Урбаниот скопски клуб „Кафе и филм Котур“ ги повикува сите љубители на музиката на концерт на Делилу (Deliluh од Канада) и Баиндегонг (Bain de Gong од Франција). Концертот ќе се одржи на 26 октомври 2023, четврток со почеток од 21 часот.
Делилу (Deliluh) се Кајл Кнап (Kyle Knapp) и Џулиус Педерсен (Julius Pedersen), енигматично канадско дуо кое моментно живее и работи на релација Берлин – Марсеј. Групата е на европска турнеја со која го промовираат својот најнов албум Faulty Lines (Tin Angels Records 2022). Албумот означува ново поглавје и уметнички исчекор во нивната кариера.
Ова е прв пат дуото да настапува во Скопје.
Секогаш спремни на ризик и освојување нови музички територии, Deliluh мелодично ги премостуваат границите помеѓу пост-панкот, амбиенталниот дрон и експерименталната електроника, истражувајќи го спектарот со органски и бескомпромисен звучен идентитет. Провокативната лирика испорачана во загадочен „spoken word“ манир го комплетира непредвидливото музичко патување низ човечкото искуство, пост-апокалиптична звучна одисеја во која надежта, сепак, последна умира.
Почетоците на Делилу се тесно врзани за виталната „направи сам“ сцена на Торонто. Групата е основана во во 2013 година како пост-панк квартет. По Ковид-19 пандемијата дел од членовите ја напуштија групата која сега работи како дуо. Дневната соба како и многу други јавни простори, во кои организираат ад-хок концерти тие ги крстија Somewhere Else, некое друго место кое означува безбеден простор, ослободен од деловни трансакции и музички ограничувања. Десет години, четири албуми и стотици концерти (турнеjи со Squid и Mandy, Indiana) подоцна, ова име сè уште функционира како нивно мото – географски, музички и духовно.
Вечерта ќе ја отвори Баиндегонг (Bain de Gong), нов експериментален соло акт од Марсеј, Франција.
Билетите чинат 200 денари, се во строго ограничен број и достапни се во Котур.