Мулти-талентираниот инструменталист Зоран Стефаноски го претстави својот нов сингл „Wild Eyes“. Онлајн промоцијата на песната беше на 10 октомври на платформата за споделување на видео YouTube. Песната е со карактеристичниот звук на Стефаноски и без сомневање ќе им се допадне на сите љубители на инструментална хард-рок и метал музика.
Ова е шестиот самостоен сингл на Зоран Стефаноски. Песната е напишана и оригинално снимена во 2018 година, но за официјална промоција песната требаше да почека неколку години.
Стефаноски е исклучително талентиран мулти-инструменталист и музички автор. Не само што е комплетен автор на песните, туку самиот ги свири сите инструменти, од гитара до тапани. Тоа е случај и со „Wild Eyes“, во песната свири гитара, бас гитара и тапани, а тој е и композитор и автор на аранжманот. За техничките улоги аудиомикс и мастеринг на ова издание е задолжен Христијан Ѓорѓиевски.
Покрај соло кариерата, Зоран Стефаноски учествува како инструменталист (тапанар) во неколку популарни метал и хардкор бендови како Melissa, Vehementor и Hardfaced. Стефаноски во октомври 2021 објавува уште еден сингл, седми по ред. Називот на овој инструментален фонограм е „The Hand of Salvation and Justice“. По ова издание тој најавува и „пакување“ на сите седум синглови во една албумска амбалажа. Во секој случај, музичките изданија објавувани во период од пет години се веќе достапни за преслушување.
Текстот е преземен од новинската агенција Мета.МК. Првата објава на овој текст е достапна овде.