На концертот кој се одржа на 8 октомври во концертна арена – „Sphere“ во Лас Вегас, U2 им ја посветија песната „Pride (In the Name of Love)“ на жртвите на Хамас кои загинаа на Supernova фестивалот на отворено. Групата со години се залага за мир, па тоа што го искористија својот јавен настап за да проговорат за нападот не е никакво изненадување.
„По она што се случи во Израел и Газа, песна за ненасилство изгледа помалку апсурдно, па дури и глупаво, Сепак нашите молитви отсекогаш беа за мир и ненасилство. Но нашите срца, и нашата лутина, знаете каде се насочени…
Пејте со нас… и оние убави деца од музичкиот фестивал… “
кажа Боно во најавата за песната која оригинално е напишана за д-р Мартин Лутер Кинг.
Групата во оваа прилика промени дел од стиховите од оригиналната верзија на „Pride“:
Early morning, Oct. 7, as the sun is rising in the desert sky Stars of David, they took your lifе But they could not take your pride
Стотици жртви на музичкиот фестивал Supernova
На 7 октомври милитантите на Хамас го пробија ѕидот на границата помеѓу Појасот Газа и Израел. Во близина на границата се одржуваше музичкиот фестивал на отворено Supernova. Музичкиот фестивал Супернова или Universo Paralello Festival, се одржа во Реим, Израел. Toa е рурален регион сместен во непосредна близина на границата со Појасот Газа. Датумот на музичкиот настан се совпадна со еднонеделниот еврејски празник Сукот, кој се одбележува од петок, 29 септември 2023 година, до петок, 6 октомври 2023 година. Сукот е празник што го одбележува собирањето жетва и служи како комеморација на божествената заштита дадена од Бог на синовите на Израел за време на нивното иселување од Египет.
Музичкиот фестивал започна во 10 часот вечерта на 6 октомври. Во моментот на нападот на фестивалот имаше 3500 посетители, главно млади љубители на електронска музика. Фестивалот беше една од целите на нападот. Додека една од групите милитанти напаѓаше од една страна, друга им го отсече патот кон засолништата. На крај, помеѓу 200 и 260 посетители на фестивалот беа убиени, а дел се заложници на Хамас.
Како последица на нападите и на израелскиот одговор убиени се над 1600 Израелци и Палестинци, а илјадници се повредени. Стотици се киднапирани, а во жртвите и киднапираните има жители од над 20 држави.
Одложени концерти
Нападот на Хамас го осуди и популарната пејачка Мадона, додавајќи дека е тажно да се гледаат „сите семејства, а особено децата кои се собирани, напаѓани и убивани на улиците“.
Пејачот Бруно Марс на 7 октомври требаше да одржи концерт во Тел Авив. Сепак поради нападите Марс го откажа концертот. Концертот на 7-ми требаше да биде втор концерт, откако Марс го одржа првиот на 4 октомври.