Периодот кога се случува Скопскиот џез фестивал е сигурно најинтересниот и највозбудливиот период, време кога градот станува повеќе од тоа што е и кога навистина наликува на главен град. Веќе во свое 42. издание, фестивалскиот период го збогатува градот со врвни музичари како посетители, кои го ставаат Скопје на мапата на интересни џез-дестинации, а со нив тука се и бројни странски новинари, музички авантуристи и фанови што укажува за реномето кое фестивалот го има во светот.
Пред да се случи главната програма, фестивалот организираше проекции на два музички документарни филмови „Music for Black Pigeons“ и „Art Pepper: Notes from a Jazz Survivor“, како и промоција на новиот албум на гитаристот Филип Букршлиев „All the Sad Words in the Beggar’s Dictionary“ заедно со негов настап во Аудиокултура.
Тоа што СЏФ отсекогаш го правело интересен е неговата програма. Обично фестивалите се меѓусебно поврзани и програмите се преплетуваат, но СЏФ има високо испрофилирана програма која во себе носи еднаква доза непредвидливост, возбудливост, разновидност (каде што понекогаш природата на музиката во една вечер е или во склад или во контраст една со друга), претприемчива и ексклузивна. За време на четирите вечери, на програмата се најдоа едни од најголемите имиња на современиот џез во најширока смисла на зборот и сè што се вбројува во овој жанр.
Прва вечер – After the Wildfire
Еден од ексклузивните настапи беше премиерната изведба на „After the Wildfire,“ која беше напишана за ова изание на фестивалот од страна на продуцентот и семплер-мајсторот Јан Банг и трубачот Арве Хенриксен, а аранжирана и диригирана од Џијан Емин заедно со оркестарот Фејмс. Делото имаше интровертен карактер со типични скандинавски мелодии и хармонии, и амбиентална музика, кои беа надоградени со деликатните интервенции и семплови на Банг, карактеристичната труба на Хенриксен и перкусионистот Ингар Зак. Звучната слика беше надополнета со традиционална македонска музика (кавал и тапан), но и со традиционалните вокали на Вера Милошевска и нејзините ученички, кои на норвешката музика ѝ дадоа македонски примеси. Ова дело имаше можеби малку заедничко со она што традиционално се нарекува џез-музика, но беше креативна музика која се наоѓа помеѓу жанровите и чија главна одлика се иновативноста и креативноста. На крајот, оваа изведба наиде на воодушевување во публиката и на очигледен начин ја навести разновидноста на програмата.
Секоја вечер имаше полноќни настапи каде што можеа да се проследат различни профили на музичари, а првите кои настапија беше ансамблот на Бен Ламар Геј. Нивната музика е тешка за опишување и беше далеку од традиционален џез. Дури и нивните композиции и настапот беа далеку од традиционални и беа на работ на непредвидливоста. Таа мешавина од експериментални инди елементи, хип хоп, со џез и електронска музика дадоа поексцентрична димензија на нивната музика. Таков беше и настапот на Матс Густафсон и Зои Пиа и нивниот проект „Rite“ на третата вечер кој беше брутален со нивните груби текстури и импровизации на разни дувачки инструменти.
Втора вечер – Роберто Отавиано и Eternal Love, Силви Курвоазје и Мери Халворсон
Шаренилото на програмата продолжи втората вечер прво со настапот на Роберто Отавиано и неговиот состав Eternal Love чии композиции потсеќаа на Колтрејн и Алберт Ајлер, но тие не се впуштија во тотален фри џез туку нивните композиции се карактеризираа со интересни импровизаторски излети. Самата музика ја носеше истата спиритуална нота. На крајот ѝ посветија тема на неодамна почината пијанистка Карла Блеј.
Таа вечер најинтересниот момент дојде од дуото кое го сочинуваше швајцарската пијанистка Силви Курвоазје и американската гитаристка Мери Халворсон. Со избор на материјал од нивните два заеднички албуми, меѓу нив имаше волшебна музичка хемија и импресивна синергија. Музиката имаше камерен карактер, со убави и интригантни теми, а резултатот го истакнуваше нивниот ентузијазам за експериментирање и потиснување на границите.
Традиционално, фестивалот доделува награда за млади таленти и нивна заложба за оваа музичка форма и за 2023 наградата ја доби тапанарот Драган Теодосиевски и таа вечер тој настапи со својот бенд Cobalt Code Unit. Нивната музика повеќе наликуваше на импровизиран прог рок, со повремени македонски традиционални изрази и пропулсивни ритми.
Трета вечер – Џејсон Морен, Џоел Рос и Good Vibes
Третата вечер донесе силен соло израз на пијанистот Џејсон Морен. Морен последен пат имаше настапено на СЏФ во 2011, како дел од квартетот на Чарлс Лојд. За мене ова беше најдлабокиот и највпечатливиот настап на фестивалот. Морен е вешт импровизатор и плоден композитор кој твори и џез и класична музика. Меѓутоа, тоа што се истакна кај него беа импровизаторските и наративните вештини. Неговите теми и импровизации раскажуваа приказни и носеа силен емотивен и филмски печат. Ова не беше празно импровизирање и виртуозност, туку раскажување приказни. Некои теми носеа и поблузерски мелодии, а посебен момент се случи кога ги исклучија светлата во салата а тој свиреше во темнината.
За време на вториот дел од вечерта настапи Џоел Рос и неговиот квартет „Good Vibes” кој е вибранофонист и бендлидер во подем. Нивната музика течеше како конверзација, темата започнуваше како предмет на разговор, а потоа се прелеваше од фаза во фаза. Нивните композиции траеа во просек по 20 минути и беа одлични.
Четврта вечер – Златко Каучич, Бери Гај и Аугусти Фернандез; Gard Nielsen’s Supersonic Orchestra
Последната вечер беше крунисана со настапи на триото на словенечкиот фри тапанар Златко Каучич, кој настапи заедно со Бери Гај и Аугусти Фернандез. Ова трио имаше целосен фри пристап кон своите инструменти односно нивниот настап се состоеше од театар од звуци – секој произведуваше звуци на своите инструменти со помош на помагала и во одредени моменти свиреа нежни теми.
Од друга страна, Gard Nielsen’s Supersonic Orchestra имаа навистина незаборавен настап. Овој состав брои 18 членови со 3 тапанари, 3 басисти и разни дувачи. Тоа што беше евидентно беше синергијата која владееше меѓу членовите на составот и внимателноста со која се слушаа едни други како настапуваат. Како резултат на таа динамика и енергија, и нивната музика беше кинетичка, динамична, енергична целосно во традицијата на Алберт Ајлер чија тема и ја отсвирија на крајот за бис.
Последен настап на фестивалот имаа бразилскиот афро бит бенд Bixiga 70. Бендот е мешавина од бразилска музика со фанк примеси и афро бит и денс музика. Завршницата на 42. издание на СЏФ беше одбележано со динамична денс забава.
Секое издание на СЏФ дава посебна слика за себе и води во еден богат, динамичен и шаренолик еклектичен музички свет. Програмата не е правена за да се задоволат локалните вкусови, туку е многу повеќе од тоа. Таа е врата кон богатиот свет на современата музика. Не е случајност што фестивалот има високо реноме во светот на џез-музиката и со секое свое ново издание, го оправдува тоа.