можат да очекуваат нов сингл. Најавата за песната е објавена на друштвените мрежи, заедно со датата 15 ноември 2023. За сите кои сакаат да дознаат повеќе за жал ќе мора да почекаат. Ова засега се единствените податоци за синглот кој го издаде за Frontiers Music srl. Новата песна е најава за „Нова сензација“ (New Sensation) – деби албумот на Кесиди кој излегува на 8 декември.
Младата пејачка неодамна го прослави својот 21-роденден, а веќе се подготвува за својата турнеја во Обединетото кралство и за деби албум.
„Исклучително сум возбудена и имам многу среќа што сум во иста издавачка куќа со многу уметници кои ми биле идоли. Бендовите како Night Ranger, Stryper, Winger, Lynch Mob, Orianthi и Eclipse се неверојатни и кога ќе помислам дека сум под иста капа заедно со нив, некако изгледа надреално.
Се чувствувам многу среќна, но решена сум да успеам. На многу луѓе сакам да им се заблагодарам, затоа што секогаш веруваа во мене и ме поддржуваа. Исто така, одлично е што имам многу пријатели на социјалните мрежи, кои се дел од сето ова. Навистина ги ценам сите добри луѓе кои ми се придружија во патувањето. Едвај чекам луѓето да го слушнат деби албумот на Кесиди Парис „New Sensation“. Треба многу да се работи за да се дојде до оваа точка. Се надевам дека сите ќе уживаат во албумот, исто онолку колку што јас уживав кога го правев!“
вели Кесиди во интервјуто на Урош Вељковиќ
Кесиди Парис е родена во Австралија. Таа е ќерка на гитаристот Стив Јаневски, од кого ја „наследила“ и љубовта кон рок музиката. Уште како дете го следела на неговите настапи. Започна да свири гитара од осумгодишна возраст, да пее од дванаесет години. Своите први музички изданија започна да ги објавува на 13 години.
Веќе има објавено две EP-изданија „Broken Hearted“ и „Flirt“. Во моментов е актуелна со првиот сингл од „Нова сензадија“ – „Опасност“ (Danger).