„Пустоно лудо и младо“ – „Сребрените гривни“ (1970)

Сребрените гривни“ е една од култните бугарски рок групи од втората половина на минатиот век, кои во времето на цензурата во Бугарија, кога беше забрането да се слушаат радио станиците „Гласот на Америка“ и „Слободна Европа“, восхитени од музиката пренесувана преку радио брановите на „Радио Луксембург“, ги поставуваат темелите на рок музиката во Бугарија.

Групата е формирана во Софија од Валентин Стефанов и Александар Петрунов во 1962 година. Подоцна им се приклучуваат и Трошан Владовски и Жорж Јан Банов. Во почетокот свиреле кавери од The Shadows и The Kinks. Со вклучувањето на Борис Гуџунов во групата, започнуваат да се прават обработки на бугарски народни традиционални песни во етно-рок стил. Откако започнуваат да музицираат со овој стил, групата станува исклучително популарна во Бугарија, но и во Советскиот Сојуз.

Песната „Пустоно лудо и младо“ е една од двете нумери која се наоѓа на нивното единствено самостојно ЕР издание од 1970 година, издадено за издавачката куќа „Балкантон“. На ова ЕР, двете нумери ги исполнува извонредниот вокалист Георги Минчев. Обработката на „Пустоно лудо и младо“ во нов аранжман ја направил Георги Станков. Според бугарската рок-енциклопедија „АБВ на попмузиката“, оваа песна е ставена во жанр: психоделичен рок, поп-рок, бит-рок.

Оваа песна била редовно на репертоарот на „Сребрените гривни“, особено кога се наоѓале на летни турнеи по Црно Море. Покрај што била свирена на забавите, публиката редовно ја слушала и во клубот на читалната „Христо Ботев“, каде што бендот неколку пати неделно правел проби.

Бендот се соочувал и со непријатности кога ја исполнувале оваа нумера, зашто постарите љубители на музиката, сметале дека преработките на традиционалните песни во нов призвук (западен!), ги „расипува“ песните и ја омаловажува културата на еден народ. Освен тоа, режимските списанија пишувале дека на ваков начин, со ваков приказ на оваа традиционална песна, „Гривните“ негативно влјаат на напредната социјалистичка младина на Бугарија.

Како и да е, музиката и песните на „Сребрените гривни“ останале запишани во историјата на бугарската поп и рок музика. Песната „Пустоно лудо и младо“ ставена е и на неколку компилации, а неодамна еден од членовите на бендот (Валентин Стефанов) отвори и свој YouTube канал, каде ги постави речиси сите песни на „Сребрените гривни“, со што нивните фанови се потсетија на едни стари и убави времиња.

Total
0
Shares
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Слични написи