Музичкиот опус на Нина Спирова како белег на едно време

Нина спирова

Нина Спирова (Прилеп, 26 октомври 1938 – Србија, 11 септември 2020) е една од најпознатите македонски пејачки на поп, шлагери, шансони и староградска народна музика на сите времиња. Со нејзиниот милозвучен и моќен глас, таа остави трајни вредности, музички записи на неколку забавни мелодии, кои станаа евергрини, како и на бројни бисери на староградската македонска музика.

Таа има исполнето и снимено голем број познати музички хитови од светски аранжери, како и голем број на обработки на македонски народни песни.

Според нејзините почитувачи, но и музичките стручњаци, главен белег има оставено пеејќи ја македонската народна, но и староградската песна. Има учествувано на првите изданија на „Скопскиот фестивал“, а има соработувано со најпознатите македонски автори, композитори и музички аранжери, меѓу кои: Драган Ѓаконовски – Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски и многу други. Има снимено над 80 композиции за музичката продукција на МРТВ (РТС). Има снимено винилни изданија на српскохрватски јазик, додека забележителен настап имала на фестивалот „Beogradsko proleće“ во 1964 година со песната „Bela hrizantema“.

Како еден од вечните евергрини, кои ќе останат да нѐ асоцираат на прекрасното минато на Спирова, претставува хитот „Еден бакнеж“. Тоа е безвременска македонска песна, со која на фестивалот „Opatija“, во 1962 година, се закити со прва награда.


„Во 1959 година, Нина Спирова и Димитар Масевски, беа само обични момче и девојка, кои се обидуваа да се качат по скалите, што ќе ги одведат во друштвото на најдобрите во областа на забавната (поп-шлагер) музика“.

И по толку години, не може со точност да се каже кој кого го открил: Дали Нина Спирова постанала славна благодарение на Масевски, или, пак, благодарение на нејзиниот вонсериски глас, Масевски постанал препознатлив млад композитор. Како и да е, нивниот заеднички музички пат започнува во Средното музичко училиште во Скопје, од каде што тргнале со големи надежи, не сомневајќи еден во друг дека ќе постигнат големи успеси на тогашната југословенска музичка сцена.

Нина Спирова е родена во Прилеп на 26 октомври 1938 година. Нејзиниот татко Кирил (1908-1986) во 1932 година стапил во брак со Љубица Кључаричек (1914-1991), која била родум од местото Целине, во близината на Врбовец, Република Хрватска. Љубица во Прилеп пристигнала со пејачка дружина и тука го запознала својот иден сопруг, кој потекнувал од познатото прилепско музичко семејство – Шиндевци. По завршувањето на основното образование во Прилеп, Нина ја продолжила својата музичка наобразба во Средното музичко училиште во Скопје. За прв пат, Нина застанува пред микрофонот како сериозен вокален исполнувач во 1959 година, кога дебитирала пред слушателите на Радио Скопје, исполнувајќи ја композицијата „Среќен, среќен пат“, чиј композитор е Ljuboslav Kuntarić1.

Овој настап, иако пред микрофонот на Радио Скопје, за младата Нина бил пресвртница во нејзиниот живот, зашто таа ги почувствувала емоциите на слушателите и нивната жед за добра музика и за нејзиниот истенчен вокал. Излегувајќи од сенката на сопствената анонимност, во пеењето таа наоѓа посебно задоволство, кое тешко можела да го доживее во обичниот живот. На еден од нејзините концерти во 1960 година, изведувајќи ја композицијата „Цигански вечери“ таа била наградена со френетичен аплауз, кој ги задушил последните тонови на Големиот забавен оркестар на Радио Скопје, кој ја придружувал младата солистка. Тука Нина го почувствувала и првиот трепет на вистинскиот триумф, нешто, што ретко им успевало и на многу поискусни солисти, а според самата Нина, овој концерт бил вистинска средба со публиката, остварен преку еден „чуден и невидлив контакт“.

За време на школувањето во Скопје, Нина ѝ посветува големо внимание на класичната музика, а особено била забележителна со нејзините интерпретации на партијата на Кармен од истоимената опера, како и партијата на Далила од операта „Сампсон и Далила“. Но, љубовта кон музиката не знае за граници, па така, за Радио Скопје до 1961 година таа веќе имала исполнето преку 40 композиции. Според Нина, за неа „убава е секоја песна што е добра“, па така, со посебно задоволство ги исполнувала композициите „Изгубената трага“ од хрватската композиторка Marija Radić и „Мала принцеза“ од Мilan Kotlić, композиторот на тогашните популарни мелодии „Moja najlepša zvezda“, „Neko ko šapće“, „Mala priča“, „Sreća na oglas“, „Moje misli“…

