Зарина Првасевда најдобар нов талент на Upbeat

Zarina Prvasevda Upbeat

Македонската пејачка Зарина Првасевда ја освои наградата за „Најдобар нов талент“ на европската платформа Upbeat. Наградата ја освои во конкуренција со 10 исклучително талентирани кандидати. Освен Зарина, дел од номинираните претставници кои доаѓаат од Македонија, беа и Перија.

Покрај македонските претставници номинирани беа и Дева (Деvа) – Унгарија, Дуо Руут (Duo Ruut) – Естонија, Ердофу Бенд (Erdőfű Band) – Унгарија, Jулија Козакова (Júlia Kozáková) – Словачка, Ленхарт Тејпс (Lenhart Tapes) – Србија, Магали Саре и Манел Фортиа (Magalí Sare & Manel Fortià) – Шпанија / Каталонија, Суоно Дaјере (Suonno D’Ajere) – Италија и Вернихора (Wernyhora) – Полска.

Изборот за најдобар нов талент го направи публиката, која со онлајн гласање ја одбра Зарина Првасевда.

„Воодушевени сме што по пребројувањето на гласовите може да објавиме дека Зарина Првасевда, нова македонска пејачка, ја доби наградата Најдобар нов талент на UPBEAT. Духовната интерпретација на Зарина на нејзиното народно наследство и отвореноста кон глобалните влијанија неодамна ја воодушеви публиката на BALKAN:MOST, SHIP и A38 во Будимпешта.

Како дел од Наградата за најдобар нов талент на UPBEAT 2023 ќе снима со Blogotheque на нивното славно Take Away Show.

Како победник ќе има можност и да настапи на годинешната енергична и единствена PIN конференција и шоукејс фестивал во Скопје“

Зарина Првасевда изведува македонска и светска традиционална музика. Досега има соработувано со музичари од целиот светот. Дел од музиката на Зарина е и за различни филмски проекти. Балансирајќи го своето раскошно наследство со автентичното самоизразување, Зарина Првасевда го претстави својот одличен вокал на нејзиниот деби и засега единствен албум „Ехо“.

Нејзината вокална техника е вкоренета во источноевропските и ориенталните традиции, кои ги комбинира со инструментална и ритмичка разноврсност. Песните на албумот се со срдечен и свеж поглед кон македонското наследство. Албумот „Ехо“ содржи единаесет традиционални песни на четири различни јазици. Како уметник не го ограничува својот ангажман со музиката, покрај жанровски вкрстувачките уметнички соработки и доближувањето на македонското наследство до пошироката публика. Зарина е позната и по тоа што се приклучи на напорите Шар Планина да се прогласи за национален парк.

„Доаѓајќи од мала држава, патот до видливоста е несомнено потежок, но мојата верба, труд и напорна работа, благодарение и на поддршката од страна на платформите како што е UPBEAT кои успеваат да ги воочат, на крај се исплатат. Оваа награда е големо достигнување за мене и за мојата држава. Благодарение на сите добри луѓе кои гласаа, благодарение на UPBEAT, ние одиме напред со уште повеќе музика која ја топли душата, онаа која се размножува кога ја споделувам“.

изјави Зарина Првасевда

Љубителите на музиката од Македонија ќе имаат можност да ја слушнат и видат Зарина, на претстоечкиот PIN фестивал. Настанот е закажат од 30 ноември до 2 декември во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Што е UPBEAT

UPBEAT e европска шоукејс платформа за светска музика. Платформата е своевидна алијанса на фестивали кои заедно работат да им помогнат на новите и талентирани музичари кои свират светска музика.

Иницијативата е проект за меѓународна платформа координирана од Хангвето (Hangvető) со седиште во Будимпешта и ко-финансирана од програмата за Креативна Европа од страна на Европската комисија.

UPBEAT моментално брои 14 престижни членови како „AtoJazZ“ фестивалот, „Tallinn Music Week“ или „BudapestRitmo“. Платформата треба да биде своевидна етикета за квалитет и професионална мрежа, поддржувајќи ги новите уметници преку своите членови. Членовите на UPBEAT добиваат поддршка за водење на претстојни артисти, со што се отвора пат за музика инспирирана од културното наследство, музика на разновидни и оригинални јазици која е засенета од мејнстрим сцената.

Total
0
Shares
1 comments
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Слични написи