Еминем настапува за време на Концертот за храброст во Вашингтон, 11 ноември 2014 година. DoD News Фотографија од EJ Hersom

Музичкото видео за „Худини“ од Еминем привлекува внимание

На 31 мај 2024 Еминем (Eminem) го објави првиот сингл со назив „Худини“ (Houdini) од неговиот следен албум „Смртта на Слим Шејди“ (The Death of Slim Shady) што е најавен за ова лето, 2024.

Песната но и музичкото видео за песната се своевидно продолжение на ултра популарната (скоро две милијарди прегледи на Јутуб) „Without me“ (Се чита: Видаутми, а во превод значи „Без мене“) објавена во јуни 2009.

Не е тешко да се забележи дека музичкото видео за „Худини“ ја следи естетиката на „Видаутми“ на сите нивоа. Постојат многу асоцијациите кон стариот хит.

За толкувањето на текстот па и деталите со кои е зачинето музичкото видео, кое изобилува со безброј асоцијации за историјата на Еминем но и брутално искрени пораки за девијациите на модерниот свет во кој живееме во 2024 година, потребен е различен формат од овој на написов. Затоа, во овој текст само ќе го изразам мојот став дека ова музичко видео заедно со новиот сингл на Еминем, „Худини“ е ремек-дело во светот на популарната хип-хоп музика и светот на музичките видеа.

„Худини“ (Houdini) Објавена на 31 мај, 2024
“Без мене” (Without me) објавена пред 14 години на 19 јуни 2009

Еден слој од приказната во музичкото видео раскажува и за личната борба на Еминем од пред две децении и оној денес. Ментална борба што се буди кај секој човечки идентитет откако ќе стекне искуство и сензации што му ги менуваат личните ставови за многу аспекти од животот. Борбата на Еминем од 2024 година со Слим Шејди од 2002 кој преку временски портал патува во иднината има одлична визуелизација во музичкото видео.
Во овој контекст би сакал да потсетам на една одлично спакувана локална реализација на сличен концепт.
Македонскиот хип-хоп изведувач Тонио Сан (Tonyo San) во синглот „Дума“ и неговото музичко видео достапно на Јутуб од септември 2022 го аплицира сличниот концепт.

Јас го чекам моментот кога мистер Хајд од 2009 година „ќе пукне“ во денешниот добро нахранетиот и сит Слаткаристика кој ќе реализира сингл и музичко видео во сличен стил како ова на Еминем за песната „Худини“.
Можеби таа песна и музичко видео нема да бидат најдобри за бизнисот, како што тоа е песната „Казна“ од албумот „Албум“ на Калиопи објавен неодамна, во која Слаткаристика има своја улога, но ќе ги наполни срцата на сите оние што имаат критички ставови за трендовите на денешницата во која на пример, се делат пехари и само за партиципација во натпревар во кој треба да покажеш вештина и квалитет.

Можеби оваа песна и музичко видео на Еминем, ќе биде дополнителна инспирација за некоја од идните песни на Слаткарот во која ќе зборува многу повеќе срцето, а помалку Екселот (MS Excel).

Во моментот на пишување на овој текст (5 јуни 2024, само 5 дена по неговото објавување) музичкото видео на Јутуб (YouTube) брои преку 42 милиони прегледи. Ако овој тренд продолжи, извесно е дека бројчаникот на Јутуб за песната „Худини“ на Еминем, ќе треба да брои во милијарди.

Total
0
Shares
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Слични написи