По завршувањето на Средното музичко образование во Скопје, кај Нина веќе се појавува желба да сними прва плоча за некоја од тогашните југословенски издавачки куќи. Но, пред да дојде до реализација на оваа нејзина желба, таа во 1960 година за Радио Скопје ќе ги сними песните „Здодевно е“ и „Ако отидеш“, чиј автор на музика и аранжман е Jacques Brel. За жал, не сретнав податок кој го направил препевот на оваа песна (претпоставувам Ѓоко Георгиев), но според многумина, препевот е многу поемотивен дури и од самиот оригинал:

„Ако останеш после оваа ноќ,
ќе нè земат нас сите сонца мои,
в некој предел друг, син од нови дни,
што ги барам јас, што ги бараш ти.
Знам јас ти си тој, оној човек прав,
што ќе пружи сè, што ќе разбие страв,
само не оди, биди мугра ти, здив на нови дни…“

Можеби овие две композиции се причина повеќе Нина полека, но сигурно, да навлезе во забавната музика, никогаш не потценувајќи ја и не заборавајќи ја старата љубов – класичната музика. Веќе во 1962 година неа ѝ се исполнува животниот сон – нејзиниот глас да остане овековечен на носач на звук, но и да се појави на голема сцена, на тогашниот најпрестижен фестивал на забавната музика – Opatija, кој се одржувал во Хрватска2.

На своето фестивалско деби, Нина Спирова ја исполнила композицијата „Роден крај“, чиј автор на музиката е Петар Пешев, аранжманот е на Ilija Genić, на текст на Ѓоко Георгиев. Токму оваа нумера е првата песна на Нина, која е ставена на носач на звук. Таа се најдува на винилната LP фестивалската компилација „Opatija 62“ во издание на PGP RTB3 (сериски број: LPV 5901) како осма песна на А страната. На истото издание се наоѓа и победничката „Еден бакнеж“ во изведба на Зоран Георгиев. Oва појавување на името на Нина Спирова на првиот носач на звук значи почеток на нејзината успешна кариера, не само заради нејзините гласовни и интерпретаторски способности, туку и заради фактот што на оваа компилација се наоѓа „кремот“ на тогашната југословенска естрада: Miodrag Miki Jevremović, Lola Novaković, Ivo Robić, Tereza Кesovija, Marko Novosel, Gabi Novak, Višnja Korbar, Vice Vukov и многу други, како и уште еден врвен македонски изведувач – Зоран Георгиев.

Сепак „Opatija“ 1962 година ќе биде запаметена по песната „Еден бакнеж“ (музика: Петар Пешев, текст: Христо Крстевски, аранжман: Драган Ѓаконовски – Шпато), која во алтернација ја отпеале Нина Спирова и Зоран Георгиев. Песната ја освоила првата награда од публиката, присутна во „Кристалната дворана“ на хотелот „Кварнер“ во Опатија.

Песната досега има доживеано неколку изведби од други интерпретатори, но мора да се признае дека оригиналните изведби на Нина Спирова и Зоран Георгиев се знак за препознатливост на оваа безвремена композиција.

Песната „Еден бакнеж“ е ставена на носач на звук, и тоа на ЕР компилациското фестивалско издание „Opatija 62 – Nagrađene melodije“, (сериски број: ЕР 50911) во издание на PGP RTB, издадено во 1963 година, како прва песна на А страна, но во интерпретација на Зоран Георгиев.

Неа ја искористи и Милчо Манчевски како тема во неговиот филм „Сенки“ од 2007 година. Трејлерот од филмот со музичката подлога на песната „Еден бакнеж“ во интерпретација на Нина Спирова, или ако сакате, интрпретацијата на Нина Спирова со сцени од филмот „Сенки“, уште еднаш ја потврди вредноста на оваа прекрасна композиција.

Впечатливиот настап од 1962 година било доволна причина Нина да се појави и наредната година на истиот фестивал. Во 1963 година таа на Опатискиот фестивал исполнила две композиции, и тоа: „Daleko od ljubavi“ (музика: Aleksandar Nećak, текст: Ildi Ivanji, аранжман: Krešimir Oblak) и „Прегој од надеж“ (музика: Петар Пешев, текст: Христо Крстевски, аранжман: Ilija Genić). Овие имиња се доказ дека Нина веќе почнала да соработува со врвните музички творци од тоа време, кои создавале песни за југословенските поп-ѕвезди, а овие песни на Нина повторно се ставени на винилната LP фестивалска компилација „Opatija 63“ во издание на PGP RTB (сериски број: LPV 5902). На оваа компилација, покрај веќе докажаните имиња од поп-естрадата, ги сретнуваме и имињата на Anica Zubović, Senka Veletanlić – Petrovič, Zdenka Vuković, легендарниот Arsen Dedić, како и дуото „DD“, ансамблот „Dalmacija“…

Веднаш по „Opatija“ 1963 година, впечатливиот настап на Нина ќе биде причина да добие покана да настапува на фестивалот „Beogradsko proleće“ истата година, изведувајќи ја песната „Express u 0,3“ (музика: Angelo Vlatković, текст: Olivera Živković, аранжман: Nikica Kalоđera), во придружба на Големиот забавен оркестар на РТБ, под диригентство на Ilija Genić. Оваа нумера е ставена на винилната ЕР фестивалска компилација „Beogradsko proleće 63 – ploča 5“ во издание на PGP RTB (сериски број: ЕР 50956).

