„Сјај изгубљене љубави“ од Камелеони (1967)

Камелеони - „Сјај изгубљене љубави“

Камелеони се музички бенд од Копер, Словенија, формиран во 1965 година. Бендот имал кус век на егзистирање, зашто престанале со работа во 1968 година, но нивното музичко искуство имало значајно влијание за југословенската музичка сцена, а од музичките критичари биле наречени „Словенечки Битлси“.

Бендот го формирале четворица средношколци: Данило Коцјанчич, Јадран Огрин, Марјан Маликович и Тулио Фурланич, како типична бит-група од тоа време, свирејќи песни од Битлси и The Mamas & the Papas. Првиот успех им бил на ВИС фестивалот во Загреб, токму со песната „Сјај изгубљене љубави“, кога го поделиле првото место со популарните Роботи. Потоа следувале настапи на Гитаријадите во Загреб, Белград, Љубљана и Марибор. Во 1968 година настапиле во реномираниот клуб „Пипер“ во Милано, познатото култно збиралиште на музичари од светска класа. По овој настап, добиле понуда од дискографската куќа РЦА, а нивните снимки стигнале и до Пол Макартни, но кога требало да продолжи соработката, немале средства за престој во Лондон.

Камелеони
Сликата е преземена од Џубокс бр. 2 од 3 јуни 1966 година. Автор на сликите: Чедомир Урошевиќ

Во 1967 година за „Дискос“ ја снимиле својата прва мини плоча на 45 вртежи – „Шампиони Југославије“ со четири песни, од кои најпопуларна била „Сјај изгубљене љубави“, во тираж од 16000 примероци, што за тоа време било огромна бројка. Истата година „Југотон“ издале уште една нивна плоча на 45 вртежи со наслов „Dedicated to the one I love“. Во едно интервју, на прашањето, од каде името Камелеони, членовите изјавиле дека сосема случајно, еден ден, додека поминувале пред еден хотел во родниот Копер, виделе реклама за цигарите „Камел“, а некој почнал да потпевнува „Камел, камел, камел…“, по што сите во еден глас извикале Камелеони и едногласно одлучиле тоа да биде званичното име на бендот.

Камелеони
Сликата е преземена од Џубокс бр. 2 од 3 јуни 1966 година. Автор на сликите: Чедомир Урошевиќ
Total
0
Shares
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Слични написи