Популарната платформа за преслушување (streaming) музика Спотифај (Spotify), додаде нова функционалност – персонализирана продавница: Spotify Merch. Новата функционалност ќе им овозможи на корисниците да купуваат брендирани производи од своите омилени музички ѕвезди.
Досега обожавателите за да ги пронајдат производите мораа да одат на страницата на профилите на артистите. Сега има централна продавница во која се поместени сите производи. Препораките за производите се генерираат автоматски врз база на музиката или содржината која ја слуша корисникот. Тука на куп се поставени сите производи кои би можеле да го интересираат корисникот.
Штом забележите некој производ кој ви се допаѓа може да го одберете и ќе ја отворите страницата на производот. Благодарение на партнерството со Шопифај (Shopify) артистите имаат сопствени Spotify продавници.
Што се однесува до производите, главно се брендирани парчиња облека и дигитални или физички музички изданија. Носењето на брендирана облека од омилените бендови или музичари и историски е дел од музичката култура. Spotify го овозможуваше ова и претходно, но пронаоѓањето на производите беше покомплицирано.
Продавницата иако е центар за продажба нема едноставен начин за пристап до неа. Ако сакате да ја пронајдете најпрво во полето за пребарување треба да побарате „Merch“, а потоа да го одберете како музички жанр. Ова секако е чудно и веројатно ќе биде изведено подобро во иднина. Во дел од материјалите кои ги сподели Spotify „Merch“ е додаден како посебен таб до „Music“ и „Events“, но барем засега не е достапен на Андоид (Android) и веб-апликацијата.
Идејата на Spotify за новата продавница е да додаде нов канал за заработка на музичарите. Со ова платформата би можела да биде централна локација за музика и сѐ поврзано со неа.
Поврзувањето на слушателите со начин на кој ќе можат да покажат кои се нивните омилени музички ѕвезди и можноста да ги поддржат музичарите кои ги сакаат е клучно за наштата мисија да им овозможиме на музичарите да живеат од својата музика. Минатата година, откако ги видоа „wrapped“-резултатите, слушателите надојдоа да купуваат облека (merch), што доведе до најголемата продажба на брендирана роба во историјата на Spotify
објави платформата на својот блог.
Во целиот музички екосистем, Spotify има уникатна положба на предводник. Платформата е дел од музичките предводници кои го револуционеризират музичкото искуство и начинот на кој обожавателите може да се поврзат со музичарите. Отворањето на „Merch Hub“ е повеќе од поудобен начин за купување на производи. Spotify се надева дека ќе успее да го промени начинот на кој музичките ентузијасти ги поддржуваат своите миленци.
Спојот на персонализација, технологија, можноста да се поддржат артистите може Spotify да го подигне на повисоко ниво од платформа за стрим на музика. Новиот пристап со Spotify Merch не само што им овозможува на фановите да се „накитат“ со обележја на своите музички страсти, туку на артистите им овозможува дополнителна заработка. Со оглед на тоа дека во просек артистите заработуваат помеѓу 0.003 и 0.005 американски долари од стрим (од три до пет долари американски долари за илјада стримови) секој дополнителен извор на заработка ќе биде добредојден.
За 15 ноември 2023 е најавен Spotify Wrapped, и додека чекаме да ги видиме податоците и како ќе влијае на продажбата, Spotify веќе објави дека ќе има повеќе производи во продавницата за годинешното издание на Wrapped.