Оваа 1963 година слободно може да се смета за вистински успешна година на младата, веќе етаблирана, поп-исполнителка на шлагери – Нина Спирова. Нејзините настапи на фестивалот во Опатија не останале незабележани од музичката редакција на PGP RTB, па таа добива понуда да сними два носачи на звук во истата година. Во месец јуни влегува во студиото на PGP RTB и го снима првиот самостоен носач на звук – ЕР4, со наслов „Шпански ноќи“ (сериски број: ЕР 50175), според насловната нумера на изданието. Ова прво самостојно издание на Нина, всушност, содржи четири композиции – преработки на шпански и грчки мелодии. Така, на А страната се наоѓаат песните: „Шпански ноќи“ (музика: A. Salver) и „Го љубам до најмалите ѕвезди“ (музика: Димитар Масевски); на Б страната се наоѓаат песните: „Ке амор“ (музика: C. Gori) и „Ти не си тука“ (музика: Εμμανουήλ Χατζιδάκις). Аранжманите на сите четири песни ги направил Milan Kotlić, додека маестралните препеви се направени од Ѓоко Георгиев. Сите песни се снимени во придружба на Ансамблот на Milan Kotlić. Омотот на ова издание е печатен во печатницата Forum во Нови Сад.

Вториот самостоен носач на звук од 1963 година со наслов „Pevač“ повторно е во продукција на PGP RTB (сериски број: ЕР 50176) и на него има три нумери – преработки, а на Б страната се наоѓа првата песна, чиј тим е комплетно авторски и која песна е еден прекрасен евергрин на Нина Спирова. На А страната од ова ЕР се наоѓаат песните: „Pevač“ („El coplero“) (музика: Rodriguez) и „Amor, amor amor“ (музика: Hernandez); на Б страната се наоѓаат песните: „Voli me“ („Besame mucho“) (музика: Consuelo Torres Ortiz Velázquez) и „Pelisterske oči“ (музика: Александар Џамбазов). Аранжманите на сите четири песни повторно ги направил Milan Kotlić, додека текстовите ги напишал Miodrag Jakovljević. Сите песни повторно се снимени во придружба на Ансамблот на Milan Kotlić, а насловната фотографија за изданието е дело на S. Cekić. Песната „Pelisterske oči“ препеана е и на македонски јазик, а препевот најверојатно е дело на Ѓоко Георгиев.

По овие два самостојни носачи на звук, за Нина Спирова ќе се чуе во Советскиот Сојуз, а таа е веќе и дел од експедициите на југословенските поп-ѕвезди, кои во тоа време ги полнеле концертните сали на оваа земја, каде што нивните турнеи траеле со месеци. Токму на овие настапи во Советскиот Сојуз, се појавува и третиот самостоен носач на звук на Нина, и тоа за две различни советски издавачки куќи: Апрелевский Завод и Аккорд, кој претходно го носел името Ленинградский Завод. Двата носачи на звук за музичкиот пазар во Советскиот Сојуз се издадени во формат Shellac5, 10″, 78 RPM, mono. Изданијата за двете продукциски куќи го имаат серискиот број 40769 (А страна) и 40770 (Б страна). На А страната се наоѓа композицијата „Крыши“ (музика: Nikica Kalođera, текст: Igor Krimov (Arsen Dedić), аранжман: Nikica Kalođera) на хрватски јазик, додека на Б страната се наоѓа композицијата „Рассказ о потерянной любви“ (музика: Aleksandar Nećak, текст: Vera Torbica, аранжман: Aleksandar Nećak) на српски јазик. Двете нумери се снимени во придружба на тогашниот екстра популарен Ансамбл „Sedam mladih“ („Седуммина млади“).

Овие две композиции на Нина, ќе се најдат и на ЕР компилацијата од истата година, повторно за советскиот пазар. Песните од Нина се наоѓаат на А страна од компилацијата, додека на Б страна се наоѓаат песните: „Фатима“ во исполнување на Nada Knežević и „Гей, молодые парни“ во исполнување на Predrag Gojković – Cune и Ансамблот „Sedam mladih“. Ова компилациско издание има четири изданија. Првото издание е за продукцијата на Ташкентский завод (сериски броеви: Д-00012785, А страна и Д-00012786, Б страна); второто издание е за продукцијата на Melodija од Рига (Летонија), (сериски број: 33Д-00012785-6); третото издание е за продукцијата на Аккорд (сериски број: Д-00012785, А страна и Д-00012786, Б страна), а последното, четврто издание, за продукцијата на Всесоюзная Студия Грамзаписи (сериски број: 33Д-00012785-6). Форматот на сите овие винилни изданија е: 7″, 33 ⅓ RPM, додека сите четири винилни етикети се со различен дизајн и логоата на продукциските куќи.

