Спотифај ги објави промените во моделот на монетизација за 2024

Во октомври 2023 Спотифај (Spotify) најави дека од 2024 година ќе промени дел од моделот за монетизација. Промените се однесуваат на начинот на кој сопствениците на правата ќе можат да бидат исплатени за преслушувањето (streaming) на музиката или на поткастите. На 21 ноевмри 2023 преку нивната објава во форма на напис поставен на својот блог (англиска верзија) платформата и официјално сподели повеќе детали.

Во медиумите веќе имаше најава за промената на моделот за монетизација со неофицијални бројки за некои од најавените премени. Веќе знаевме дека Спотифај идентификува три слабости кои се причина за „истекување“ на средствата и сподели кои се мерките кои ќе ги преземат за да се надминат овие слабости.

Благодарение на ова и официјално знаеме која е номенклатурата која ќе ја користи Спотифај, но и официјалните причини поради кои се применуваат.

Вештачки стримови (Artificial Streaming)

Еден од неприродните начини на заработка од Спотифај е со вештачки стрим (artificial stream) на музика. Овие преслушувања вообичаено доаѓаат од трети сервиси. На овие платформи се користат скрипти и разни ботови за генерирање на преслушувања. Спотифај и досега имаше можност за откривање на овие стримови, тоа што сега се менува се најавените казни.

Дистрибутерите и издавачите на музика ќе бидат казнувани за секоја песна кај која се забележани неприродни стримови. Идејата е да се обесхрабрат пред сѐ дистрибутерите и издавачите да објавуваат вакви песни на платформите.

Исплати загубени во системот (Payments Lost in the System)

Десетици милиони песни на Спотифај имаат помеѓу 1 и 1000 преслушувања месечно. Просечно овие песни заработуваат околу 0,03 долари месечно. Од друга страна, издавачите и дистрибутерите не исплаќаат под определени суми. Оваа минимална сума се разликува од издавач до издавач, но често е помеѓу 2 и 50 долари. Од друга страна и банките наплаќаат услуги за трансакција кои вообичаено изнесуваат од 1 до 20 долари. Поради ова најголем дел од овие средства никогаш не стигнуваат до авторите, туку остануваат како што вели Спотифај загубени во системот.

Можеби овие суми се мали за секоја содржина поединечно, но кога овие суми ќе се соберат на годишно ниво тоа изнесува околу 40 милиони американски долари.

Најавата за минимален број на стримови пред песната да добие право за наплата ќе биде 1000 стримови во претходната година. Иако Спотифај и самиот потврди дека на платформата има над 100 милиони песни и десетици милиони кои се стримани под 1000 пати годишно, на овие песни отпаѓаат 0,5 отсто од сите стримови на платформата. Наместо да одделува средства за овие песни Спотифај сега ќе ги собере овие средства и ќе ги префрли во „базенот“ за монетизација на оние кои ги исполнуваат условите.

Песни/звуци кои се шум – (Gaming the System with Noise)

Не сите поставени содржини се на Спотифај се музика или поткаст. Дел од слушателите често користат таканаречени функционални звуци, на пример „бел шум“, звуци на китови и слично. Слушателите често ги оставаат овие траки да работат со часови. За жал злонамерниците пронашле начин да го злоупотребат системот. За да соберат што е можно повеќе средства креираат содржини што се исклучително кратки. Потоа креираат плејлисти со голем број такви содржини. На пример листи кои траат со часови составени од „песни“ по 30 секунди.

Промените што ги најави Спотифај во нивниот модел за монетизација што ќе бидат воспоставени од следната година (2024) се однесуваат на должината на овие содржини. Минималната должина ќе биде 2 минути. Спотифај најави дека содржините под оваа должина нема да носат никаква заработувачка/монетизација. Ова се однесува исклучиво на функционалните содржините/звуците како бел шум, звуци од машинерија, звуци од природа, тишина и слични звуци.

Ова значително ќе ја намали заработката на песните и ќе ги спречи злонамерниците во претерано „сечење“ и „лепење“ на песните.

Total
0
Shares
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Слични написи