Песната „Нима Сплита до Сплита“ е компонирана од хрватскиот композитор Никица Калоѓера во 1967 година, на текст на Ивица Крајач, а исполнета е истата година на реномираниот „Сплитски фестивал“ од југословенската поп-дива Тереза Кесовија. Оваа песна званично е прогласена за химна на „Сплитскиот фестивал“.
Во својата долгогодишна кариера, Калоѓера има компонирано преку илјада композиции и е добитник на многубројни награди и признанија. Првиот носач на звук го снимил во далечната 1952 година со Иво Робиќ за „Југотон“. Иако по вокација лекар со завршен Медицински факултет, сепак, љубовта кон музиката била пресудна да заврши и Музичка академија и целиот свој живот да го посвети на музичката уметност.
Како композитор, Калоѓера бил присутен речиси на сите тогашни југословенски фестивали, а негови композиции исполнувале: Љупка Димитровска (негова сопруга), Тереза Кесовија, Миро Унгар, Ивица Шерфези, Дубровачки трубадури, а преку 500 негови дела се објавени од странски издавачки куќи, во изведба на ѕвезди од светски калибар, како: Миреј Матје, Клаудио Виља, Лорета Гоџи, Софија Ротару, Едит Пјаф, Рикардо дел Турко…
Калоѓера е автор и на театарска и филмска музика, а најпознати се неговите музички теми во филмовите: „Човик од свита“, „Голи човјек“, „Пут у рај“, „Лов на јелене“ и „Капетан Микула Мали“.
Во 60-тите години од минатиот век, Калоѓера напишал аранжмани за шест американски ЛП плочи, кои, по лиценца на „Југотон“, биле снимени за американските компании за грамофонски плочи „РЦА“, „Колумбија“ и „Виктор“.
По долга и тешка болест, Никица Калоѓера почина во 2006 година, оставајќи зад себе импозантен опус на авторски дела, кои имаат значајно место во југословенската дискографија.
1 comments