Во 1964 година Нина повторно настапува на фестивалот во Опатија. Овојпат ја исполнува нумерата „Детство“ (музика: Александар Џамбазов, текст: Ѓоко Георгиев, аранжман: Ilija Genić), а во дует со Živan Milić ја исполнува нумерата „Песна на вљубените“ (музика: Петар Пешев, текст: Ѓоко Георгиев, аранжман: Драган Ѓаконовски – Шпато). Овие две песни повторно се ставени на винилна LP фестивалска компилација „Opatija 64“ во издание на PGP RTB (сериски број: LPV 5903), на која повторно се наоѓаат имиња на врвни југословенски изведувачи, како: Đorđe Marjanović, Lado Leskovar, Ana Štefok, Stjepan Jimmy Stanić, Sabahudin Kurt… Истата година, на фестивалот „Beogradsko proleće“ ќе ја исполни песната „Bela hrizantema“ (музика: Dušan Vidak, текст: Olivera Živković, аранжман: Mihailo Živanović), во придружба на Џез оркестарот на РТБ под диригентство на Vojislav Simić. Песната се наоѓа на фестивалското ЕР компилациско издание „Beogradsko proleće 64 – ploča 1“ (сериски број: EP 50957) во издание на PGP RTB.

Веќе се чини дека Нина е претплатена на фестивалот „Опатија“, зашто и во 1965 година таа повторно настапува на оваа престижна ревија на забавната песна. За жал, од овој фестивал нема компилациски носач на звук, па така песната „Во една пролет“ (композитор: Димитар Масевски), која Нина ја изведувала таа година, ја нема на носач на звук, но дискофилите зачувале тонски запис и песната може да се најде на платформата YouTube. Оваа година песните се изведувале со алтернации, па така Нина била алтернација на Elvira Voća, која ја изведувала песната „Kupi mi malo cvijeća“. Сепак, и покрај тоа што фестивалската песна ја нема на носач на звук, Нина повторно ќе се појави на музичкиот пазар со ново ЕР издание, и повторно во издание на PGP RTB (сериски број: ЕР 50177). Овој винил имал 3 печатења, и тоа две во 1965, а третото се случило во 1966 година, со нов и различен омот од претходните две. На ова ЕР издание сите четири песни се преработки. Така, на А страна се наоѓаат песните: „Pastirica“ („Pastora“) (традиционална песна) и „Praznično veče“ (непознат автор на музика, текст: Časlav Stojanović), додека на Б страна: „Ponoć“ („Era mezzanotte“) (музика: Oronzo Leuzzi) и „U čemu je stvar“ („Vioa del mar“) (музика: Leo Chiosso). Аранжманите на сите песни се дело на Ilija Genić, кој и диригирал со Гудачкиот забавен оркестар на РТБ, додека препевите на трите песни (А1, Б1 и Б2) се дело на Aleksandar Korać. Како придружни вокали се јавуваат членовите на вокалниот ансамбл „Koral“, а автор на фотографијата е извесен M. Miletić.

Во „Домот на синдикатите“ во Белград, на 23 јануари 1966 година, Нина Спирова како претставник на РТВ Скопје, настапила со две композиции на „Jugovizija“, во изборот на песна за „Eurovision song contest“, кој таа година се одржал во Луксембург. Нина ги испеала песните „Devojka i pesma“ (освоени 11 поени и пласирана на второ место) и „Разделба“ (освоени 5 поени и пласирана на петто место). За жал, тонски снимки од двете песни до денес нема, а немам сретнато ни податок кој е автор на песните.

Сепак, и во 1966 година името на Нина Спирова ќе остане забележано на носач на звук. И повторно во продукција на PGP RTB ќе се појави ново ЕР издание (сериски број: EP 50178) и повторно со преработки на светски поп-шлагер хитови. На ова ЕР издание, на А страна, се наоѓаат песните: „Žuta diližansa“ („The yellow mailcoach“) (музика: Adolph Morris и Jos Cleber, текст: A. Guteša), „Zašto me tražiš“ („Nubes de colores“) (музика: Augusto Algueró, текст: Nada Zej); додека на Б страна се песните: „Koliko te volim“ („Dio, come ti amo“) (музика: Domeniko Modugno, текст: Đorđe Marjanović, аранжман: Ilija Genić) и „Sombrero i marame“ („Les sombreros et les mantilles“) (музика: Léon Depoisier – Chanty, текст: Nada Zej). Аранжманите за песните А1, А2 и Б2 се дело на Jure Robežnik. На Б1 песната свири Забавниот оркестар на РТБ, додека на останатите песни свири Aнсамблот на Mojmir Sepe.

Во 1967 година повторно на репертоарот е фестивалот „Opatija“, каде Нина ја исполнува нумерата „Čekala sam te“ (музика и аранжман: Severin Kajtazi, текст: Aleksandar Korać). Како алтернација на Нина, песната ја пеела и Anica Zubović. На компилациското фестивалско ЕР издание, оваа композиција ја нема и за истата до денес нема тонски запис.

