Зимата полека, но сигурно, доаѓа на северната хемисфера. Продавачите на печени костени ќе ги постават своите тезги, децата ќе му се израдуваат на првиот снег, а наскоро и божиќни песни ќе се слушаат од секој прозорец и на секој уличен агол. Песните не само што веднаш успеваат да ја донесат празничната атмосфера, туку успеваат и во неколку рефрени да донесат цел дух на носталгија, радост и заедништво.
Божиќните песни ги сакаме сите. Најчесто нѐ потсетуваат на семејни собирања, пријатно стуткување со ќебенце, и секако, новогодишна елка, купување и отворање подароци. Од „The Christmas Song“ од Нат Кинг Кол до веселиот звук на „Jingle Bells“, овие музички песни и музички ремек дела се нераскинлив дел од божиќната традиција.
Празничните божиќни песни успеваат да ја премостат границата на различни генерации. Најголем дел од песните без разлика дали е „White Christmas“ од Бинг Крозби или „All I Want for Christmas Is You“ од Мараја Кери им се допаѓаат на сите. Едната песна е издадена во педесеттите години на минатиот век, а другата од деведесеттите, но двете подеднакво го доловуваат божиќниот дух.
Покрај заразни мелодии, божиќните песни честопати носат длабока порака за љубов, надеж и дарежливост. Тие нè потсетуваат за важноста на добрината и емпатијата, поттикнувајќи нè да внимаваме на оние помалку среќните, и да шириме божиќна радост. Без разлика дели станува збор за текстови кои ќе ви го растопат срцето како „Have Yourself a Merry Little Christmas“, или оптимизмот и разиграноста на „It’s the Most Wonderful Time of the Year“, овие песни нè инспирираат да прифатиме вистинскиот дух на празниците.
Во свет кој постојано се менува, препознатливоста на божиќните песни е пријатна постојаност. Ни служат како потсетник дека, независно од предизвиците, магијата на божиќниот период може да се пронајде во нотите и текстовите на божиќните песни што нè спојуваат.
Божиќни песни за сите вкусови
Некако нема поента да зборуваме за музика, а да не може да ја слушнеме. Секако нема да успееме да им ги погодиме омилените божиќни песни на сите, но еве неколку класици кои ги сакаат сите генерации.
„White Christmas“ од Бинг Кросби (Bing Crosby)
Изведбата на Бинг Кросби на „White Christmas“ е синоним за празничниот период. Прекрасната мелодија и носталгичниот текст за мечтаење за бел Божиќ нѐ потсетуваат на топлото чувство на празниците и сѐ што се поврзува со традиционалното искуство и прослава.
„All I Want for Christmas Is You“ од Мараја Кери (Mariah Carey)
Божиќната песна на Мараја Кери стекна огромна популарност веднаш по издавањето. Динамичното темпо, заразната мелодија и веселиот текст, за потреба од блискост по време на празниците се само дел од причините. „All I Want for Christmas Is You“ е песна што значи новогодишни празници за голем дел луѓе.
Божиќната песна „Jingle Bells“
Ако бараме безвременски божиќен класик, ниту една листа не може да помине без „Jingle Bells“. Песната е олицетворение на празничниот звук. Веселата мелодија и текстот за „брканицата“ низ снегот е омилена песна на децата, но и на возрасните. Енергијата што ја носи песната веднаш може да ја долови празничната возбуда. Една од најпрепознатливите божиќни песни.
„The Christmas Song“ (Chestnuts Roasting on an Open Fire) од Нет Кинг Кол
Гласот на Нет Кин Кол е една од причините поради која ова е една од омилените божиќни песни на многумина. Песната успева да наслика слика која ќе го разнежни секој слушател. Иако оригиналот е издаден во 1947 година, до денес не може да се замислат празниците без неа.
Ветуваме дека во овој период пред празниците ќе има уште повеќе божиќни песни и плејлисти. Ако случајно ја пропуштиме вашата омилена песна „Пишете ни!“.