„Dreamcatchers“ – новиот сингл на Yova е тука!

Yova Dreamcatchers
Илустрација за песната „Dreamcatchers“ / Илустрација пренесена од bandcamp.com со одобрение за употреба на овој напис

Македонско-британското дуо Јова (Yova), составено од Јова Радевска и Марк Вернон (Mark Vernon), го претстави својот нов сингл „Dreamcatchers“ (се чита: Дримкечерс, превод: Ловци на соништа). Објавата не е изненадување за обожавателите. Групата започна со најава на синглот уште на средината на септември 2023.

Она што не го знаевме, а е пријатно изненадување е дека „Dreamcatchers“ е најава за истоимениот нов албум. Ако нема неочекуван застој албумот треба да излезе на почетокот на 2024 година. „Dreamcatchers“ ќе има 3 верзии. Засега може да ја преслушаме првата верзија на песната, а дополнително уште две различни изведби ќе може да слушнеме на најавениот албум. Песната е авторско дело на Јова Радевска и Марк Вернон.

„Има стотици причини да скршнете од својот пат и некој секогаш ќе чека да ве фати во неговата мрежа и да ви ја даде својата цел“.

Јова Радевска.

Обожавателите на музиката на Yova без сомневање ќе се израдуваат на новата песна, која го има препознатливиот звук на кој веќе нè навикнаа Јова и Марк.

Тимот на Yova

Yova има богата историја на соработка со извонредни музичари, а тоа продолжува и на оваа песна. Веќе од најавата знаевме дека во изработката на изданието ќе учествуваат врвни музичари. Алекс Томас (Alex Thomas), познат од своите настапи со Џон Кејл од Velvet Underground и Ана Калви (Anna Calvi), која веројатно за најголем дел од публиката е позната како композитор за популарната ТВ серија Peaky Blinders се дел од Dreamcatshers. Гитарата е маестрално отсвирена од Џејмс Седвардс, тој е соработник на Турстон Мур од Sonic Youth. Веќе редовно, Yova настапуваат и со Кејт Мур на виолончело и Даниел О’Саливен на бас.

Како аудиопродуцент и на оваа песна продолжува да биде одличниот Камерун Краиг (Cameron Craig). Тој го работеше аудиомиксот за „Dreamcatchers“. Камерун е награден од Греми наградите (Grammy Awards) за албум на годината за албумот „25“ на Адел (Adele).

Финалниот технички/инженерски допир за песната (читај: мастеринг) е на фантастичниот Мат Колтон (Matt Colton) кој во своето портфолио како мастеринг инженер ги има изданијата и на Џорџ Мајкл (George Michael), Дипешмод (Depeche Mode), Ролингсонс (The Rolling Stones), Muse, Питер Габриел (Peter Gabriel) и Coldplay.

Марк Вернон и Јова Радевска од Yova / Автор на фотографијата: Abi Neda Riley – Abi Riley Photography

Некако навикнавме дека одличниот тим на Yova не може да не донесе до ништо помалку од извонредно музичко искуство. И на ова издание се забележува дека во светот на музиката, креативноста и соработката имаат безгранични можности. Вокалот на Јова Радевска повторно ќе ги понесе обожавателите на пат до вистинско уживање. Марк Вернон е вистинско богатство во улога на пијанист и на гитарист, но начинот на кој неговата музика ги следи и се испреплетува со вокалите на Радевска е неверојатен.

Изведувачка промоција на „Dreamcatchers“ во Лондон на 25 октомври

Yova најави настап на 25 октомври 2023 во Лондон. Настанот ќе биде прво јавно претставување на нивниот нов сингл „Dreamcatchers“. Ако сте во Лондон на овој датум, секако ви го препорачуваме нивниот настап. Изведбите на Јова се вистинско музичко уживање, со автентична музичка естетика која го прави нивниот настап незаменливо искуство.

За сите сонувачи

За сите сонувачи кои се „борат“ за одржување на сопствениот курс до остварување на сонот што го сонуваат. Едни од нив сме и ние и нашиот сон еден ден да станеме музичко списание од рангот на Billboard и Rolling Stone на и за музиката од Балканот и сите оние што тргнале од него во белиот свет, за да го најдат своето место на светското музичко небо.
Дами и господа сонувачи! „Dreamcatchers“ од Yova!

Преслушај ја песната на твојата омилена платформа за преслушување музика.

Total
0
Shares
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Слични написи