Во 1968 година, Нина ќе ја исполни песната „Елегија“, и тоа повторно настапувајќи на „Jugovizija“, овој пат во Скопје, а за избор на песна за „Eurovision song contest“, кој таа година се одржал во Велика Британија. Не сретнав податоци за авторите на оваа песна, а запишано е дека на фестивалската вечер Нина го освоила четвртото место со 5 поени. Оваа песна не е ставена на носач на звук. Истата година, за потребите на РТС ја снима легендарната „Молчи, молчи“ (музика: Димитар Масевски, текст: Ѓоко Георгиев, аранжман: Славе Димитров), врвниот македонски евергрин. По снимањето на оваа песна, Нина веќе е наречена македонската Edith Piaf, а песната ќе има и видео спот во продукција на РТС во 1984 година.

Во 1969 година, повторно за потребите на РТС, Нина ја снимила песната „Денот ми дојде“ (музика и аранжман: Славе Димитров, текст: Ѓоко Георгиев). Во Загреб, на фестивалот „Jugovizija“, во изборот на песна за „Eurovision song contest“, кој таа година се одржал во Шпанија, Нина ја исполнила нумерата „Благодарам“ и, за жал, го освоила последното место. Песната има тонски запис, но не е ставена на носач на звук. Истата година Нина ќе настапи и на „Скопскиот фестивал“ со песната „Езеро мое“ (музика и аранжман: Љубомир Бранѓолица, текст: Ѓоко Георгиев). Како алтернација, истата нумера ќе ја исполни и Irena Kohont, но во аранжман на Jure Robežnik. И оваа песна има видео спот во продукција на РТС, реализиран во 1984 година.

Во 1971 година Нина повторно била присутна на реномираниот „Скопски фестивал“, овојпат со композицијата „Жолта липа“ (музика и аранжман: Драган Ѓаконовски – Шпато, текст: Благој Стефановски). Песната во алтернација ја исполнил Dragan Stojnić. Песната до сега не е објавена со тонски запис. Во архивите на фестивалот „Beogradsko proleće“ за 1971 година, запишано е дека Нина настапувала со песната „Sve dok u nama ljubavi ima“ (композитор: Angelo Vlatković). И покрај сите настојување, видео/аудио запис за композицијата не пронајдов.

Во 1972 година Нина повторно настапила на „Скопскиот фстивал“ исполнувајќи ја песната „Спомен за една љубов“ (музика: Мехмед Манев, текст: Снежана Христова, аранжман: Славе Димитров). Нејзиниот емотивен настап бил награден со долг аплауз од присутната публика, но сепак, Нина останала без награда, а песната е вброена во македонските евергрин песни. За жал, иако постоеле преговори за издавање на винилно компилациско издание од овој албум и бил изработен и омот, до реализација не дошло и песната не била ставена на носач на звук.

Наредната 1973 година Нина повторно ќе се појави на музичкиот пазар, но овојпат со две нови ЕР винилни изданија, и двете под логото на PGP RTB. На првото ЕР издание (сериски број: SF 52 549) се наоѓаат две нумери: „Nikada te sresti nisam smela“ и „Još samo noćas“. Впрочем, со првата композиција Нина настапила на фестивалот „Opatija“ истата година, во првата полуфинална вечер, а победник на фестивалот бил Zdravko Čolić со песната „Gori vatra“. Таа година, токму победникот од овој фестивал, ја претставувал Југославија на „Евровизија“, која се оджала во Луксембург. Музиката за двете песни од ова ЕР издание е дело на Angelo Vlatković, текстот на Albertina Trbojević, додека аранжманите се дело на Stipica Kalođera (А страна) и Stevan Radosavljević (Б страна), кој и диригирал со Ревискиот оркестар на РТВ Нови Сад.

Второто ЕР (сериски број: SF 52565) ги содржи нумерите: „Zbog svega onog što je bilo“ и „Pisma koja nikad nećeš primiti“. Првата нумера е исполнета на фестивалот „Beogradsko proleće“ истата година, што значи дека 1973 година била фестивалска година за Нина, настапувајќи на три реномирани југословенски фестивали. Музиката за двете песни од ова ЕР издание е дело на Angelo Vlatković, текстот на Albertina Trbojević, додека аранжманите се дело на Stipica Kalođera (А страна) и Vojislav Simić (Б страна). Музиката на ова ЕР издание ја исполнува Ревискиот оркестар на РТВ Белград. За фестивалската песна снимен е и видео спот во продукција на ТВ Белград.

Третиот фестивал, на кој се појавила Нина во 1973 година, е „Скопскиот фестивал“, каде што ја исполнила песната „На овој ден“ (музика и аранжман: Љубомир Бранѓолица, текст: Ѓоко Георгиев). Од оваа песна сочуван е тонски запис.

И во 1974 година Нина настапува на „Скопскиот фестивал“, овојпат со песната „Желба јас чудна имам“ (музика и аранжман: Љубомир Бранѓолица, текст: Гордана Николова – Ѓорѓиевска). И од оваа песна има сочувано тонски запис.

