Бендот Црвени кораљи (Crveni Koralji) е бенд кој има направено револуција во југословенската рок музика. Формиран во далечната 1962 година во Загреб, со кус прекин, бендот фунционира и ден-денес, нормално, со изменет состав од оној првобитниот.
Првиот ЕР носач на звук го издаваат во 1964 година за продукцијата на ПГП РТБ и бил насловен според носечката нумера – „Најљепши сан“, но сепак, од ова ЕР се издвојувала песната „Рекла си: Волимо се“, која се наоѓала на врвот на тогашните југословенски топ листи формирани од радио станиците и музичките магазини.
Текстот на оваа песна е дело на Борис Бабаровиќ, додека музиката и аранжманот се дело на Дино Сарајлиќ. Исполнувајќи ја редовно оваа песна на нивните настапи, а најчесто во култното загребско место „Рибњак“, кое во тоа време било најпосетено место за забава во Загреб, „Црвени кораљи“ забележале дека потребно е да се направи контраст во изборот на репертоарот, а по изведбата на песната „Рекла си: Волимо се“, секогаш следувал френетичен аплауз. Можеби тоа било и тајната на нивниот успех, кој трае и ден-денес.
Оваа песна не само што постанала ударен хит, туку таа е виновникот што нивното прво ЕР издание е печатено и продадено во 100.000 примероци, што во тоа време било речиси идентично со бројката на постоечки грамофони што ги имало на територијата на цела Југославија.
Во почетокот на седумдесеттите години, бендот заминува на турнеја низ Советскиот Сојуз, каде што и тамошната публика со восхит ја слуша песната.
Песната има посебна моќ, затоа што ја исполнува еден од најдобрите вокални солисти во Југославија – Борис Бабаровиќ – Барба, кој често бил прогласуван за најдобар солист на тогашните натпреварувања на бит составите, на кои учествувале не само ју-групи, туку и групи од Италија.
Ако ви се допадна написот, прегледајте ги останатите написи во „Ја помниш ли песнава?“.