Истата година за Нина е посебно значајна, зашто за продукцијата на RTV Ljubljana го издава своето прво винилно LP (сериски број: LP-1039), како и својата прва музичка касета (сериски број: 171). Освен што ова е првото винилно LP и касета за Нина, за прв пат таа става на носачи на звук македонски традиционални песни во аранжман на маестро Кочо Петровски, а во придружба на ансамблите на Dragan Bendeković и Milan Stanisavljević. Овој носач на звук содржи 13 македонски изворни песни, и тоа по следниот распоред: „Кажи, кажи, либе Стано“, „Донка седи на пенџере“, „Марие, бела Марие“, „Елено моме убаво“, „Калеш бре Анѓо“, „Дојчине сине“, „Лулела је Јана“, „Си заљубив едно момче“, „Мајко кој чука на порти“, „Македонско девојче“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Ој, славеjче џанум“ и „Ој, девојче, бело и црвено“. Продуцент на ова издание е Tomaž Tozon, а тон-мајстор Vinko Rojc.

Во 1975 година, со песната „Молчи и ти“ (музика и аранжман: Љубомир Бранѓолица, текст: Ѓоко Георгиев), Нина настапувал на фестивалот „Opatija“. За жал, песната не е ставена на винилното компилациско издание, но дискофилите сочувале тонски запис од ваа песна. По пауза од две години, во 1978 година на истиот фестивал, Нина ја исполнува „Камбаната селска“ (музика и аранжман: Љубомир Бранѓолица, текст: Ѓоко Георгиев), а песната е ставена на винилната фестивалска компилација „Veće šansona i slobodnih formi (JRT Opatija ’78)“ (сериски број: LP 5323) во издание на PGP RTB.

Во 1979 Нина повторно ја слушаме на „Скопскиот фестивал“, оваа година под името „Денови на македонската музика – Скопје ’79 (Вечер на забавни мелодии)“, со мелодијата „Љубов од минатото“ (музика: Григор Копров, текст: Благој Стефановски, аранжман: Илија Пејовски). Оваа нумера е ставена на винилното компилациско фестивалско издание (сериски број: LSY 61484), а како издавачи се наведени три издавачи: Jugoton, РТС и Здружението на композитори на Македонија. Продуценти на изданието се Славе Димитров и Благоја Чешларов, а со Ревискиот оркестар на РТ Скопје диригирал Александар Џамбазов. Како тон-мајстори се потпишани Анастас Панајотов и Милка Герасимова.

По подолга пауза, последните носачи на звук за југословенскиот музички пазар, Нина Спирова ги објавува во 1984 година, повторно со македонски изворни песни, овојпат под марката на Jugoton. Овие изданија се објавени како винил LP (сериски број: LSY 61857) и касета (сериски број: CAY 1369). На изданието се наоѓаат десет традиционални песни во аранжман на Ljubiša Pavković, а во исполнение на Народниот оркестар на РТ Белград.
Изборот на песните е дело на Radmila Trifunović. Продуценти на изданието се Borivoje Ilić и Slobodan Nikolić, уредник е Miroslav Gavrilović, главен и одговорен уредник – Dubravko Majnarić, додека тон-мајстор е Todor Andrin. На овој носач на звук се наоѓаат песните: „Бело лице љубам јас“, „Ајде слушај, слушај, калеш бре Анѓо“, „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, „Зајди, зајди, јасно сонце“, „Сношти поминав, заминав“, „Болен ми лежи млад Стојан“, „Кажи, кажи, либе Стано“, „Судба моја“, „Лулела е Јана“ и „Бог да бие кој прв спомна“.

Во поплавата од носачи на звук со новокомпонирана музика со лесна содржина, кои во овие години се појавиле на југословенскиот пазар, со ова издание, според музичката критика од тоа време, „Нина ја доловила цела Македонија на едно музичко издание, заедно со нејзиниот фолклор. Со лесната певливост таа остава впечаток дека песната за неа е игра, дарба, која е усовршена до крајни граници. Нејзината динамичност е беспрекорна, гласот преполн со преливи, како планинска река, во придружба со пијаното пее сѐ погласно, за потоа одеднаш да се врати кон потивко. Песната „Болен ми лежи млад Стојан“ Нина ја пее трогласно, а сите три гласа ги пее сама: првиот глас, терца и секста. Тоа е толку сложено ,а сепак се слуша само еден изведувач, нема никакви несогласувања, како тоа да го изведува компјутер, а не човечки глас“.

Во 1985 година Нина уште еднаш ја слушаме на фестивалот „Opatija“ со песната „Дали ќе дојде едно писмо“ (музика и аранжман: Љубомир Бранѓолица, текст: Ѓоко Георгиев), која, за жал, не е ставена на фестивалската компилација, но од песната сочуван е тонски и видео запис, благодарение на спотот на РТС.

Македонската радио телевизија, конечно, за брилијантната Нина Спирова ќе се досети да објави носач на звук дури во 2002 година, кога Нина веќе одамна е повлечена од сцената. Во студијата на МРТ, во некогашната придружба на Забавниот оркестар на РТС, Гудачкиот оркестар на РТС и Ревискиот оркестар на РТС, со кои диригирале Александар Џамбазов и Драган Ѓаконовски – Шпато, се појавува компилациското CD: „Нина Спирова – Македонска поп класика“ (сериски број: МП 42050), на кое ќе се најдат нејзини 18 поп-шлагери, ненадминатите македоснки евергрини, во аранжмани на Драган Ѓаконовски – Шпато и Љубомир Бранѓолица. Ова издание е произведено во SONY DADC – Австрија, а како издавач е потпишана Македонска радио телевизија, ДЕ Музичка и касетна продукција. На ова издание се наоѓаат евергините: „Молчи и ти“, „Дали ќе дојде едно писмо“, „Заборавена песна“, „Желба јас чудна имам“, „Сами“, „Идила“, „Камбаната селска“, „На овој ден“, „Сеќавање“, „Благодарам“, „Пелистерски очи“, „Го љубам до најмалите ѕвезди“, „Далечен крај“, „И можеби“, „Незнаена сестра“, „Езеро мое“ и вечниот македонски евергрин „Еден бакнеж“.

Освен овие носачи на звук, треба да се евидентираат и некои компилациски изданија, на кои е застапена Нина Спирова. Песната „Идила“ е ставена на винилната компилација „Драган Ѓаконовски – Шпато“ во 1979 година, во издание на Diskos, РТС и Здружението на композитори на Македонија (сериски број: POR 035, ПОР 035), а омотот на винилното издание е дело на врвниот македонски уметник Димитар Кондовски. Потоа евергринот „Еден бакнеж“ се наоѓа на компилациското касетно издание „Антологија на македонската забавна музика“ на Музичката и касетна продукција на МРТ (сериски број: МП 22117); песната „Детство“ на компилациското касетно издание „Екранов шлагер – II касета“ во 1995 година на Музичката и касетна продукција на МРТ (сериски број: МП 22150); песната „Молчи, молчи“ на компилациското CD „Македонска музика 2“ во 1997 година во издание на МРТ (сериски број: МП 42011); песната „Ој, славејче
џанум“ на компилациското касетно издание „Македонски песнопојни бисери“ во 1998 година во издание на Музичката и касетна продукција на МРТ (сериски број: МП 21237); песната „Сношти поминав, заминав“ на компилациското CD издание „Песни што вечно остануваат 2“ во издание на Македонија рекордс (без сериски број); песната „Зборувај за Скопје“ на компилациското CD издание „Песни на мојата младост – Тодор Бојаџиев“ од 2009 година во издание на Музичкиот издавачки центар и Сојузот на композитори на Македонија (непознат сериски број); песната „Далечен крај“ на компилациското CD издание „Драган Ѓаконовски – Шпато / од авторскиот албум“ во 2011 година во издание на СОКОМ (без сериски број). За одбележување е и тоа што две песни на Нина Спирова („Лулела е Јана“ и „Бог да бие, кој прв спомна“) се наоѓаат на компилациските CD изданија „Stari filigrani iz Makedonije“ (3 и 4), во издание на PGP RTS.

Нина Спирова од музичката сцена со повлекуваше тивко и ненаметливо, скромно и едноставно, онака, како што цел живот живееше. Во 80-тите години од минатиот век живееше премногу скромно во сутерен во Земун. Повторно живееше од песната, настапувајќи во белградскиот хотел „Славија“ со оркестарот на Ljubiša Kilibarda, потоа во локалот „Романтиар“… Восхитувајќи се на стиховите на Pablo Neruda, читајќи ги делата на Hermann Hesse, Нина одвреме-навреме ќе се појавеше во некое југословенско списание со интервју, колку да ги потсети нејзините слушатели дека сѐ уште е тука, меѓу нив. Нина никогаш не „заврти“ ни еден телефонски број, за да даде до знаење некому дека постои и дека е тука. Таа секогаш чекаше да ѝ се јават, да ја повикаат, да ѝ понудат песна…Едноставно, Нина беше таква – скромна, а величенствена!

Нина Спирова почина на 11 септември 2020 година. Македонските медиуми и портали, без да проверат сигурни информации, објавија вест дека починала во Филаделфија, САД. Благодарение на новинарката Христина Ѓорѓиевска од Скопје, македонската јавност ја дозна вистината, дека Нина Спирова почина во Србија, а нејзиниот гроб се наоѓа во селото Коштуниќи, во близина на Чачак. Toa ќе биде и причина повеќе хрватскиот новинар Синан Гуџевиќ (Sinan Gudžević) на 31 август 2022 година да напише една прекрасна новинарска сторија во порталот „Novosti“, за тоа како се дојде до вистината за местото на смртта на нашата Нина.

Овој напис за Нина, ќе го завршам со еден цитат, токму од текстот на Синан:

„На гробот на Нина Спирова, под името, годината на раѓање и смртта пишува „истакнат уметник“

Синан Гуџевиќ

Оваа бирократска етикета секако не е ставена да го иронизира односот на културната јавност кон големата пејачка, но покрај нејзиното име ознаката се испоставува токму таква. Спирова имаше статус на истакнат уметник во Србија, но не и во Македонија, земаше српска пензија, но не и македонска. Според Нина Спирова, македонската културна јавност имала необјасниво „damnatio memoriae“. Христина Ѓорѓиевска вели дека се распрашувала за неа во македонските структури кои се занимаваат со музика и пејачи и ѝ рекле дека ништо не знаат за неа и дека можеби не е веќе жива. Како успеа македонската и југословенска Ella Fitzgerald (таканаречена од познатиот композитор Драган Ѓаконовски – Шпато) и Edith Piaf (од многу други) да исчезне од јавноста и од меморијата? – тоа останува задача на истражувачите“.


Благодарение на Македонскиот музички регистар ВБУ, Нина сѐ уште живее и ќе живее во спомените на нејзините почитувачи и слушатели. Нејзиното портфолио на оваа веб-страна е жив сведок за нејзиното богато творештво, кое претставува траен музички белег за македонската музичка историја.

Заклучок

Нина Спирова е сведок дека патиштата на славата и успехот се непредвидливи. Одеднаш, сѐ добро тргнува и трае, а ако настане подолга пауза, луѓето сосема ќе ве заборават, или само понекогаш ќе помислат на вас. Скромно, почнувајќи од Прилеп, преку Скопје, до врвот на југословенската музичка естрада, Нина остави траен белег за македонската и југословенската музичка сцена, а градот Прилеп и Македонија имаат аманет да ѝ бидат благодарни и достоинствено да ѝ се оддолжат за сето она што таа го направи за својот род и за својата родина.


  1. Ljuboslav Kuntarić (Чаковец, 20 јуни 1925 – Волоско, 4 октомври 2016 година), бил хрватски музичар и композитор. Тој е најпознат по неговите композиции за поп музика, кои често биле наградувани на фестивали. Тој е и првиот победник на фестивалот во Загреб со композицијата „Ta tvoja ruka mala“. Компонирал повеќе од 2.000 забавни и танцови мелодии, од кои некои се „U nedilju Ane (Mali motorin)“, „Autobus Calypso“ и многу други, што му донеле победи на многу популарни музички фестивали (Загреб 1953, 1956; Мелодии на Истра и Кварнер и други). ↩︎
  2. Престижниот Опатиски фестивал е основан во 1958 година, речиси по една цела деценија, откако лесните и забавни културни жанрови биле отворено општествено и идеолошко прифатени. Анализата на културно-теориските поставки и преокупации, како и односот кон службената културна политика, била клучна за разбирање на популарноста на забавната музика во југословенското социјалистичко друштво. Почнувајќи од редовното емитување на радиските станици, како и со основањето на многубројни фестивали, забавната музика достигнува своја кулминација. Притоа, треба да се има предвид фактот дека Опатискиот фестивал делува како сејугословенски наднационален, па со самото тоа тој добива и најмногу внимание, посебно имајќи го предвид фактот дека забавната музика добива и на меѓународно значење, барем како прикладен претставник на југословенската заедница во странство. ↩︎
  3. Produkcija Gramofonskih Ploča Radio Televizije Beograd. ↩︎
  4. Кратенка за Extended Play, име со кое се нарекуваат носачите на звук, кои се премногу долги за да бидат синглови, а премногу куси за да бидат албуми. Албумите траат 25-80 минути, сингловите 5-15 минути, а EP трае 15-25 минути. За EP понекогаш се користи и изразот макси-сингл или мини-албум. ↩︎
  5. Shellac (Шелак) или „78-ки“, биле грамофонски винилни изданија со груб жлеб, кои масовно се произведувале во аудио формат во првата половина на ХХ век. Винилите од шелак биле пресувани од восочна матрица, што била направена за време на професионалното снимање. ↩︎

Користена литература

  • Adamović Vesna, „Nina Spirova, životna priča jedne od najvećih zvezda makedonske muzike: Prvi hit – Eden baknež“, Nada, 1982;
  • Бранѓолица Љубомир, „Музика – 50 години со Вас“, Скопје, 2000;
  • Buhin Anita, „Opatijski festival i razvoj zabavne glazbe u Jugoslaviji (1958-1962)“, Časopis za suvremenu povijest, vol. 48, no. 1, 2016;
  • Јовановић Д. М., „Повратак на место – успеха“, Радио TV Ревија, бр. 902, 8 јун 1984;
  • Jugoslovenski institut za novinarstvo, Godišnjak Jugoslovenske radiotelevizije, Jugoslovenska Radiotelevizija, 1965.

Интернет страници

Total
0
Shares
Related Posts